Достапни линкови

„Правдањето“ на власта и опозициски протести


Архивска фотографија - Средба на премиерот Зоран Заев со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во Владата.

Читателите на РСЕ најмногу коментирале за изјавите на премиерот Зоран Заев за поддршката за уставните измени и за тоа дали комуницурал со Груевски пред бегството. Негативни коментари собрале и најавите на ВМРО-ДПМНЕ за протести.

Се чини дека одговорите на премиерот Зоран Заев на повеќе новинарски прашања на актуелни теми што ги интересираат и медиумите но и јавноста, по работната посета на Струмица, „заработиле“ најмногу коментари на нашата ФБ страница.

Премиерот Заев се надева дека поддршката од осумтемина пратеници за уставните измени ќе продолжи и покрај притворите на Мијалков, Јанакиески и Божиноски, но Зоран Донев коментира со прашање и самиот одговара: „Каков е моралот на овие пратеници да одлучуваат за вакви судбоносни прашања? Против сите се водат судски постапки“. Гоцев Кице, пак, иронизира: „Ќе им покаже нова цијашка тактика и нервите ќе им попуштат“, па следнава реченица ја ставил во наводници: „’Со препорака од стручни лица, нормално‘“.

Премиерот Заев демантираше дека комуницирал со Никола Груевски непосредно пред да ја напушти државата. Горан Славковски коментирал на дијалект: „Ти верва некој....“ а во друг пост додава: „Го пушти да замине во Унгарија и сега глуми лудило“. Игор Вики Магероски смета дека било за изненадување „колку ретардиран народ има што слепо му верува“, а Александар Талески му реплицира: „Истиот народ и на Грујо 11 години слепо му веруваше... значи до народов е наш“.

Николов В. Ја коментира информацијата на весникот Политико Европа дека унгарските разузнавачки служби го олесниле бегството на Груевски: „После 11 години власт да го судиш за кола што остана во Владата треба да си болен ум. Еден градоначалник на мала општина краде многу повеќе за 2 години. Ако не заборавивте Заев за колку милиони беше аболициран како градоначалник на Струмица“. Снежана Крстевска, меѓутоа, го потсетува: „Не е само колата, што се правите неуки. Станови, плац на Водно, пари, пари, париии се во прашање“.

Најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе почне со протести против политиката на актуелната власт собрала прилично негативни, па и подбивни коментари. Бранко Ангелов прашува: „А колку е дневницата?“, а Ванчо Прскарски: „А за што ќе се протестира? За Груевски што му ја блокираа сметката за 11 милиони евра (ако се само тие, де...) Марш, бре, сите се исти, само будали веќе идат на протести“. Блаже Василоски, пак, прашува: „Пак ли ќе го попречувате сообраќајот и народот нема да може да си ги врши обврските навреме заради вас“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG