Достапни линкови

Ќахил – Не се китиме со туѓи инвестиции


Со влезот во НАТО ќе се зголеми и интересот на странските инвеститори
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:47 0:00

Ќахил – Со влезот во НАТО ќе се зголеми и интересот на странските инвеститори

Можеби има такви фабрики кои ги договорила претходната влада, а ние сме ги завршиле, но најголем дел од инвестициите сме ги договориле ние, вели министерот за странски инвестиции Аднан Ќахил во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Ќахил, веќе година и половина сте на функцијата. Какви се вашите резултати досега?

Јас лично сум задоволен од резултатите, а тоа ќе го интерпретирам преку бројки. Откако сум министер за странски инвестиции, сум примил и сум разговарал со над 300 фирми од целиот свет и можам да кажам дека интересот беше многу голем од сите области. Едноставно во слободните економски зони имаме 13 инвестиции кои се потпишани и три треба да се потпишат, една е во Струга, од кои пет се од Турција во овој период. Во крајна фаза се и други разговори и очекувам, ако се стабилизира политичката ситуација, да имаме 20-30 фирми од целиот свет, кои се спремни да дојдат да инвестираат во Македонија, без разлика дали во слободните зони како гринфилд или, пак, браунфилд.

Опозицијата обвинува дека се китите со нивни перја, односно дека отворате фабрики кои ги договорила претходната власт. Како ги коментирате ваквите обвинувања?

Мислам дека не се во право, затоа што секогаш треба да има континуитет во државноста. Можеби има такви фабрики кои ги почнале, а ние сме ги завршиле и тоа е добро за една држава, добро е за Македонија, како што и претходно имаше работи коишто СДСМ ги почна, а ВМРО-ДПМНЕ ги продолжи. Но, може да кажам дека за петте инвестиции од Турција, дека се најнови инвестиции. Ако ги споредиме почетоците, година и половина од почетокот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година и овие година и половина, ќе видите дека тогаш резултатите од инвестициите беа нула во однос на сега. Апсолутно не се во право и не треба така да се гледа на работите. Ние работиме по принципот на континуитет. Она што е добро го продолжуваме. Сметавме дека слободните економски зони се добри, но ние ги надградивме тие принципи, затоа што не дозволивме секој министер да одлучува како сака, според субјективни критериуми. Направивме објективни критериуми, тоа го донесовме во форма на закон и сега секој инвеститор во Македонија однапред знае каде, што, како, на кој начин ќе инвестира и колку субвенции ќе добие од државата. Не зависи од нас министрите, ние сме само сервис на тие граѓани, тие луѓе, на тие инвеститори кои гледаат сигурност во нас.

Ситуацијата околу референдумот и Договорот од Преспа како да донесоа уште една политичка неизвесност во земјава. Како тоа се рефлектира врз странските инвестиции?

Засега таква рефлексија нема, бидејќи јас продолжувам со разговори, а верувам и другите мои колеги, во врска со инвестициите и има заинтересираност. Но, веројатно, ако продолжи ваквата политичка неизвесност ќе има рефлексија, апсолутно ќе има, бидејќи истите тие фирми кои со промена на власта видоа надеж дека се свртевме кон економијата и самите бројки покажуваат дека се заинтересирани. Политичката стабилност е еден од условите, можеби и најважниот услов за да дојдат да инвестираат во Македонија. Што ќе се случува понатаму не знам ни јас, но можам да ве уверам дека ако се реши позитивно, како што ние се надеваме, со почетокот на преговори со ЕУ и со влезот во НАТО, бројот на заинтересирани странски инвеститори од целиот свет ќе биде многу поголем. Едноставно ќе имаме отворена економија, отворени граници, политичка стабилност и Македонија веќе ќе биде пред вратите на ЕУ, а тоа, ќе се согласите, дека секој инвеститор бара таква стабилност.

Целото интервју со министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил, може да го погледнете на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG