Достапни линкови

Москва и со мал ангажман може да влијае врз Балканот


Архивска фотографија- портпаролката на руското МНР Марија Захарова

Аналитичарите оценуваат дека во последниве години се засилени реакциите на Русија за Македонија и оти официјална Москва може да влијае на Балканот и преку мала инвестиција како што се зачестените соопштенија.

Продолжуваат меѓусебните обвинувања меѓу Вашингтон и Москва за мешање во внатрешни работи на Македонија, а поврзано со Договорот од Преспа. Меѓу последните од таквиот вид изјави е на портпаролката на министерството за надворешни на Русија Марија Захарова. Таа на редовниот брифинг со новинарите рече дека без оглед на обвинувањата на американските претставници на сметка на Русија, Москва не се мешала во внатрешните работи на Македонија, туку тоа го сторил Вашингтон.

„Повторно се слушаат обвивувања на сметка на Москва за мешање во внатрешните процеси во Македонија. Она што Метју Палмер го кажа во Скопје, за вмешаноста на Русија е смешно. Би сакале да потсетиме дека на 19 октомври, САД, а не Русија, со помош на нечесни методи, уцени, закани и поткупување на пратеници, ја протуркаа во македонското собрание одлуката за почеток на постапката за измена на Уставот на Македонија“, рече Захарова.

На Белградскиот безбедносен форум одржан месецов пак на кој имаше и посебна сесија за односите меѓу Русија и Западот, поранешниот австриски дипломат Штефан Лене оцени дека Москва ја користи религиозната и идеолошка поврзаност со земјите од регионот, но и дезинформациите за да го зголеми своето влијание на Балканот. Според Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика видлива е зголемената ангажираност на Русија.

Русија во овој регион и со релативно мала инвестиција, односно со релативно мал ангажман може на некој начин да влијае на процесите на интеграција на овие земји, сите со исклучок на Србија во НАТО и интеграција во Европската унија”, вели Кацарска.

Во интервјуто за Радио Слободна Европа, кое во целост ќе го емитуваме в недела, таа вели дека се видливи несогласувањата меѓу Западот и Москва поврзани со спроведувањето на Договорот од Преспа кој треба да ја однесе Македонија во НАТО.

Инаку, официјална Москва реагираше и претходно наведувајќи меѓудругото и дека амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли на денот на гласањето во парламентот за пристапување кон уставните измени бил во Собранието.

Осумте гласа кои недостигаа за да се обезбеди двотретинско мнозинство за да се пристапи кон уставни измени во Македонија беа обезбедени со уцени, закани и поткуп на пратениците од опозицијата, реагира руското Министерство за надворешни работи, наведе во соопштение руското МНР. Дипломатска руска служба коментираше и за пратениците кои гласаа „за“ пишувајќи дека „тројца од нив, по чиста случајност, тој ден беа ослободени од притвор, на двајца обвинети од СЈО им беше ветена слобода, а на останатите им беа дадени коруптивни финансиски предлози”.

Ова соопштение предизвика реакција и од македонското министерство за надворешни работи од каде што „категорично ги отфрлија изнесените наводи и квалификации“. Кацарска објаснува дека под влијание со мал ангажман се подразбираат реакциите на Москва со таков тип соопштенија.

Ние сме сведоци дека во Македонија и за Македонија Руската федерација во последно време е доста поактивна ако се спореди со деведесеттите години на минатиот век или во првата деценија од 21 век така што во тој контекст може да влијаат само преку соопштенија и тоа е дефиниција за мал ангажман”, вели Кацарска.

Инаку по соопштението на руското МНР во кое беше споменат и американскиот амбасадор Бејли тој демантираше дека тој ден бил во Собранието, наведувајќи дека тој ден бил во неговата канцеларија. Бејли рече и дека се апсурдни обвинувањата дека САД нелегално се вмешани и влијаеле на гласањето во Собрание.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG