Достапни линкови

Либерализација сега, поскапа струја за 5 години?


Илустрација: Работник во ЕВН
Илустрација: Работник во ЕВН

Од март догодина почнува либерализацијата на пазарот на струја за домаќинствата и за малите фирми. Власта уверува дека сметките нема да пораснат, барем во наредните пет години, кога сè уште ќе има некаква државна контрола врз цените.

Поголема конкуренција за подобри услуги за граѓаните или сериозно повисоки сметки за струја? Од март наредната година стапува либерализацијата на пазарот на струја за домаќинствата и за малите и средни фирми и граѓаните нема да мораат да купуваат струја од ЕВН, како сега, туку ќе може да изберат снабдувач. Но, Регулаторната комисија за енергетика веќе нема да може да ја одредува цената на струјата, која ќе зависи од пазарните услови.

Владата уверува дека и по март сметките за струја ќе останат исти, опозицијата тврди дека граѓаните ќе плаќаат дури 1000 денари месечно повеќе. Експертите велат да бидеме среќни ако цените останат исти.

Домаќинствата кои нема да изберат навреме од каде ќе добиваат струја, ќе се снабдуваат од универзален снабдувач. Владата пред неколку дена го распиша тендерот за универзален снабдувач, на кој може да конкурираат 28 лиценцирани компании, кој треба да заврши на почетокот на декември. Тие велат дека и покрај тоа што цената нема да биде регулирана, за универзален снабдувач ќе се избере фирма што ќе прикаже најниски трошоци и ќе се услови да купува домашна струја што ја произведува ЕЛЕМ во првите пет години. Регулаторната комисија, пак, ќе ја одредува цената на струјата на ЕЛЕМ. Сепак, после 5 години, сметките ќе зависат од цената на струјата на светските берзи. Во моментов ЕЛЕМ, која е државна компанија, во Македонија ја продава струјата по пониски цени од берзанските.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев, при објавата на тендерот за универзален снабдувач, рече дека ако нема добра понуда, владата може да го поништи. Идејата е конкуренцијата да донесе различни пакети за услуги, како што е во мобилната телефонија. Ако на граѓаните не им се допаѓа, може да го сменат снабдувачот.

„Ако се земе предвид дека и 40 до 50 од производството на ЕЛЕМ е доволно за задоволување на потребите на домаќинствата, тоа значи дека интересот на граѓаните е заштитен во следните пет години“, вели Анѓушев.

Од друга страна, опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека либерализацијата ќе донесе сериозно повисоки сметки за граѓаните.

Либерализацијата требаше да почне од 2016 година, но владата на ВМРО-ДПМНЕ ја одложи за од 2020 година, стравувајќи токму од зголемувањето на сметките за граѓаните. Тогаш беше соопштено дека анализите покажале дека либерализацијата ќе донесе за 1000 денари повисоки сметки.

Поранешниот заменик министер за економија Христијан Делев, вели дека тендерот за универзален снабдувач е само про-форма, затоа што ЕВН е единствената фирма која во моментов ги исполнува условите за тоа. Тој вели дека останува на ставот дека либерализацијата ќе донесе многу повисоки сметки за струја.

„Долгорочно цените за крајните потрошувачи ќе се зголемат кога тоа ќе стане вистински либерален пазар. Така што, тоа е само еден вид фама што сега се создава, еве демек правиме некаква либерализација, но условите за универзален снабдувач ги исполнува само ЕВН. Од либерализација кај домаќинствата сме се уште далеку и мислам дека тој пазар сè уште треба да биде регулиран“, вели тој.

Од друга страна, уште при претставувањето на новиот закон за енергетика минатата година, Анѓушев рече дека Регулаторната комисија за енергетика ќе ја одредува цената за користење на мрежата и сите заинтересирани компании ќе може да ја користат по иста цена.

Професор Константин Димитров вели дека треба да се радуваме ако цените го задржат сегашното ниво.

„Не очекувам поевтинување. Јас сум малку скептик, тешко да дојде до поевтинување. А, очекувам и би сакал малите комерцијални потрошувачи како канцеларии и други, да успеат да постигнат поповолни услови од сегашните“, вели тој.

Либерализацијата се турка и под притисок на Европската енергетска заедница, која смета дека главни победници ќе бидат пред сè, малите, средни и микро претпријатија, кои во моментов плаќаат индустриска струја, а сега ќе се либерализира пазарот и за нив.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG