Достапни линкови

Економските односи со Грција ќарија од преговорите за името


Архива: потпишувањето на Договорот за името во Псарадес. 17.06.2017.

За затоплување на политичките односи меѓу Македонија и Грција се уште е рано да се зборува, но по преговорите за решавање името се зголеми трговската размена меѓу двете земји, велат аналитичари. Денеска по повеќе од 10 години повторно се воспоставува директна авионска линија Скопје - Атина.

Грција е една од земјите со кои Македонија, според официјалната статистика, повеќе години има најголема трговска размена, заедно со Германија, Велика Британија и Србија. Тој тренд, според дел економски аналитичари, во наредниот период треба да оди во нагорна линија, особено поради процесот на преговорите за решавање на спорот за името.

Економскиот аналитичар и сега советник во Владата, Фатмир Битиќи, вели дека Македонија многу извезува и увезува од Грција, но според него, од моментот на започнување на преговорите за решавање на билатералниот спор, трговската размена е зголемена над 20 проценти, во периодот од јуни 2017 – јуни 2018 година.

„Деновиве ги очекуваме податоците за третиот квартал и овој тренд најверојатно е во растечка линија од двете страни, увозот и извозот. Трговскиот биланс е поприлично задоволителен и тоа е во нагорна линија, што укажува на враќање на довербата на самите стопанственици и секако, како што се очекува од решавање на политички билатерални спорови, дека економијата е прва на позитивен удар“, вели Битиќи.

Денеска по околу повеќе од 10 години на Скопскиот аеродром слетува првиот авион од Атина, откако беа воспоставени директните летови меѓу Скопје и Атина.

Летовите ќе ги реализира грчката авиокомпанија „Ејџијан ерланс“, а согласно со зимскиот ред на летање, летови ќе има два пати неделно, секој четврток и вторник.

Во авионот од Атина до Скопје ќе биде и вицепремиерот Бујар Османи, кој е во посета на Грција, на разговори со алтернативниот министер за надворешни работи Јоргос Катругалос за Преспанскиот договор и други билатерални прашања.

Политичките односи зависат од имплементирање на Договорот

За подобрување на политичките врски меѓу двете земји, познавачи велат дека е рано да се зборува додека не поминат фазите на уставни измени во Македонија и ратификацијата на Договорот во Грција.

Додека тоа не се случи, останува неизвесно дали Договорот ќе стапи на сила. Дополнително, опозициите во двете земји се противат на Договорот и заради тоа судбината е неизвесна. Кај нас можеби катарзата беше гласањето во петокот на 19 октомври со почетокот на уставните промени и веројатно тоа беше побитно гласање, отколку конечното, бидејќи сега се очекува сите што тогаш дадоа поддршка, до крај да ги поддржат уставните амандмани“, вели Александар Кржаловски од МЦМС.

Компанијата „Ејџијан ерланс“ во септември соопшти дека од 1 ноември Скопје и Атина ќе се поврзат со директни летови, иако линијата беше најавена месеци порано доколку, но Доколку договорот биде потпишан.

По неколкумесечни преговори со посредство на Обединетите нации, министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас Договорот за решавање на спорот за името го потпишаа на 17 јуни во грчкото село Псаредес во областа Преспа.

Во спогодбата е предвидено долгогодишниот спор за името да биде решен со промена на уставното име на Република Македонија во Република Северна Македонија, кое ќе се користи за севкупна употреба (erga omnes), односно во надворешна и внатрешната употреба, а Грција да не го блокира нејзиното членство во меѓународните организации, како што се Европската унија и НАТО.

Во Договорот, меѓу другото е предвидено интензивирање на соработката меѓу двете земји, зајакнување на политичката и општествената соработка, економската соработка, како и во областите на образованието, науката, одбраната и дипломатските односи.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG