Достапни линкови

Ангеловска – Бежоска: Економијата се стабилизира, бизнисот сè уште трпи последици


Населението повеќе штеди, отколку што се задолжува
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:37 0:00

Населението повеќе штеди, отколку што се задолжува

Има процес на стабилизација во делот на банкарскиот систем и девизниот пазар, меѓутоа сè уште се забележуваат ефекти во делот на реалниот сектор, вели Анита Ангеловска – Бежоска, гувернер на Народната банка на Република Македонија, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Како влијае политичката турбулентност врз македонската економија?

Ние веќе подолг временски период се соочуваме со одредени политички случувања, кои креираат одредена неизвесност, особено тие случувања дојдоа до израз во 2016, кога двата клучни пункта на кои се забележа неповолна реакција во контекст на политичките случувања беше банкарскиот систем, каде што забележавме одредено повлекување на депозити, а секако тоа повлекување на депозити продуцираше и конверзија од домашна валута во странска валута и секако тоа се одрази и на девизниот пазар, на потребата за интервенција на девизниот пазар од страна на Централната банка, меѓутоа како резултат на реакциите на Централната банка набрзо овие состојби, случувања во банкарскиот систем и девизниот пазар беа стабилизирани, што значи ефектите како резултат на мерките, но и на резистентноста на самиот банкарски систем, вродија со плод и набрзо се оствари процес на стабилизација.

Сепак овој политички контекст, оваа неизвесност којашто постои има подолгорочни ефекти врз реалната економија. Првите сигнали се забележаа во 2016, иако стапката сè уште беше солидна, близу до три проценти, меѓутоа очекувањата беа повисоки, а разликата меѓу очекувањата и остварувањата беше токму на зголемената неизвесност. Овие неповолни случувања особено дојдоа до израз во 2017, кога нашата економија оствари економска стагнација, раст од само 0,2 проценти, а и во 2018 движењата се анемични, растот кој е остварен во првата половина од 2018 е само 1,3 проценти. Политичките случувања влијаат врз очекувањата на економските субјекти, а очекувањата на економските субјекти се многу значаен фактор за состојбите во нашата економија.

А, како ја оценувате моменталната состојба?

Во моментов има одреден процес на стабилизација. Многу е битно кој пункт го гледаме. Во делот на банкарскиот систем, девизниот пазар, движењата се стабилни, што се согледува и преку речиси континуираниот раст на депозитната база, позитивните движења на девизниот пазар, значи постои стабилност, меѓутоа ефекти сè уште забележуваме во делот на реалниот сектор. Се надевам дека ќе дојде до натамошна стабилизација, натамошно намалување на неизвесноста, бидејќи тоа е клучен фактор којшто ќе го динамизира нашиот раст во среднорочниот период.

Какви ризици имаат случувањата на меѓународната сцена, односно големите тензии во меѓународните трговски односи, по македонската економија?

Она што досега го гледаме низ бројките за надворешно трговската размена не се забележуваат некои позначајни ефекти врз извозниот сегмент, но секако не е исклучено во иднина, ако дојде до понатамошна ескалација на состојбите, да има одредени реперкусии, тоа особено е можно во делот на металната индустрија. Металната индустрија секако е многу важен сегмент, иако во посткризниот период учеството на металната индустрија значајно се намали во нашиот извоз, меѓутоа таа е значаен извозен сегмент и можно е тука да има одредени реперкусии. Сега засега, ако ги гледаме цените на металите, има нагорни очекувања, ако споредам со априлските проекции и тоа креира некои позитивни ризици, меѓутоа неизвесноста постои, случувањата се од ден на ден, постојано има нови мерки кои се преземаат во глобални рамки, така што останува дефинитивно потребата од будно следење на случувањата.

Целото интервју со гувернерката Анита Ангеловска - Бежоска, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG