Достапни линкови

Владиниот економски оптимизам тешко остварлив


Архивска фотографија - Владин план за економски раст.

Тешко остварилив е владиниот оптимизам за економски раст од 2,8 отсто, покажуваат проекциите на домашните и на меѓународните институции. Само структурни институционални реформи за конкурентност ќе можат да го зголемат растот, вели гувернерката на НБРМ Анита Ангеловска - Бежовска.

Ниту Народната банка, ниту меѓународните финансиски институции не го делат оптимизмот со владата за економскиот раст. Според последната проекција на Народната банка, растот на економијата годинава ќе биде 2,3 проценти наспроти владините очекувања од 2,8 отсто. Владата на почетокот на годинава прогнозираше раст од 3,2 отсто, но со ребалансот предвидува тој раст да биде помал. Според проекциите на Народната банка, дури и намалената проекција на владата е превисока.

Гувернерката Анита Ангеловска - Бежоска, во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе биде објавено во целост в недела, вели дека податоците од првата половина од годинава покажуваат дека инвестициите не се реализирани со посакуваното темпо и динамика. Таа објаснува дека во нивната проценка се земени предвид потфрлањата коишто беа присутни во првата половина од годинава, а за втората половина се очекува закрепнување.

Сепак би кажала дека и ризиците околу оваа бројка од 2,3 проценти повторно во најголема мера се сконцентрирани во сегментот на инвестициите. Доколку тука видиме дека заживува инвестициската активност, можно е да се оствари оваа бројка, но доколку има поголеми потфрлања, ризиците ќе бидат евидентни“, вели Ангеловска - Бежоска.

Поранешниот гувернер Петар Гошев смета дека владината проекција од 2,8 отсто економски раст е тешко остварлива.

„Јас сакам да се остварат проекциите на владата, иако тоа е многу малку за потребите на Република Македонија. Раст од 2,8 проценти не ги решава проблемите на граѓаните. Ни требаат стапки од над 4 па и 5 отсто и тоа долги години во стабилни економски и политички услови за да можат луѓето да почувствуваат разлика, промена во животниот стандард“, вели Гошев.

И оваа година политиката и политичките настани ја голтна економијата, вели Гошев. Тој објаснува дека за стабилен раст на економијата клучен фактор е политичката стабилизација.

Гувернерката Ангеловска - Бежоска вели дека за да може да се остварат повисоки стапки на раст, фокусот во државата треба да бидат врз структурните реформи.

Ние сме мала и отворена економија, перспективите за поголем раст мора да ги бараме во надворешното опкружување. А за да бидеме конкурентни во надворешното опкружување, ние мора да работиме на структурни институционални реформи кои на крајот ќе продуцираат многу повисоко ниво на конкурентност на нашата економија. Во моментов нивото на конкурентност на нашата економија значајно заостанува“, вели таа.

За разлика од домашните економски прогнози за годинава, меѓународните финансиски институции се повнимателни. Па така ММФ го намали очекувањето за растот на македонската економија на 1,6 проценти, додека Светската банка го намали на 2,5 отсто во споредба со претходно очекуваниот 3,2 раст. Најновата прогноза на Европската банка за обнова и развој за растот на македонската економија за годинава е два отсто. Во делот за Македонија Банката наведува дека се забележува умерено раздвижување, но сè уште помало од вкупниот раст на регионот. Гошев објаснува дека разликата во економските прогнози на меѓународните и домашни институции е во начинот на кој се оценуваат и таргетираат ризичните фактори.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG