Достапни линкови

Власта бркнува сè подлабоко во џебот на граѓаните и компаниите


Граѓаните и компаниите се подготвуваат за новите давачки и трошоци кои ќе стартуваат од следната година. Економистите велат дека таканаречените даночни реформи се социјална политика која е на товар на граѓаните. Бизнисмените неколку пати бараа одложување на новите мерки.

Откако дојде на власт, актуелната влада досега ги покачи персоналниот данок, данокот за добивка, придонесите за пензиско осигурување, а не го исполни ветувањето кон бизнисмените за регистар на давачки и нивно рационализирање. Дополнително воведе и давачки за граѓаните во борбата со аерозадагувањето. Според економистите, ова не се вистински даночни реформи туку само спроведување на нова социјална политика на сметка на граѓаните. Новите давачки кои ќе стартуваат следната година уште пред почетокот на годината им задава главоболки на граѓаните, компаниите и сметководителите.

Од 2019 година ќе стартува зголемувањето на персоналниот данок, кое Владата го нарече воведување праведен данок. Поголем данок односно 18 насто ќе треба да плаќаат лицата со приход од над 90 илјади денари во месецот, како и од самостојна дејност, од авторски и сродни права и од продажба на сопствени земјоделски производи ако даночните обврзници годишно заработат над милион и осумдесет илјади денари.

Но, во целокупниот закон се опфатени и приходите кои доаѓаат од кирии, дивиденди, игри на среќа, камати од хартии од вредност, камати од заеми на физичи и правни лица и друго што ќе се даночи со единствена стапка од 15 отсто.

Ваквите измени Владата ги правдаше со нови социјални политики, односно со воведување на државна пенизија и повеќе пари за маргинализираните групи.

Првиот човек на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска неодамна изјави дека со оваа реформа ќе бидат опфатени 38 илјади луѓе, од кои 10 илјади кои имаат плати поголеми од 90 илјади денари.

„Тенденцијата на економскиот тим при Владата е да се намали јазот меѓу богатите и сиромашните, односно да ја вратиме средната класа која треба да постои во општеството во кое општествените текови треба да се движат во правилна насока. Прогресивното оданочување опфаќа многу мала бројка на засегнати лица коишто ќе бидат оданочени по оваа повисока стапка“, рече Лукаревска.

Таа смета дека со ова оданочување ќе се намали сивата економија и ќе се овозможи праведен даночен систем.

Од друга страна пак, Горан Рафајловски, експерт за меѓународно и домашно бизнис право не се согласува и додава дека ваквите измени во законот само ќе ја поттикнат сивата економија и дека ова не треба да се третира како вистинска даночна реформа.

„Да се разбереме, даночна реформа е кога ќе земете и кога целиот данок ќе го разгледате и ќе видите каде што би делувале. Даночна реформа не е да измените само еден тип на данок, кој што не задира ниту 0,5 или 0,6 отсто од вкупниот нов буџет на Р. Македонија. Не е даночна реформа кога вие не зафаќате ништо, туку зафаќате одредена категорија на луѓе. Едноставно тоа е само социјална политика, нема никаква врска со даночна реформа“, вели Рафајловски.

Од следната година придонесот за пензиско и здравствено осигурување ќе се зголеми за 0,5 отсто, како дел од реформа во пензискиот систем со цел намалување на дефицитот во Пензискиот фонд. Од овие 0,5 отсто во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување ќе одат 0,4 отсто, а во Фондот за здравствено осигурување 0,1 отсто.

Измени претрпе и законот за данок на добивка. Со предлог измените се предвидува од следната година луѓето кои земаат повисока плата од 16 просечни плати, односно имаат приходи над 5800 евра дополнително ќе се даночат со данок на добивка. Тоа значи дека основицата за придонеси и натаму ќе остане на границата од 16 просечни плати, но разликата од вкупната плата која ја добива даночниот обврзник и оваа граница која досега не беше даночена сега ќе се даночи со 10 проценти.

Во предлог измените стои дека НВО, партиите, верските заедници, сидникати и комори кои имаат приходи од членарини, донации или доброволни прилози нема да подлежат на данок, туку ќе им се даночи стопанската дејност како што е на пример кирија од недвижнини.

Во однос на дополнителните давачки, од Стопанските комори летово ја потсетија власта на неисполнетото ветување кое го даде пред изборите, а тоа е воведување на регистар на парафискални давачки. Бизнисмените изминатите години предупредуваа дека неданочните давачки кои им се наметнуваат од институциите и општините секоја година се зголемуваат и негативно се одразуваат на нивното работење и потребна е нивна рационализација. Тие на прес конфренција посочија дека од 2008 до 2016 година биле воведени вкупно 84 давачки кои се уплатуваат на буџетска сметка од кои 18 видови давачки што се вклучени во т.н. други даноци, 41 вид неданочни давачки и 25 нови глоби, со што е постигнато дополнително оптоварување на правните и физичките лица на годишно ниво.

„Како што може да се види од истражувањето, кога ќе се земат предвид и неданочни и парафискални давачки, доаѓаме до фактот дека ефективното оптоварување на стопанските субјекти е поголемо за разлика од ситуацијата кога би се анализирале само даночните давачки. Зголемувањето на бројот на неданочни и парафискални давачки е евидентно во последните години во Република Македонија. Поради тоа, намалувањето и рационализацијата на неданочните и парафискални давачки е неопходен процес, со цел создавање на поволен деловен амбиент во Република Македонија, со што би се овозможило раст на приватниот сектор кој би бил двигател на економскиот развој“, вели Анета Трајковска од Стопанската комора на Македонија.

Во предизборниот период СДСМ ветуваше дека ќе го вратат прагот за оданочување на приходи над 2 милиони денари, со што голем дел од малите фирми и граѓани кои имаат приходод 32 илјади евра годишно нема да бидат ДДВ обврзници. Но ова ветување не е исполнето, така што прагот за даночен обврзник останува 16 илјади евра.

Мерките за аерозагадување на товар на граѓаните

Освен измените во даноците, граѓаните од следната година ќе плаќаат и двојно поскап паркинг во центарот на Скопје кога ќе има загадување. Во меѓувреме се очекува и разврска околу најавата на Град Скопје за поскап паркинг за вработените во Клиничкиот центар „ Мајка Тереза“, откако неколку дена вработените протестираа.

На нивни трошок ќе биде и ставањето на еколошка налепница која како мерка ќе биде воведена за намалувањето на аерозадгадувањето. Колку ќе ги чини граѓаните црвената, жолтата и зелената налепница се уште не објавено. Казните пак за возачите кои ќе возат со несоодветна налепница се движат од 500 евра за приватни возила до 2 илјади евра за службени.

Од јануари дополнителен трошок ќе имаат и пазарчиите за вадење на лиценци. Според Законот за трговија на зелените пазари, на пазарите нема да се издаваат фискални сметки сè до влез на земјата во ЕУ, а пазарџиите, ќе работат со лиценци издадени од овластена комора. Со законот се предвидува тезги да не можат да закупат лица кои веќе остваруваат приходи, добиваат пензија или се ангажирани со договор на дело.

Поскапе водата, а се очекува и цената на струјата да се зголеми

Граѓаните годинава во дел од градовите од внатрешноста трошат повеќе пари и за вода, поради спроведувањето на законската обврска за воведување на тарифа за прочистителни отпадни води која стапи на сила во 2016 година.

Од март догодина почнува либерализацијата на пазарот на струја за домаќинствата и за малите фирми. Власта уверува дека сметките нема да пораснат, барем во наредните пет години, кога сè уште ќе има некаква државна контрола врз цените.

Владата уверува дека и по март сметките за струја ќе останат исти, опозицијата тврди дека граѓаните ќе плаќаат дури 1000 денари месечно повеќе.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG