Достапни линкови

Без големи капитални инвестиции нема силен економски раст


Дел од економистите велат дека проблемот со ниските инвестиции и скромниот економски раст се должи на тоа што потичката ситуација сеуште не е целосно стабилизирана. Дел од стопанствениците пак велат дека владата неоправдано повеќе се занимава со политика отколку со економија.

Проценките за растот во економијата се намалија и натаму се под влијание на политичката ситуација во земјата, велат економистите. За сето тоа време капиталните инвестиции се исклучително ниски. За одржлив економски раст потребни се поголеми капитални инвестиции, зголемување на извозот и таргетирање сектори кои ќе бидат лидери во економскиот развој на земјата. Исто така потребно е да се отстранат и фундаменталните слабости во извозниот потенцијал и во стопанскиот систем, порачуваат економистите и стопанствениците.

Дел од економистите велат дека проблемот со ниските инвестиции и скромниот економски раст не може да се задскрие со фактот дека политичката ситуација сеуште не е целосно стабилизирана, но други нагласуваат дека има повеќе фактори кои влијаат на моменталната состојба во економијата. Професорот Борче Треновски од Економскиот факултет во Скопје вели:

„Прилично е измешна ситуацијата зошто растот е скромен и млитав. Прво често споменувана причина е политичката криза. Во таква ситуација и неизвесност бизнисите и економските агенти се претпазливи. Бруто инвестициите се скромни особено во услови на неизвесност. Оваа година има гледаме намалени капитални инвестиции тука спаѓа и државната потрошувачка, имаше влијание затоа што беа зголемени пензии и плати. Во последно време останатите мерки се во застој и од тие причини е намален растот. Комбинирано е и со неизвесност, имавме референдум, сеуште има неизвесност дали ќе поминат уставните промени, дали ќе бидеме во НАТО или не, па економските субјекти се многу претпазливи“,

вели професорот Борче Треновски од Економскиот факултет во Скопје.

Како што додава тој, нивото на капитални инвестиции е ниско поради тоа шта од трансферот на власта, на владата и требало време да почне да функционира, а од претходно таа наследила голем број тендери кои се повлекуваа и се преиспитуваа. Тој укажува дека проблем е и ограничениот капацитет на јавната администрација. Според него, важно е да се направи програма врз основа на која ќе се планираат капитални инвестиции за да може јавноста да ги следи ефектите.

Според стопанствениците, не е реално да се очекува позначаен раст на инвестиции во наредниот период. Тие велат дека загрижува ниското ниво на капитални инвестиции и оти за да се потикнат инвестициите потребно е суштинско унапредување на условите за работење. Стопанственикот Мендерс Кучи пак, вели дека состојбите во економијата не меже постојано да се затскриваат зад политичката ситуација.

„Денот се познава по утрото, излегувавме од политика криза и фокусот потоa требаше да биде на економијата, но и натаму фокусoт е на политиката. Секака треба политичка стaбилност, но никако да се изостaви она од што секој ден се живее. Нема оправдување со оглед дека има рeсори и ако треба дa бидеме фoкусирани на меѓународната активност тука е министерот за надворешни работи и дел од владата каде имаме и вицепремиер за евроинтеграции, а дополнително има и заменик премир за економски прашања“ вели Кучи

Коментирајќи ги плановите на владата за воведување на прогресивен данок Кучи вели дека на тој начин ќе се соберат симболични средства во буџетот. Според него, владата нема потреба да брза со прогресивниот данок и укажува дека сузбивање на сивата економија и други мерки може повеќе да помогнат за полнење на буџетот.

Треновски вели дека не мисли дека во буџетот нема пари за нормално функционирање на државата, но укажува дека за остварување на она што беше ветено, како зголемување на социјален стандард, нови училишта и градинки кои се најавуваат потребни се дополнителни извори.

На прашање од каде треба да се соберат пари во буџетската каса тој вели:

"Јас би се насочел прво кон собирање на веќе постоечките долгови и побарувања кои ги има државата од голем број субјекти по основа на ДДВ. Да ги видите извештаите на Државниот завод за ревизија ќе сфатите колку голем потенцијал има за собирање на дополнителни приходи пред да се пристапи кон промена во даночната регулатива" вели професорот Треновски.

Инаку, тој додава дека насоката во која се движи власта да се собира повеќе сретства од побогатите слоеви во државата е идеолошка матрица која и на глобално ниво добива се повеќе подршка.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG