Достапни линкови

Груевски и Мијалков - топ теми во медиумите


Поранешниот премиер Никола Груевски.

Случајот Груевски продолжува да биде топ тема во медиумите. Тие јавуваат за одобрениот азил за поранешниот премиер и за барањето на македонските власти за екстрадиција. Детални информираат и за притворот за поранешниот директор на УБК. Сашо Мијалков.

Конечно се дозна. И унгарската Влада експресно одлучи: „Барањето за екстрадиција испратено, Груевски доби азил“ – објавија Нова Македонија и сите други печатени медиуми. Во исто време, дополнуваат весниците, властите во земјава испратија барање до Будимпешта за екстрадиција со надеж дека Унгарија ќе го испорача Груевски во Македонија. Вечер ја објави изјавата на министерката за правда Рената Дескоска: „Ќе бараме отповикување на одлуката за азил на Груевски“. Слободен печат дополнува со изјавата на Дескоска за ТВ 24: „Треба да се почека истрагата да покаже која од македонските институции е одговорна за бегството на Груевски, а ЕУ ќе треба да даде одговори на некои прашања и да каже дали има привилегирани граѓани или темелот на правото и неговиот основен концепт е еднаквост за сите“.

Порталите на печатените медиуми ја објавија и пораката на Груевски на неговиот ФБ профил: „Добив азил од Унгарија“, кој наведува дека во Македонија трпел политички прогон и закани по животот. Нова Македонија, Независен и Вечер го цитираат унгарскиот министер за правда, Ласло Трочани: „Унгарската Влада ја исклучува можноста за екстрадиција на Груевски во земја во која е цел на прогон“. Независен наслови: „Владата не се предава: Груевски ќе се врати во Македонија“, пренесувајќи го владиното соопштение во кое, покрај другото, се наведува дека Груевски бил под полициска заштита со луѓе кои сами ги одбрал и во ниту еден момент немал пријавено закани по неговиот живот. Вечер како да ликува: „Портпаролот на унгарската Влада му одговори на Хан кој на Твитер напиша дека очекува солидно објаснување од премиерот Орбан за основите за азил: Прочитај си го извештајот за Македонија од март 2018-та за ризиците од политичко мешање во судството и оној од октомври 2017-та за затворите“. И германскиот Бундестаг реагира: „Унгарија да не се претвора во продолжена рака на Груевски, а Македонија да разјасни дали бегството уследило по дозвола од тамошните власти“ – објавија Независен и Нова Македонија со наслов: „Случајот со Груевски смрди“. Вечер излезе со наслов: „Со колку пари во џебот побегнал Груевски во Унгарија?“, и потсетува дека СЈО информираше дека сметките на Груевски на кои имал 230.000 евра се изпразнети и дека нема имот на негово име, а мајка му има 4 стана на нејзино име.

Независен, информирајќи за протестот пред Собранието организиран од движењето „Македонија бојкотира“ наслови: „Бегството на Груевски ги осоколи радикалите“, наведувајќи дека дел од експертската јавност смета дека паролите и иконографијата на учесниците треба да ги замисли луѓето што ги водат институциите да дејствуваат правовремено зашто „земјата се наоѓа на работ на ново насилство“.

Вечер и Независен детално информираат дека „Мијалков е спроведен во затворот во ’Шутка‘ по барање од СЈО како мерка на претпазливост за случајот со нелегалното прислушување и изборните манипулации ’Таргет-Тврдина‘“. Независен во друг извештај наведува дека поранешниот шеф на тајната полиција поседувал 11 милиони евра на две сметки на име на друго правно и физичко лице но дека СЈО имало сознанија дека се всушност негови.

И малку за разбивање на тешките вести од политиката: „Во Скопје ќе осамне новогодишна населба“ – објави Нова Македонија, информирајќи дека Град Скопје на плоштадот ’Македонија‘ ќе организира населба со украсени куќички, вештачки снег, катчиња за игра и смеа и секојдневна програма уште од 9 декември.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG