Достапни линкови

За демократите, голема победа, за Трамп огромен успех


Демократите ја преземаат контролата врз Претставничкиот дом
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:43 0:00

Демократите ја преземаат контролата врз Претставничкиот дом

Излезните анкети и првичните неофицијални резултати од делумните избори за американскиот Конгрес покажуваат дека контролата врз Претставничкиот дом ја преземаат демократите, додека Сенатот и натаму останува во рацете на републиканците. Американците гласаа за сите 435 претставници во Претставничкиот дом и за 35 претставници во Сенатот.

Станува збор за тоа кој ќе ја има контролата врз Конгресот во преостантите две години од мандатот на претсeдателот Доналд Трамп кој изборите ги оцени како тест на неговата популарност.

Во првата реакција по гласањето Трамп на Твитер напиша дека изборите биле „огромен успех“ и покрај тоа што неговата Републиканска партија, според неофицијалните резултати, ја губи контролата врз Претставничкиот дом.

Од Демократската партија оценуваат дека ова бил „голем успех“ охрабрени од одѕивот по жестоко поларизираната изборна кампања.

Од Њујорк до Калифорнија и од Мисури до Џорџија имаше долги редови на избирачките места. Избирачите и натаму остануваат поделени. Елизабет Кнол вели:

Се плашам дека во мојот идеален свет, многу од најекстремните партијци и краткорочни мислители, особено краткорочните мислители и напаѓачи од двете страни, особено од Републиканската, не треба да бидат реизбрани. Но, во системот за наградување што го имаме сега, јас не сум многу оптимистка во врска со тоа“, вели Кнол.

Со неа не се согласува Брајан Шерман:

„Мислам дека политиката е многу важна и мислам дека повеќе луѓе треба да бидат вклучени. Мислам дека владата прави многу добри работи. Републиканците ја уништија почитта кон владата со некои работи кои беа многу лоши, но генерално имам позитивно гледиште за владата на сите нивоа“, рече Шерман.

Иако останува проекцијата дека републиканците ја задржуваат контролата врз Сенатот, сепак успехот на демократите претставува извесно поместување на сегашниот баланс на моќ во Вашингтон.

Трамп кој со месеци ги критикувaше демократите за уништување на американската економија и за имиграцијата во земјата ќе биде принуден да се договора со нив за да не ризикува натамошни поделби во се повеќе поделената земја.

Некои аналитичари сметаат дека сега демократите ќе можат да ги интензивираат истрагите за нетранспарентните лични финансии на Трамп, руското мешање во претседателските избори, па дури и да побараат негова интерпелација.

Трамп, како што е соопштено од неговиот Кабинет, ги следел резултатите заедно со пријателите и семејството во Белата куќа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG