Вести
Австралија ќе ја брани титулата на Азискиот фудбалски куп
Азискиот фудбалски куп треба да почне утре во Обединетите Арапски Емирати. Ова е најголемо азиско фудбалско првенство досега, а бројот на репрезентациите е зголемен од 16 на 24.
Австралија ќе брани титулата освоена на првенството во 2015 на домашен терен. За фаворит се смета Јапонија, која освои најдобар резултат од азиските држави на ланското Светско првенство. Иран, кој е најдобро рангираната азиска држава според ФИФА, исто така е еден од фаворитите за титулата.
Овој Азиски куп се одржува во време на големи регионални тензии. Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Саудиска Арабија во 2016 година ги прекинаа дипломатските односи со Катар.
Саудиска Арабија и Катар, кој е домаќин на Светското фудбалско првенство во 2022, ќе се сретнат во групната фаза.
Неколку светски познати тренери се селектори на азиските репрезентации. Свен Горан Ериксон е селектор на Филипините, а Марчело Липи, кој со Италија стана светски шампион во 2006 година, сега е селектор на Кина.
Финалето ќе се игра на 1 февруари во Абу Даби.
види ги сите денешни вести
Падна француската влада
Францускиот парламент на 4 декември и изгласа недоверба на владата предводена од премиерот Мишел Барние.
За недоверба на владата и изгласаа 331 пратеник, значително повеќе од потребното мнозинство од 288 гласа.
Дебаклот на француската влада следува по одлуката на претседателот Емануел Макрон да го распушти парламентот во јуни, што доведе до предвремени избори.
Тие избори резултираа со парламент поделен на три приближно еднакви групи без јасно мнозинство.
Ова значеше дека малцинската центристичка влада под Мишел Барние беше на милост и немилост на левичарската алијанса Нов народен фронт (НФП) и екстремно десничарскиот Национален собир (РН), кои заедно имаа доволно пратеници за да ја соборат од власт.
Барние во понеделникот најави дека за да избегне гласање во парламентот, ќе го протурка делот од буџетот поврзан со социјалното осигурување преку посебна процедура.
Оваа постапка, пак, им овозможи на пратениците од опозицијата да иницираат гласање за недоверба.
Лидерката на француската екстремна десница Марин Ле Пен по изгласувањето недоверба на владата изјави дека расте притисокот врз претседателот на земјата, но дека таа засега не бара оставка од Макрон.
Таа рече дека екстремната десница има одредени барања за поддршка за можнниот наследник на Барние, но и дека ќе му дозволи на следниот премиер да ја преземе работата.
Жан-Лук Меланшон, кој ја предводи екстремно левичарската партија „Франција неосвоена“ (LFI), која е дел од поширокиот левичарски сојуз, го изрази своето задоволство од падот на владата.
„Дури и со нов Барние на секои три месеци, Макрон нема да издржи три години“, додаде тој, мислејќи на преостанатото време на претседателот Макрон на функцијата.
Нови избори уставно не се можни пред јуни, а Макрон сега ќе се соочи со голем предизвик во именување на нова влада во парламентот кој е поделен повеќе од кога било, како и со повиците за негова оставка.
Како што објави Ројтерс, Макрон има намера брзо да назначи нов премиер.
Еден од изворите за Ројтерс изјави дека Макрон се надева дека ќе има некого веќе на 7 декември, кога новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе биде во Париз, на отворањето на црквата Нотр Дам.
Притвор за осомничен за семејно насилство побара Обвинителство
Скопското обвинителство побара мерка притвор за осомничен за семејно насилство поради опасност од бегство. Во соопштението на Обвинителството е наведено дека е поведена постапка против осомничен за кривично дело- нанесување на телесна повреда. Осомничениот скопјанец на 1 декември во семејниот дом во селото Љубанци, при вршење семејно насилство, телесно ја повредил неговата поранешна сопруга со која по разводот на бракот продолжиле да живеат во заедничко домаќинство.
„По вербална расправија меѓу двајцата, осомничениот со рацете ја зграпчил за вратот и ја стегал, продолжил со тупаници да ја удира по главата, нанесувајќи и телесни повреди изразени во вид на набиеници на главата и вратот“, се вели во соопштнието.
Судската статистика за минатата година покажува дека од вкупно 120 предмети кои се однесуваат на кривичните дела „нанесување телесна повреда при вршење семејно насилство“ и „загрозување на сигурноста при вршење на семејно насилство“, 28 завршиле со откажување од постапката, 32 со затворска казна, 45 со условна казна, а останатите со условна казна во која следува или заштитен надзор или психијатриско лекување.
При израелски напади во Газа загинале најмалку 47 лица, велат палестинските лекари
Израелски тенкови на 4 декември навлегоа во северните делови на областа Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, додека израелските воздушни напади убиле најмалку 47 луѓе низ целата територија, велат палестинските здравствени власти.
Жителите рекоа дека тенковите напредувале еден ден откако израелската армија издаде нови наредби за евакуација, велејќи дека палестинските милитанти истрелале ракети од областа.
Палестински и официјални претставници на Обединетите нации велат дека нема безбедни области во Појасот Газа и повеќето од 2,3 милиони жители на крајбрежната енклава постојано се раселени.
Во израелски воздушен напад врз населба во Ал-Маваси загинаа најмалку 17 лица, соопштија здравствените работници. Службите за итни случаи соопштија дека во нападот биле запалени неколку шатори во кои биле сместени раселените семејства.
Уште еден израелски воздушен напад погоди три куќи во градот Газа, при што загинаа најмалку 10 лица, а многу други беа повредени, објавија службите за итни случаи на територијата контролирана од Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.
Лекарите соопштија дека 11 лица загинале во три воздушни напади врз области во централниот дел на Појасот Газа, меѓу кои шест деца и еден лекар. Израелската армија се уште не ги коментираше изјавите на палестинските лекари.
По пад од шести кат, 69 годишна жена загина, а 9-годишно дете е на интезивна нега во стабилна состојна
Возрасна жена загина, а деветгодишно дете е потешко повредено, откако на 3 декември паднале од шестиот кат на зграда во скопската општина Кисела Вода, соопшти Министерството за внатрешни работи. Според полицискиот билтен, 69 годишната жена починала веднаш по падот по здобиените повреди, додека детето веднаш било пренесено во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на помош. Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Директорот на Клиниката за детска хирургија Лазо Јовчески во изјава за медиумите истакнува дека детето е на интензивна нега, има повеќе повреди и скрешеници но, како што вели, засега нема потреба од хируршка интревенција.
„Има повреди и скршеници на повеќе системи и органи, почнувајќи од главата, рамото, повреди на белите дробови, фрактури на ребрата и карлицата. Дише самостојно, со кислородна поддршка и засега нема индикации дека е потребен оперативен зафат,“ изјави д-р Јовчески за ТВ Телма.
Засега нема детали за причините на несреќата.
НАТО ја обвинува Русија дека ја поддржува нуклеарната програма на Северна Кореја
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте ја обвини Русија дека ги поддржува ракетните и нуклеарните програми на Северна Кореја во замена за војници и оружје.
„Овие случувања би можеле да го дестабилизираат Корејскиот Полуостров, па дури и да ги загрозат Соединетите Држави“, рече Руте на 4 декември по дводневниот состанок на членките на алијансата во Брисел проектили кои исто така би можеле да стигнат до САД.
Руте не даде никакви детали за разузнавачките информации на НАТО околу ова прашање, јавува германската новинска агенција ДПА.
Минатиот месец, Северна Кореја и Русија го ратификуваа „одбранбениот договор“ со што е потврдено нивното зближување поради руската војна во Украина. Договорот го формализира повеќемесечното продлабочување на безбедносната соработка меѓу двете земји.
Во последниве месеци, Ким Јонг Ун им даде приоритет на односите со Москва во обид да излезе од меѓународната изолација и да ја зајакне сопствената позиција, постојано поддржувајќи ја војната на Путин во Украина и претставувајќи ја Северна Кореја како дел од обединет фронт против Вашингтон.
Според украинските власти, околу 11 000 севернокорејски војници веќе се распоредени во Русија и почнале да се борат против Украинците на руска територија, во областа Курск.
Српскиот предлог-законот за странски агенти ги става под прашање европските аспирациите на Белград
Српските пратеници почнаа да размислуваат за предлог-законот доставен до парламентот со кој ќе се формира регистар на „странски агенти“, потег што може да ја оддалечи Србија од нејзините амбиции за ЕУ.
Инициран од членовите на „Движењето на социјалистите“, предводено од прорускиот вицепремиер Александар Вулин, нацрт-законот има за цел да ги регулира организациите и поединците кои добиваат повеќе од 50 отсто од своето финансирање од странски извори.
Поддржувачите на законот тврдат дека тој има за цел да обезбеди поголема транспарентност во невладиниот сектор. Тие тврдат дека некои организации финансирани од странство работат против националните интереси на Србија.
Предлог-законот во Собранието беше поднесен на 29 ноември од пратениците Ѓорѓе Комленски и Бојан Торбица, објави белградскиот весник „Данас“.
Сепак, српските и странските организации предупредуваат дека таквиот закон може да ги стигматизира граѓанските организации, да го попречи нивното работење и да ја ограничи слободата на изразување.
„Овој предлог закон претставува сериозна и директна закана за граѓанските организации, загрозувајќи ја нивната улога во заштитата на демократските вредности, човековите права и европската интеграција“, се вели во соопштението на Економскиот и социјалниот комитет на ЕУ.
Во него е посочено дека како и со слични иницијативи во другите земји-кандидати, како што е случајот со Грузија, таквото законодавство е некомпатибилно со фундаменталните вредности на Европската унија, кои од Србија, како земја-кандидат за ЕУ, се очекува да ги поддржува.
Регионалниот тренд кон усвојување на такви закони, законодавство кое го отсликува рускиот закон и често е водено од проруски политички сили, ја нагласува пошироката геополитичка борба на Балканот.
Неколку земји во регионот се наоѓаат во ситуација кога се обидуваат да ги балансираат историските врски со Русија и нивните аспирации за европска интеграција.
Србија, заедно со Црна Гора, се смета за фаворит во процесот на пристапување во ЕУ. Меѓутоа, за да се постигне членство, земјите кандидати мора да ги усогласат своите закони, политики, институции и практики со стандардите на ЕУ.
Секое законодавство кое се смета за потиснување на граѓанските слободи, рече ЕУ, може да го загрози овој напредок.
Во Црна Гора, сличен нацрт-закон беше предложен во октомври од страна на коалицијата „За иднината на Црна Гора“, која вклучува проруски партии како „Новата српска демократија“ и „Демократската народна партија“.
Предлог-законот во Србија е исто така надополнет со дополнителни контроверзии поради неговото потекло.
Вицепремиерот Вулин, верен сојузник на Русија, го позиционираше предлог-законот како мерка за транспарентност, споредувајќи го со Законот за регистрација на странски агенти на САД (ФАРА). Сепак, српската опозиција и меѓународните набљудувачи тврдат дека нацрт-законот поблиску наликува на рестриктивното законодавство во Русија.
Блиските врски на Вулин со Москва, нагласени со честите посети и неговата улога во координирањето на активностите на Србија поврзани со БРИКС, го привлекоа меѓународното внимание.
Во 2023 година, тој беше ставен под санкции на САД поради наводно олеснување на руските активности на Балканот. Критичарите сметаат дека предложениот закон е усогласен со моделот на Москва да ги заглави независните граѓански организации и да го ограничи несогласувањето.
Пашинијан предложи проширување на ерменскиот јаз со Русија
Ерменскиот премиер Никол Пашинијан на 4 декември во парламентот изјави дека Ереван ефективно ја поминал „точката од која нема враќање“ во врска со неговата реинтеграција во воената алијанса предводена од Русија.
Неговата изјава дојде како одговор на неодамнешните изјави на рускиот претседател Владимир Путин, кој тврдеше дека Организацијата на договорот за колективна безбедност не може да интервенира во војната меѓу Ерменија и Азербејџан во 2020 година за отцепениот регион Нагорно-Карабах, бидејќи тоа не се случило на ерменска територија.
„Со сета почит кон рускиот претседател, оваа изјава ги истакнува фундаменталните прашања во рамките на Организацијата“, рече Пашинијан.
Неговите коментари ги нагласија растечките тензии меѓу Ерменија и Организацијата, означувајќи клучна промена во безбедносната динамика во регионот.
Односот меѓу Ерменија и Организацијата е „затегнат“ веќе извесно време, особено по упадот на азербејџанските сили на суверена територија на Ерменија во 2022 година.
Ереван ја обвини Организацијата дека не ја исполни својата посветеност да брани земја-членка, иако Ерменија ја истакна непосредната закана за нејзините сојузници. Според Пашинијан, првичните гаранции од сојузниците на Организацијата дека границите на Ерменија се „црвена линија“ подоцна биле отфрлени како двосмислени тврдења за недефинирани граници.
„Кога се случи агресијата, рековме дека црвената линија е помината. Тие одговорија велејќи: „Па, границата не е официјално разграничена“, рече Пашинијан, нагласувајќи дека нема јасен одговор од алијансата.
Ерменските власти, исто така, ги критикуваа руските мировници за неуспехот да ја спречат брзата офанзива на Азербејџан во Нагорно-Карабах во септември 2023 година, што на крајот резултираше со тоа што Азербејџан ја врати контролата врз регионот по речиси три децении владеење на етничките Ерменци.
Овој недостаток на акција доведе до одлука на Ереван да го замрзне своето учество во активностите на оваа Организација. Ерменија не присуствуваше на состанокот на Советот за колективна безбедност на Организацијата на 28 ноември во Казахстан и ги прескокна заедничките воени вежби и други состаноци. Сепак, таа официјално не се повлече од Организацијата.
Белорусија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан се исто така земји-членки на Организацијата за договорот за колективна безбедност.
Генералниот секретар на Организацијата, Имангали Тасмагамбетов од Казахстан, го минимизира отсуството на Ерменија, наведувајќи дека тоа не влијае на севкупната ефикасност на алијансата. Тој на 4 декември повтори дека Ерменија останува формален сојузник и дека за тоа нема забелешки или пречки од другите земји-членки.
И покрај овие уверувања, критиките на Ерменија за неактивноста на Организацијата наспроти азербејџанските воени потези поттикнаа поширока дебата за веродостојноста на алијансата. Многумина во Ерменија гледаат на колебливоста на Организацијата како знак на нејзиното слабеење во справувањето со безбедносните предизвици во регионот.
Зголемената критика на Ерменија кон Организацијата и нејзиното стратешко вртење кон другите меѓународни партнери укажуваат на слабеење на зависноста од безбедносните структури предводени од Русија.
Руски високи фунцкионери директно вклучени во депортација на украински деца
Високи руски власти, вклучително и претседателот Владимир Путин, биле директно вклучени во наредбата за присилно пренесување, згрижување и подоцна посвојување на украинските деца иселени од воените зони и окупираните региони на Украина, открија американски истражувачи.
Во извештајот објавен на 3 декември, истражувачите од Универзитетот Јеил соопштија дека најмалку 314 деца од Украина биле предмет на „систематска програма на принудно посвојување и згрижување“ од страна на руски поединци и семејства.
„Руската Федерација се вклучи во систематско, намерно и широко распространето принудно посвојување и префрлање на деца од Украина.Операцијата беше иницирана од Путин и неговите подредени со намера да ги „русифицираат“ децата од Украина“, се вели во извештајот.
Во него се посочени голем број докази кои укажуваат на можна вина за воени злосторства од страна на Путин и другите високи функционери.
Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Путин во март 2023 година за „воено злосторство-незаконско депортирање“ и „незаконско пренесување“ на деца од украинска територија во Русија. Обвинета беше и комесарката за правата на децата во Кремљ, Марија Лвова-Белова.
Истражувачите од лабораторијата за хуманитарни истражувања на Универзитетот Јеил, чија работа е делумно поддржана од Стејт департментот на САД, рекоа дека во својот извештај документирале докази кои датираат од 2022 година па наваму:
- Авионите регистрирани во руските воздухопловни сили и претседателската канцеларија биле користени за прелетување деца во Русија;
- Украинските деца биле носени во Русија со месеци, се запишувале во руски училишта, а потоа биле наведени во базите на податоци за сместување деца;
- Некои украински деца се појавуваат во руските бази на податоци како да се родени во Русија, а не во Украина;
- Руските граѓани кои преземале законско старателство на украински малолетници добиле „овластување“ да аплицираат за руско државјанство за децата во кои се под нивно старателство;
- Украинските деца биле подложени на „проруско превоспитување“ во руските државни институции.
Поголемиот дел од децата од Украина кои се наведени во руските бази на податоци, се вели во извештајот, биле земени од Доњецк, источноукраински регион кој е делумно окупиран од руските и руските сојузнички сили од 2014 година.
Кремљ прогласи анексија на регионот Доњецк и три други украински региони, Луганск, Запорожје и Херсон, како и Кримскиот Полуостров. Само Сирија и Северна Кореја го признаа овој потег.
Руските власти често ги прикажуваат нивните напори како хуманитарен гест, засолниште, хранење или заштита на децата од војна во окупираните региони. Меѓутоа, во многу случаи, руските власти направија малку за да ги идентификуваат родителите или роднините или законските старатели на украинските деца.
Украинските официјални лица, новинари и активисти на граѓанското општество, во меѓувреме, исто така собраа значителни докази за државната поддршка за префрлање и депортирање на деца надвор од Украина.
Во многу случаи, напорите ја оптоварија руската и онака преоптоварена инфраструктура за социјална заштита. Стотици украински деца беа префрлени од окупираните украински региони и испратени во мрежа од летни и празнични кампови во Белорусија, каде што беа изложени на проруско образование и пропаганда, открива истражувањето на РСЕ.
Според официјалните украински бројки, од 24 јули 2024 година, 19.546 деца биле депортирани од Украина во Русија од почетокот на сеопфатната инвазија на Русија во февруари 2022 година.
Украинскиот комесар за човекови права минатиот месец рече дека 1.012 деца биле вратени од Русија до денес.
САД побара достоинствено лидерство од грузиската влада по полициската бруталност на протестите
Соединетите Држави ја повикаа грузиската влада да се однесува достоинствено со демонстрантите по неколкудневните брутални мерки во Тбилиси и обвинувањата за прекумерна употреба на полициска сила, па дури и тортура од страна на полицијата.
На почетокот на 4 декември, безбедносните сили повторно употребија водени топови и солзавец за да ги растераат демонстрантите кои учествуваа во шестата последователна ноќ на протести во главниот град на Грузија, предизвикани од најавата на владејачката партија „Грузиски сон“ дека ќе ги прекине преговорите за пристап со Европската унија.
Американската амбасада во Грузија на 4 декември објави куса порака на својата Фејсбук страница, во која пишува само „Достоинствено лидерство?“
Оваа порака дојде еден ден откако со слично кратката реченица САД и порача на грузиската влада „Не обвинувајте ги другите“ во објава на Фејсбук, истакнувајќи дека „Грузискиот сон“ е тој што го запре процесот за членство во ЕУ и дека таа партија е виновна за сопирањето на стратешкото партнерство со Вашингтон.
На 4 декември, демонстрантите се преселија од централната авенија Руставели до блиската метро станица откако безбедносните сили им го блокираа пристапот до зградата на парламентот и уапсија неколку демонстранти.
Подоцна истиот ден, полицијата спроведе рации во канцелариите на неколку грузиски опозициски партии. Мета на рациите и претресите во канцелариите се оние на опозициските „Обединетото национално движење“ и „Коалицијата за промени“.
При овие претреси беше приведени двајца опозициски лидери Ника Гварамиа дел од „Коалицијата за промени“, и актвистиката Гела Хасаја, која е член на Коалицијата за промени.
Меѓу приведените е и Илија Глонти, администратор на Фејсбук платформата Даитове. Станува збор за платформа која е позната по објавување на координацијата на протестните активности, каде организаторите и учесниците споделуваат логистички детали и ажурирања за собирите.
И покрај зголемените протести, премиерот Иракли Кобахиџе одби да отстапи и се закани дека ќе ги казни политичките противници, кои ги обвинува дека стојат зад насилството што се случи на протестите.
Безбедносните сили почнаа да ги растеруваат демонстрантите собрани пред зградата на парламентот, откако Министерството за внатрешни работи соопшти дека некои од нив ги навредувале службениците за спроведување на законот и фрлале разни тапи предмети, огномети и запаливи предмети во нивна насока.
Тројца влијателни американски сенатори, копретседателот на американската Хелсиншка комисија, демократскиот сенатор Бен Кардин од Мериленд и републиканците Роџер Викер од Мисисипи и Џон Корнин од Тексас во заедничка изјава дадоа поддршка на грузиските демонстранти и ја осудуваат прекумерна употреба на насилство од страна на владата.
„Потегот на Грузискиот сон да ги напушти преговорите за членство во Европската унија е длабоко предавство на јасната и огромна желба на грузискиот народ да ги прифати европските вредности и институции“, се вели во нивната заедничка изјава.
„Ова не е однесување на влада посветена на демократски реформи и плурализам, туку на несигурен режим кој ја влече Грузија кон автократија во руски стил. Овие акции флагрантно ги кршат меѓународните демократски норми и ги поткопуваат легитимните аспирации на грузискиот народ“, се вели во соопштението.
Сириските воени сили, наводно, спречиле бунтовниците да стигнат до руска воздухопловна база
Сириските владини воени сили започнале контранапад против бунтовниците предводени од исламисти кои се приближувале до воздушната база управувана од Русија откако зазеле низа градови и го затвориле фронтот околу клучниот град Хама, објавија сириските државни медиуми.
Контраофанзивата на владините сили дојде по военто напредување во изминатите неколку дена од страна на бунтовниците предводени од исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС). Тие го освоија Алепо, најголемиот град во земјата, како и 14 централни села и градови и се приближија на 35 километри од воздухопловната база Кмеимим.
Режимот на претседателот Башар ал-Асад ја предаде воздухопловната база на Русија во 2015 година, кога Москва навлезе за да му помогне на Дамаск да ја сврти во своја полза четири годишната граѓанска војна во тој регион.
Сириската државна новинска агенција САНА соопшти дека бунтовниците на 4 декември се повлекле на околу 20 километри од Хама, четвртиот по големина град во Сирија, кој е под контрола на владата, откако владините трупи поддржани од руските воздушни напади ги соборија бунтовниците во периферијата на градот.
Сириската опсерваторија за човекови права, со седиште во Британија, рече дека бунтовниците се повлекле само 10 километри. Хама, која е клучна за одбраната на Дамаск, е порта за крајбрежните градови Тартус и Латакија, од кои првиот е дом на стратешка руска поморска база.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете