Достапни линкови

Простор за прошка на тие што биле „колатерална штета“ на 27 април


Османи - Планот 18 суштински за датум за ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:39 0:00

Османи - Планот 18 суштински за датум за ЕУ

Има простор да им се прости на луѓе кои се колатерална штета на една погрешна кауза, за настаните на 27 април во Собранието, вели вицепремиерот Бујар Османи во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Но процесот ќе биде во консултација со меѓународни партнери, вели тој.

Господине Османи со Планот 18 стартуваат суштинските реформи потребни за интеграција на Македонија во ЕУ. Што ќе гарантира усвојувањето на потребните закони, кога забелешките беа дека проблем е нивното спроведување?

Фокусирани сме на четири поглавја, тоа се – правосудство, безбедносни служби, администрација и борба против организиран криминал и корупција. Тоа што е различно квалитативно во однос на Планот 3-6-9 се два моменти, односно две колони коишто се додадени на планот. Првото се таканаречените индикатори за реализација, односно врз основа на што ние ќе процениме дека е успешна реализацијата на мерките коишто се донесени во планот, но исто така многу важна, исклучително важна колона е таканареченото следење, односно што конкретно се сменило во секојдневното живеење за граѓаните од донесување на тие мерки. Дали во судовите има различен однос кон граѓаните? Дали јавната администрација е деполитизирана? Дали безбедносните служби се деполитизирани, се ефикасни или дали има конкретни резултати во борбата против организираниот криминал и корупцијата? И мислам дека со тоа додаваме додатна вредност. Тоа е важно за нашите граѓаните, затоа што пред сè реформите ги правиме заради нив. Тоа се барања на ЕУ, но користа од тие реформи ќе ја имаат граѓаните, но и да ги убедиме земјите членки дека покрај тоа што носиме закони, ние всушност имаме конкретни резултати. Притоа ние не се амбицираме дека од утре Македонија ќе ја направиме европска, туку ако секој нареден ден ни е подобар од претходниот, во смисла на конкретни резултати, ние имаме добар тренд на трансформација на државата и оттука го сметам Планот 18 за суштински да ни обезбеди датум во јуни.

Колку луѓе ќе бидат вклучени во координативното тело за процесот на пристапување кон ЕУ и колку ќе чини неговото функционирање?

Секој ден списокот се пополнува, процесот ќе биде скап, ова е комплексна операција, најкомплексна можна за која било влада и за едно општество, сигурно ќе бидат илјадници луѓе вклучени, така што ќе биде процес. Сега сме во фаза на формирање, паралелно оди скринингот во којшто слушаме што треба да правиме и ние ги подготвуваме институциите, кога ќе се донесе одлуката за започнување на преговори првиот настан е меѓувладината конференција која ја очекуваме, ако оди сè по планот треба да се одржи наесен, следната година. И тогаш веќе почнува отворањето на првото поглавје и ги вклучуваме сите потенција за да почнеме да ги исполнуваме критериумите.

ЕК бара целосна одговорност за случувањата на 27 април, а во Собранието се формираше тело за помирување. Колку ова е во спротивност со очекувањата на меѓународната заедница?

Помирувањето не значи помилување, не значи амнестија како што беше сфатено. Обврска на премиерот е да ја покрене, да ја лансира идејата дека државата има потреба од помирување и ајде да ги видиме примерите, какви примери има во светот, коишто можат да бидат добра пракса, а ние можеме да ја имплементираме. Но, реков дека во тој процес на помирување не смее на ниеден начин да се промовира принципот на неказнивост на тие што се директно вклучени во насилство или организатори на насилство и тоа се тие црвени линии кои ги кажуваме во тој процес. Но доколку има добри практики во светот за помирување за настани од сличен карактер, дајте да ги разгледаме, државата сега има потреба од тоа, но никако тоа нема да го направиме надвор од линиите што ги поставува ЕУ.

Значи дека има простор на обвинетите пратеници да им биде простено?

Нека се разговара, доколку има такви моменти кои се колатерална штета на една погрешна кауза, а за тоа биле несвесни во моментот кога тоа се случило, а има таква пракса во светот, да го разгледаме и да видиме и се разбира дека тоа ќе биде во консултација на нашите меѓународни партнери.

Сметаме ли вие дека обвинетите пратениците се колатерална штета?

Не сум јас тој што треба да кажам, бидејќи не ги знам деталите од случувањата, меѓутоа претпоставувам дека таму имало луѓе кои што биле колатерална штета и не биле свесни ќе следи еден таков процес и едноставно се нашле таму. Доколку има простор за такво нешто мислам дека треба да се разговара.

Целото интервју со вицепремиерот Бујар Османи, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG