Достапни линкови

Наместо за капитални инвестиции пари за општините


Архивска фотографија: Градежни активности на автопатот Миладиновци - Штип

Ребаланс на буџетот е неопходен откако се покажа дека до крајот на годината нема да може да се потрошат парите предвидени за капитални трошоци. Владата одлучи да врати половина од наталожените долгови на општините.

Најголемо кратење ќе има кај капиталните инвестиции, најмногу ќе се офајдат општините кои ќе добијат пари за враќање на наталожените долгови, предвидува предложениот ребаланс на буџетот. Приходите и расходите се намалуваат за по половина процент, односно за по околу 16 милиони евра, буџетскиот дефицит останува ист, односно 300 милиони евра или 2,7 отсто од БДП, а очекувањата за економски раст се намалуваат од 3,2 на 2,8 отсто.

По рекордно ниската реализација на капиталните трошоци во првите девет месеци од годинава од само 107 милиони евра, односно 27,43 отсто од предвидените 392 милиони евра за целата година, владата реши да ги намали за 92 милиони евра. Најмногу од тоа ќе се офајдат општините, на кои владата реши да им помогне така што ќе плати половина од нивните долгови, односно околу 50 милиони евра.

Професор Марија Зарезанкова Потевска вели дека со ниското ниво на капитални инвестиции се намалува и можноста за економски раст.

„За сметка на тоа парите одат во едни непродуктивни инвестиции, односно да се затворат дупки во буџетите на општините. Тоа е лош потег, но можеби тоа е едно моментално решение и нема поинаков излез да се реши таа состојба во општините, но во иднина треба да се направи една сеопфатна анализа зошто се општините во долгови, каде одат тие пари и да се направи план како понатаму“, вели таа.

Академик Абдилменаф Беџети вели ребалансот е неминовен по ваква слаба реализација на капиталните инвестиции, а алокацијата на парите за расчистување на општините од долгови во моментов е најдобро можно решение, зашто голем дел од општините се нефункционални поради наталожените долгови.

„Добро е што од една страна се презема обврска владата да ги субвенционира, но е лошо од аспект на навика. Не мислам дека ќе се послуша министерот кога вели дека ова е последно. Неколку пати беше кажано последно, но кога имате таков систем којшто на некој начин не превенира такви состојби, тешко дека тоа може декларативно да се смени“, вели Беџети, кој додава дека се потребни системски промени за да се ограничат општините да направат нови долгови.

Министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека најголемо кратење има поради забавената реализација на гасификацијата и поради откажаната изградба на новиот Клинички центар.

Од друга страна, дискутабилно е дали владата ќе успее да ги реализира и овие капитални инвестиции, со оглед на тоа што за девет месеци потрошила само 107 милиони евра, а во последните три месеци ќе треба да потроши уште над 190 милиони евра.

Професор Зарезанкова Потевска се сомнева дека тоа е можно.

„Периодот е краток, повеќе се занимаваме со политика отколку со економија. Со оглед на досегашните состојби, како се реализираа и како се гледа на капиталните инвестиции, едноставно воопшто не се размислува на тоа, сите сме преокупирани со некои други проблеми, така што не очекувам дека ќе се реализира она што е веќе зацртано и планирано. Во секој случај, мислам дека тоа се неповолни состојби за Македонија“, вели таа.

Тевдовски, пак, посочува дека досегашните искуства покажуваат дека има многу поголема реализација на капиталните трошоци во последниот квартал од годината.

„Ние, за да дојдеме до овој ребаланс, направивме состаноци со сите линиски министерства и сите буџетски корисници коишто имаат посериозни капитални инвестиции и од нив добивме уверување дека реализацијата ќе биде како што треба“, рече Тевдовски при претставувањето на ребалансот.

Тој посочува дека радува што приватниот сектор заживува и дека и со ниската реализација на капиталните инвестиции, македонската економија расте. Во однос на намалувањето на очекуваниот економски раст од 3,2 на 2,8 проценти, Тевдовски рече дека се должи на „блокадата за влез во НАТО од страна на опозицијата“.

Освен општините, со ребалансот околу 30 милиони евра ќе добијат и Фондот за здравствено, фондот за пензиско и Агенцијата за вработување.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагира дека владата, „на шверцерски начин“ далеку од очите на јавноста на нетранспарентен начин скрои ребаланс на буџет кој преставува покривање на матните бизниси и нерентабилната презадолжена економија.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG