Достапни линкови

Власта скрои најобемен буџет


Јавна консултација за Предлог-буџетот за 2019 година

Државната каса ќе тежи 3,7 милијарди евра, што е за 300 милиони евра повеќе од годинашниот. За власта буџетот е социјален и развоен. Опозицијата досега не се произнела за предлогот. Стопанствениците и економистите, пред кои беше презентиран, имаa одредени забелешки.

Владата најавува економски раст од 3,2 за 2019, колку што првин се предвидуваше и за годинава, но потоа растот се ревидираше. Се предвидуваат и поголеми плати за секторите од кои има одлив на луѓе во странство и повеќе пари за оние кои ќе работат на интегрирањето во ЕУ и НАТО.

Ќе има социјални реформи, поголеми субвенции за земјоделците и повеќе пари за капитални инвестиции. За 2019 година предвидени се 418 милиони евра за капитални инвестиции. Парите предвидени за капитални инвестиции за годинава, пак, не се потрошија, туку со ребалансот се пренаменија. Економистите бараат капиталните инвестиции да бидат реализирани, да не се повторува ситуацијата на високи проекции и слаба реализација. Министерот за финансии рече дека клучните проекти кои биле забавени сега се откочени, па очекува тоа да ги турне напред капиталните инвестиции.

Владата планира да соберат 3,4 милијарди евра, што е за 9 отсто повеќе од годинава. Во тоа се влезени и 25 милиони евра од прогресивниот данок кој треба да стартува од 2019. Останатите 293 милиони евра ќе бидат од задолжување. Во предлог – буџетот се предвидува инфлација од 2 отсто. Буџетскиот дефицит е проектиран на 2,5 отсто и е помал од годинава, но сепак јавниот долг догодина ќе достигне 54,2 отсто од БДП.

Министерот за финансии Драган Тевдовски вели дека се спроведува постепена и умерена фискална консолидација, за да го стабилизираат јавниот долг. Со тоа, како што вели, се подготвува земјата за обврските што ја очекуваат во 2020 и 2021, кога треба да одвои околу 830 милиони евра само за враќање на главници од долгови.

„Ако ја гледате големината на буџетот и буџетскиот дефицит, ние се определивме да одиме со умерена и постепена консолидација, но исто така не сме за драстично намалување на буџетскиот дефицит. Зошто? бидејќи кризата и нестабилноста, којашто постоеше во претходниот период обезбедува пониски стапки од очекуваното и ако сакаме да ја придвижиме економијата мора јавната потрошувачка да биде засилена, спротивното е погрешно, бидејќи само ќе ја влоши економската ситуација“, вели Тевдовски.

Тој вели дека Владата нема повторно да издава еврообврзница, но ќе продолжи да се задолжува на домашниот и на странскиот пазар, во зависност од пазарните услови.

Европската банка за обнова и развој, во најновиот извештај во однос на јавниот долг очекува тој дополнително да се зголеми како резултат на стимулациите што ги најави владата.

„Се очекува понатамошен раст на долгот поради мерките усвоени од страна на владата, вклучувајќи ги и бизнис поттиците за дополнителни вработувања и за зголемување на минималната плата“, стои во извештајот.

Економскиот аналитичар Висар Адеми вели дека на сегашната власт и недостасува економска програма.

Јавниот долг покажува дека нема економски модел, се нема идеи, нема домино ефект во економија. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ претходно кои имаа економски модел со евтина работна рака, рамен данок, странски инвестиции, тоа можеше да се критикува, но тие имаа програма, јас не знам сега на оваа власт која им е програмата, еве продолжуваат да се задолжуваат, па прогресивниот данок“, вели Адеми.

Тој не очекува догодина да се оствари проектираниот економски раст, оти како што вели, политичката криза продолжува, ќе има и избори, а на економијата може да ѝ дојде време дури во септември. Тој порачува економијата да не биде заложник на политиката.

Власта најави дека 2019 ќе биде година на економијата и на социјалната правда. Буџетот предвидува 1,1 милијарди денари за активни мерки за вработување, што е досега највисока сума. Ќе се поддржуваат фирми, нови инвестиции, ќе има поддршка за странските инвеститори.

Од стопанските комори велат дека се потребни преквалификации и доквалификации на работниците.

„Да не се доведеме во ситуација во која странските инвеститори нема да инвестираат во Македонија не поради прогресивниот данок или што не сме членка на НАТО, туку затоа што има недостиг од кадри“, рече Дијана Десподов, главен извршен директор на Американска стопанска комора.

Сите административци ќе земаат поголема плата за 5 отсто, за толку ќе им се зголеми платата и на вработените во здравството, во просветниот сектор и за вработените во градинките. Поголеми плати, почнувајќи од јануари следната година ќе земаат лекарите специјалисти и тоа за 10 отсто, а повеќе пари има и за вработените во одбраната.

Со најавената пензиска реформа пак треба да се стабилизира ПИОМ. За пензии се предвидени 917 милиони евра, од нив речиси половина (457 милиони евра) ќе бидат директен трансфер од буџетот. Се предвидуваат и реформи на системот на социјална заштита. Во овој сегмент влегува најавата за социјална пензија за оние кои имаат барем еден работен ден и наполнети 65 години. Тие ќе земаат државна пензија, која треба да изнесува 40 отсто од просечната пензија.

Во периодот на консултации за предлог буџетот дел од синдикатите се пожалија дека не биле консултирани и дека во него се занемарени области како културата. Од Синдикатот на просветни работници се пожалија и дека и покрај најавеното зголемување на платите, тие не се платени соодветно. Стопанствениците побараа парите за капитални инвестиции да не се кратат и рамномерно да се распределуваат. Тие без поголеми забелешки за буџетот, но се пожалија на недостаток на работници. Имаше и забелешки и за тоа дали администрацијата заслужува повисока плата, ако е неефикасна. Премиерот рече дека прво ќе се почека да се видат резултатите од реформите, па потоа ќе има зголемување на платите на административците.

Предлог буџетот помина на владина седница, по што влегува во собраниска процедура. Тој треба да биде донесен до крајот на годинава.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG