Достапни линкови

Кредибилитетот на Македонија и ЕУ загрозен, Русија трие раце


Архивска фотографија - Еврокомесарот Хан со Груевски и Заев.

Со давањето политички азил на поранешниот македонски премиер Никола Груевски во Унгарија, која е членка на ЕУ и на НАТО, се доведува во прашање кредибилитетот на Европа, евротлантската иднина на Македонија, а корист од тоа може да има Москва.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска изјави дека случајот со давање азил на Груевски е иронија и парадокс, оти ЕК ја дефинираше Македонија како заробена држава, токму под владеењето на Груевски. А Совет за општи работи на ЕУ во јуни годинава побара правна разврска и одговорност за кривични дела кои произлегуваат од прислушувањето. Тој заклучок е поддржан и од Европскиот совет, изјави Димитров на прес конференција по средбата со неговиот дански колега Андрес Самуелсен.

„Сега Македонија како земја кандидат прави сè во земјата да владее правото и вистина е и иронија и парадоксално што човек што има правосилна пресуда, осуденик, којшто се соочува со четири други обвиненија и по пет други истраги, најде заштита да добие азил во земја членка на ЕУ, ова е проблем за Македонија, но и за ЕУ и за принципот на владеење на правото во ЕУ“, вели Димитров.

Хан – Очекувам објаснување за азилот на Груевски, се работи за кредибилитетот на Европа

Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан денеска на Твитер напиша дека е изненадувачки што Унгарија го поддржува членството на Македонија во ЕУ, но не ја смета за сигурна земја. Хан вели дека очекува објаснување од унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„Владеењето на правото е клучен принцип на земјите членки и за кандидатите за членство. Тоа е клучно за кредибилитетот на Европа“, напиша Хан.

Во ЕУ постојат внатрешни разлики, особено меѓу режимот на Виктор Орбан кој е во постојана конфронтација со другите членки, пред сè со развиените демократии, вели професор Денко Малески, кој е и поранешен министер за надворешни работи.

Новонастанатата ситуација оди во прилог на Москва, вели професор Малески.

„Режимите, како што е режимот на Орбан, се блиски по идеологијата со Путин. Тука има взаемна почит меѓу системите и взаемна солидарност, верувам дека ова добро ќе и дојде на Русија, која спаѓа во групата на нелиберални демократии, со едно авторитарно владеење на нивниот шеф Путин, кој по многу што наликува на Орбан во Унгарија“, вели Малески.

Меѓународните организации во сите извештаи за Македонија постојано нагласуваат дека еден од главните проблеми е неказнивоста. Тоа беше наведено и во извештајот на американскиот Стејт департмент, но и во извештајот на ЕУ. Сега, откако пресудите дојдоа, токму земја членка на ЕУ му даде политички азил на поранешниот премиер Никола Груевски.

Унгарија да не биде новата Грција

Димитров запрашан дали примерот на Унгарија која ги прифати изговорите на Груевски за нефер судења, политички прогон, лоши услови во затворите, може да биде искористен и од други земји да не блокираат за НАТО и ЕУ и кој стои за едно таков сценарио, Димитров вели дека ќе продолжат да ги почитуваат принципите и да се држат со државниот интерес.

„Никој нема корист кога не се почитува владеењето на правото. Со оглед на оценките за тој процес, нашиот кредибилитет е многу цврст по ова прашање. Ние во заклучоци од Европски совет имаме инсистирање за правна разврска и за одговорност, посебно за високи носители на функции“, вели министерот.

Тој додава дека Македонија има интерес од Унгарија да добие поддршка за членството во НАТО и за почеток на преговори со ЕУ, така што сето тоа мора да се земе предвид во идните односи и постапувања со оваа земја.

Професор Малески вели дека она што сега најмалку и треба на Македонија е конфронтацијата со Унгарија да резултира со ситуација што земјата ја имаше со Грција и Македонија да биде блокирана во преговорите. Па затоа властите во Македонија треба да изведат еден деликатен баланс, вели тој.

„Од една страна јасно да кажат дека се против и го осудуваат поведението на оваа земја, којашто се замеша директно во нашите внатрешни работи и со помош на нејзини дипломати го префрли поранешниот премиер во Унгарија и нужноста од поддршката на таа земја за да почнат преговорите во 2019“, вели професор Малески.

Македонија нема проблем со други земји, а ова е само инцидент со Унгарија, вели професор Малески, но додава дека е факт оти има подем на авторитарни системи во Европа, а такви манифестации има и во ЕУ.

Груевски доби азил, Македонија бара екстрадиција

Поранешниот премиер на Фејсбук објави дека добил политички азил оти бил жртва на политички прогон. Дента кога тој доби азил, македонските власти упатија барање за екстрадиција. Тие се на став дека Унгарија може да ја отповика одлуката за азил. Унгарскиот министер за правда Лазло Трошани, пак во интервју за унгарска телевизија рече дека македонските власти попусто бараат екстрадиција на експремиерот Никола Груевски, бидејќи тој веќе не може да биде вратен во Македонија откако доби азил.

Се уште е нејасно како Груевски успеал да побегне во Албанија, ако се има предвид дека пасошот му беше одземен како дел од мерките за претпазливост. Потоа, од Албанија, преку Црна Гора и Србија, во придружба на унгарски дипломати со унгарско дипломатско возило, беше пренесен во Унгарија, каде што експресно доби политички азил. На неговата маршрута, поминува низ две членки на НАТО, за конечно да стигне во земја-членка на НАТО и ЕУ.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG