Достапни линкови

Членството во НАТО ќе значи поголема безбедност и повеќе пари


Архивска фотографија - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и премиерот Зоран Заев во Скопје, јануари 2018.

Со влегувањето на Македонија во НАТО земјата ќе влезе под безбедносниот чадор на воената алијанса што не е решение на сите проблеми, но е решение за голем дел од нив, оценуваат властите. Истовремено очекувањата се дека тоа ќе донесе и повеќе пари општо во економија на неколку начини.

Околу десетина километри од Неготино и само неколку километри од последното село по патот се наоѓа воениот полигон Криволак- тренинг центар на војници кој се сметал за еден од подобрите и за бившата Југословенска народна армија. Со години таму повремено се одржуваат вежби и на странски војници, а Министерството за одбрана побарало од тимови од сојузничките војски да направат анализа за Криволак, вели министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Резултатот од неа, додава таа, е дека ваков капацитет во Европа практично и не постои. Големината и изолираноста од локалното население се причина поради која може да се изведуваат софистицирани воени вежби, кои другите армии дома не може да ги прават, вели Шекеринска.

„Следната година една од големите НАТО вежби во овој регион, делумно ќе се реализира на Криволак и сметаме дека тоа е многу важна промоција на можностите кои ги нуди Криволак. Анализите во многу земји покажуваат дека кога ќе имате вакви вежби одреден временски период локалната економија добива инјекција од три до пет милиони евра кои се голем плус и за општините во околината и за луѓето кои сакаат да заработат повеќе”, вели министерката Шекеринска.

Криволак и досега често го користеа странски војски за воени вежби. Последно летово воениот полигон беше домаќин на воена обука на одбрани единици под раководство на Европската команда на силите на САД. За нив тогаш Армијата на Република Македонија обезбеди логистичка поддршка и сместување, ги даде на користење полигоните за обука, помош и придружба на патот до и од полигонот Криволак, а го набљудуваа и тренингот.

Инаку Криволак е отворен пред околу педеситина години, тој е поголем од 22 илјади хектари и првично служел за потребите на Југословенската народна армија. Македонската армија на својата интерент страница наведува дека Полигонот Криволак со неговите моментални капацитети овозможува обука загаѓање со повеќе видови на вооружување, гаѓање со воздухоплови, вежби и тактички вежби со боево гаѓање (ТВКГ) до ниво баталјон, обука на инженериски единици, обука на специјални единици и воена полиција, ситуациони гаѓања, работа на контролна точка, обука со конвој и обука за совладување на водени пречки и други видови на обука.

„Нашата цел ќе биде да ги подобриме капацитетите, целосно да ја гарантираме безбедноста и навистина на НАТО и на нашите партнери да понудиме капацитет од кој тие можат да искористат, значи има нешто што и ние даваме во НАТО, но од кое и ние може да заработиме”, вели Шекеринска.

НАТО, безбедност, но и економски развој
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:54 0:00

Во Албанија, прва воздухопловна НАТО база во Западен Балкан

И додека Македонија сега се очекува да стане членка, соседна Албанија е дел од алијансата веќе 10 години. Во близина на албанскиот град Кучова, пак, наскоро ќе биде поставена првата воздухопловна база на НАТО во Западен Балкан. И додека за регионот тоа ќе значи зголемување на безбедноста во регионот, локалните жители се надеваат дека базата повторно ќе го врати животот во областа погодена со голема невработеност.

Гоце Атанасов

Долго време беа гробишта на некогаш големи воздухопловни сили. Сега албанскиот аеродром кај Кучова ќе стане база на НАТО, на задоволството на поранешните пилоти и сервисери на авиони кои копнеет повторно да ги слушнат авионските мотори. Албанија во 2005 година ги повлече нејзините 224 советски и кинески „Мигови“, а од 2009 година соседните земји членки на НАТО, Италија и Грција го чуваат албанскиот воздушен простор. Тоа доведе до економски пад во и околу Кучова, кој беше наречен „Сталинград“ за време на ерата на комунистичкото владеење. Албанската министерка за одбрана Олта Џака вели дека обновата на базата ќе се одвива во неколку фази.

НАТО ќе потроши над 58 милиони долари во првата фаза од работата за да ја претвори Кучова во база за поддршка, снабдување, логистика, обука и вежби“, вели таа, додавајќи:

„Базата е, исто така, и прва стапка на НАТО во Западен Балкан, бидејќи ја трансформира воздухопловната база Кучова во прва воздушна база на НАТО во регионот на Западен Балкан“.

За министерката Џака, интеграцијата на регионот во НАТО е неповратен процес:

„Регионот како целина влезе во неповратниот процес на евроатланска интеграција, а безбедноста е еден од клучните услови за процесот на интеграција“.

Во Албанија велат дека трансформирањето на старата база ќе придонесе за одржување на стабилноста на Балканот и за поддршка на мировните мисии на НАТО низ целиот свет.

Вестите за базата на НАТО предизвикаа надеж во Кучова. Граѓаните го гледаат проектот како економски поттик за оваа област погодена од емиграција и невработеност. Последната генерација обучени пилоти, сега во раните педесетти години, сакаат повторно да го слушнат звукот на авионските мотори. Пензионираниот воздухопловен командант Клемент Аликај вели:

Најпрвин, ќе зајакнат безбедноста и одбраната на нашата земја. Второ, странските инвеститори кои веќе се тука во Албанија и оние што ќе дојдат ќе имаат поголема доверба за нивните инвестиции и верувам дека ќе дојдат повеќе странски инвестиции. Трето, верувам дека за подрачјето каде што е базата во регионот на Кучова и Берат, ќе има економски раст, можеби мал, но сепак раст, бидејќи луѓето ќе добијат вработување таму“.

Помладите луѓе се надеваат дека тоа ќе им го подобри животниот стандард. Сега во грмушките меѓу пистите пасат овци. Неколку десетици авиони од типот „Миг“ со издишани гуми се наоѓаат во близина на трите подземни хангари. Сепак, она што е најзначајно за НАТО е дека околу пистата, замислена од советските планери кои складираа динамит под аеродромот за да ја разнесат ако падне во непријателски раце и изградена од политички затвореници во 1950-тите, има добри временски услови во текот на целата година.

Првите години ќе има пораст на инвестициите

Kaj нас, покрај конкретните настани поврзани со Криволак, членството во НАТО се очекува да донесе повеќе пари и општо во македонската економија. Повикувајќи се на анализа која ја работела Светска банка за тоа како зачленувањето во алијансата се одразува на економиите, министерката за одбрана Шекериснка за РСЕ вели дека првите години секаде се гледа пораст на странските инвестиции и подобрување на општата економска слика.

„За оние кои што се, како би рекле, неверни Томи доволно беше да го видите односот на берзата веднаш по гласањето во Собранието за уставните измени, штом видоа дека процесот продолжува, дека има шанси да се надеваме на членство во НАТО веднаш сите тенденции на македонската берза станаа позитивни”, вели министерката.

Шекеринска ги наведува како пример балтичките држави веднаш по приемот во НАТО нивниот бруто домашен производ кој растел четири до пет проценти првата година по примот речиси се удвоил и растел околу девет отсто. Таа ја споменува и најновата членка на Алијансата, Црна Гора која, како што вели, само во првите шест месеци од годинава ги удвоила странските директни инвестиции.

Албанија и Хрватска, пак, според студијата објавена во 2016 година не се најдобриот пример, оти во двете земји има пад на странските инвестиции по влезот во НАТО, но една од причините за тоа, како што се смета е тогашната светска економска криза.

Аднан Ќахил, министер без ресор задолжен за странските инвестиции во неодамнешното интервју за Радио Слободна Европа рече дека влегувањето на Македонија во НАТО ќе ги зголеми странските инвестиции во земјава, но додаде дека нивната динамика нема да биде задоволувачка ако не функционира правната држава.

Ќе има зголемување на инвестициите, но ако нема правна држава, ако нема правна разрешница на многу работи и ако немаме договори во правец на влегување во ЕУ, сигурно динамиката нема да биде таква каква што посакуваме“, вели Ќахил.

Во НАТО идната година

Македонија има поминато доста долг пат до НАТО. По неуспешниот обид за зачленување поради грчкото вето во 2008 година, кога поканата ја добија Албанија и Хрватска, пристапните преговори сега се во тек. Очекувањата на властите се дека идната година и откако ќе се заврши целосната процедура што произлегува од Договорот од Преспа, па потоа поканата биде ратификувана од сите земји членки, Македонија и ќе стане дел од воената политичката алијанса.

Во јануари идната година треба да се потпише протоколот за пристапување на државата во сите тела и органи на НАТО, но без можност да гласа, а приемот во полноправно членство ќе се случи откако земјите членки ќе ги ратификуваат протоколот и тоа секоја посебно. Планирано е тоа прва да го стори Грција. Но, од сето ова нема да биде ништо ако Договорот од Преспа не се имплементира целосно.

Нуди ли НАТО безбедност?

Еден од главните аргументи кои ги нуди власта зошто е важно да се влезе во Алијансата е дека ќе се добие поголема гаранција за безбедноста на земјава. Опонентите пак велат дека тоа не е точно споменувајќи ги како примери Турција и Шпанија. Во првата често има инциденти , а во втората движења за одвојување на државата.

Митко Гаџовски, политикологот од Факултетот за општествени науки смета дека со влегувањето на Македонија во НАТО се гарантира безбедноста и стабилноста, а со тоа гарантирани се и границите.

„Со тоа што ќе станеме земја членка на НАТО. Мислам дека ниту сега, ниту во иднина ќе имаме територијални загрозувања од причина што кога сме земја членка на НАТО безбедноста ни е загарантирана и не би требало да стравуваме од каков било домино ефект од страна на нашите соседи преку процеси коишто се одвиваат таму.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG