Достапни линкови

Груевски вели добил азил, Македонија бара екстрадиција


Архивска фотографија- Поранешниот премиер Никола Груевски на судење за случајот „Тенк“
Архивска фотографија- Поранешниот премиер Никола Груевски на судење за случајот „Тенк“

Поранешниот премиер Никола Груевски добил азил во Унгарија, објави самиот тој на својот Фејсбук профил. Претходно денеска Министерството за правда го испрати до Унгарија барањето за неговата екстрадиција.

Поранешниот премиер Никола Груевски на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека добил политички азил во Унгарија, поради тоа што бил, како што напиша, жртва на политички прогон во Македонија. Тој вели дека добил информација дека во затвор му се подготвува ликвидација.

Во подолгата објава на неговиот верификуван Фексбук профил, Груевски вели дека судот и обвинителството се претвориле во „инструмент за политичка уцена и пресметка со политичките неистомисленици“.

Јас одлучив да се спротивставам на сето ова и со мојот чекор да го издигнам ова прашање на повисоко ниво. Некој може да ме сака или да не ме сака, да се согласува или да не се согласува со мене, да смета дека водам добри или лоши политики, но не може да го негира или да ги затвори очите пред она што се случува во Македонија во овој период, а кое го опишувам“, пишува Груевски.

Тој вели дека одлучил да не ја исполни желбата на СДСМ да седи затворен додека тие ја „распродаваат државата“. Груевски пишува дека ја продолжува борбата за „македонската кауза“.

Јас не избегав од правдата, туку користејќи други меѓународно правно регулирани методи продолжувам да ја барам правдата и за мене и за сите други жртви на политичкиот прогон во Македонија“, пишува Груевски.

Тој вели дека Македонија треба да стане членка на НАТО и ЕУ, но не смее да се дозволи под превезот на оваа цел, актуелната како што ја нарекува, недемократска власт, "да се пресметува со политичките неистомисленици и да им конструира судски случаи и затворски казни, со цел да може непречено да прави криминал, корупција и распродажба на државните и национални интереси“.

Македонија бара екстрадиција

Точно една недела откако Груевски објави дека е во Будимпешта, македонското министерство за правда во Унгарија го испрати барањето за екстрадиција.

Од министерството денеска соопштија дека во барањето упатено до унгарското министерство за правда објаснуваат дека екстрадицијата ја бараат за извршување на правосилна пресуда изречена во траење од две години и за водење на четири кривични постапки кои се пред домашните судови. Во дописот укажуваат и дека за Груевски се водат четири истраги како и една предистражна постапка за коишто надлежните органи можат да започнат и судски постапки во зависност од истрагата.

Во барањето е образложено дека ниедно од делата за кои "Никола Груевски е правосилно осуден или се водат постапки против него не е политичко или воено кривично дело, односно, овие дела не се предвидени во Европската конвенција за екстрадиција како дела за кои може да биде одбиена екстрадиција".

Правата на Никола Груевски во секој момент биле обезбедени, вклучувајќи го и правото за одбрана пред судските органи согласно Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи. Никола Груевски се бранел од слобода и во ниедна постапка не му е изречена мерката притвор. Имал обезбедено повеќе бранители по сопствен избор со кои имал непречени можности за комуникација и ги користел сите права кои му се на располагање согласно Законот за кривична постапка“, се наведува во соопштението од македонското Министерство за правда.

Сијарто- владата нема влијание врз одлуката

И пред поднесувањето на барањето за екстрадиција, дел унгарски медиуми, меѓу кои и владиниот Маџар Идок јавија дека на Груевски веќе му е доделен азил во Унгарија. Како што јави и агенцијата Ројтерс, весникот без да ги открива изворите, пишува дека унгарската канцеларија за имиграција и азил заклучила дека се основани правните основи за да се одобри барањето за азил.

Претпладнето министерка за правда Рената Дескоска одговорајќи на новинарски прашање рече дека не знае дали е доделен азил или не, но дека постапките за азил траеле доста долго во Унгарија.

Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто, во интервју за Дојче Веле, пак, рече дека дека одлуката за барањето азил на Груевски ќе ја донесе независно тело врз кое унгарската влада нема влијание.

Се работи за правна процедура, која има методологија водена од унгарските и меѓународни закони. Одлуката ќе ја донесе релевантно тело, а тоа е независно тело и ние како влада немаме влијание врз него“, вели Сијарто.

Груевски е во Будимпешта од 13 ноември откога и Македонија распиша меѓународна потерница по него. Од тогаш и почна подготовката на документите за екстрадиција. Почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен пратеник од истата партија во својата објава на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека во последните неколку денови примил безброј закани по неговиот живот и дека е во Будимпешта и побарал политички азил од унгарските власти.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG