Вести
СДСМ: пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да дејствуваат слободно
Раководството на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски денеска одново покажаа дека по секоја цена сакаат да ја блокираат иднината на Македонија во ЕУ и НАТО, тврди СДСМ во партиското соопштение.
“Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието да дејствуваат слободно и да се спротивстават на антизападниот партиски играч Мицкоски и антизападното раководство на партијата”, наведуваат од владејачката партија.
Во соопштението додаваат и дека “сите пратеници, вклучително и оние на ВМРО-ДПМНЕ имаат обврска пред граѓаните да ја следат јасно изразената мнозинска волја на над 80 отсто од граѓаните и да обезбедат иднина во ЕУ и НАТО преку прифаќање на уставните измени во Собранието”.
види ги сите денешни вести
Осомничени 20 бизнисмени и вработени во УЈП за штета на Буџетот од 4,8 милиони евра
Вкупно 20 лица се осомничени во истрага поврзана со даночни затајувања и измами, како и перење пари и злоупотреба на службената положба. Меѓу осомничените се бизнисмени – сопственици и управители на фирми и вработени во скопската дирекција на Управата за јавни приходи (УЈП).
Тие се сомничат дека го оштетиле државниот буџет за 4,8 милиони евра (297.733.844 денари), соопшти Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Првоосомничен е српски државјанин – сопственик и управител на две фирми. Тој, според обвинителството, во 2024-2025 година избегнал да плати данок во износ од околу 188 илјади евра.
Заедно со двајца службеници од дирекцијата на УЈП во Скопје тој формирал група со која ги вршеле кривични дела и во истата биле вклучени и други сопственици, управители и вработени во фирми во Скопје и Гевгелија, посочи ОЈО ГОКК.
„Останатите осомничени сопственици и управители на правни лица со лажни пријави побарале, а осомничените вработени им одобриле неосновано враќање данок за нерезидентни правни лица со што е нанесена штета на буџетот во износ од 31.175.168 денари (507.000 евра)“, соопшти обвинителство.
Дополнително, додаваат оттаму, дел од осомничените во истиот период вршеле трансфер и подигање пари во вредност од околу 1,5 милиони евра со цел да го прекријат нивното потекло.
Инаку, двајца од опфатените со оваа истрага се веќе осомничени во предметот поврзано со корупциската афера со злоупотреба на европски пари од ИПАРД 3 програмата преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој.
Акцијата под раководство на ОЈО ГОКК беше спроведена на 15 јануари, а во неа учествувале истражители од обвинителството и припадници на МВР кои извршиле претреси на 16 локации низ државата. Биле одземени фиктивни документи, пари, оружје, лажни печати од фирми.
Пред отворање на истрагата вчера, истражителите и Управата за финансиско разузнавање воделе предистрага откако добиле известување за сомнежите од Агенцијата за национална безбедност.
Двајцата осомничени кои се дел и од истрагата за аферата со ИПАРД 3 веќе се наоѓаат во притвор. За осум од останатите ОЈО ГОКК бара притвор, додека за десетте други предлага поблаги мерки за обезбедување, како и забрана за вршење на работни активности за дел од вработените во УЈП.
Од Основниот кривичен суд Скопје соопштија дека од десет лица за кои се бараат мерки, досега за деветмина се определени одземање на пасоши, обврска за јавување во суд, забрана за комуникација со одредени лица и забрана за работа. За десетиот, како и за осумтемина лица за кои се бара притвор одлуки се очекуваат во текот на денот.
Трамп го доби нобеловиот медал за мир од венецуелската опозиционерка Мачадо
Венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо му го врачи својот медал за Нобелова награда за мир на американскиот претседател Доналд Трамп за време на нивниот состанок во Белата куќа, во обид да влијае на неговите напори да ја обликува политичката иднина на нејзината земја.
Претставник на Белата куќа потврди дека Трамп има намера да го задржи медалот. Во објава на социјалните мрежи доцна во четвртокот, Трамп напиша:
„Марија ми ја врачи својата Нобеловата награда за мир за работата што ја направив. Прекрасен гест на меѓусебно почитување. Ти благодарам, Марија!“
Мачадо, која го опиша состанокот како „извонреден“, рече дека подарокот е признание за, она што таа го нарече, негова посветеност на слободата на венецуелскиот народ.
Белата куќа подоцна објави и фотографија од Трамп и Мачадо, каде што претседателот држи голема, златна рамка во која се наоѓа медалот.
Во рамката има и текст со кој се наведува: „До претседателот Доналд Џ. Трамп, во знак на благодарност за вашето извонредно лидерство во промовирањето на мирот пред силата“. Овој чин беше опишан како „личен симбол на благодарност во име на венецуелскиот народ“.
Обидот на Мачадо да влијае на Трамп дојде откако тој ја отфрли идејата да ја назначи за лидерка на Венецуела, на местото на соборениот Николас Мадуро.
Трамп отворено лобираше тој да ја добие Нобеловата награда за мир и се жалеше дека бил заобиколен откако Мачадо беше објавена како добитничка.
Иако Мачадо му го даде на Трамп златниот медал што го добиваат лауреатите, сепак, наградата останува нејзина. Норвешкиот Нобелов комитет соопшти дека наградата не може да се пренесе, сподели или одземе.
На прашањето во среда дали сака Мачадо да му ја даде наградата, Трамп за Ројтерс изјави: „Не, не го кажав тоа. Таа ја освои Нобеловата награда за мир“.
Републиканскиот претседател долго време изразува интерес за освојување на наградата и повремено ја поврзува со неговите дипломатски достигнувања.
Состанокот со венецуелската опозиционерка, кој траеше нешто повеќе од еден час, беше прва нивна средба лице в лице.
По средбата, Мачадо во Капитол Хил се сретна со повеќе од десетина сенатори меѓу кои и републиканци и демократи.
За време на нејзината посетата, портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит, изјави дека Трамп со нетрпение очекува да се сретне со Мачадо, но остана на својата „реална“ проценка дека таа во моментов ја нема потребната поддршка за да ја води земјата на краток рок.
Мачадо, која избега од јужноамериканската земја преку море во декември, се „натпреварува“ за наклонетоста на Трамп со членовите на венецуелската влада и се обидува да обезбеди улога во идното управување на земјата.
Откако САД упаднаа во Венецуела овој месец и го уапсија соборениот претседател Николас Мадуро, опозициските претставници, членовите на венецуелската дијаспора и политичарите низ САД и Латинска Америка изразија надеж дека Венецуела може да започне процес на демократизација.
Надеж за демократизација на Венецуела
Демократскиот сенатор Крис Марфи, еден од сенаторите што се сретнаа со Мачадо, рече дека лидерката на опозицијата им кажала на сенаторите дека репресијата во Венецуела не е поинаква од тоа што била во време Мадуро.
„Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, е ’вешт политичар‘ која секој ден станува сè поцврста благодарение на поддршката на Трамп. Се надевам на избори, но сум скептичен“, рече сенаторот од Конектикат, Марфи.
Трамп изјави дека е фокусиран на обезбедување пристап на САД до венецуелската нафта и на економска обнова на Венецуела. Тој неколку пати ја фалеше Родригез, која го презеде раководството на Венецуела по апсењето на Мадуро. Во интервју за Ројтерс во среда, Трамп рече: „Беше многу добро да се работи со неа“.
Мачадо беше дисквалификувана од кандидирање на претседателските избори во Венецуела во 2024 година од страна на Врховениот суд каде судиите се сметаат за сојузници на Мадуро.
Надворешните набљудувачи се убедени дека Едмундо Гонзалез, кандидат на опозицијата кој беше поддржан и од Мачадо, на тогашните избори победи со убедлива разлика, но Мадуро прогласи победа и ја задржа власта.
Сегашната влада во Венецуела последните денови ослободи десетици политички затвореници, но меѓународни организации и активисти велат дека обемот на ослободувањата е преувеличен од страна на Каракас.
Украина бара зголемување на увозот на енергија поради руските напади
Новиот министер за енергетика на Украина им нареди на државните компании да го зголемат увозот од странство, посочувајќи ги проблемите што ја мачат електричната мрежа по систематската кампања за бомбардирање од страна на Русија, јави агенцијата АФП.
Инженерите и спасувачките екипи се борат со температури под нулата за да ја обноват работата на електраните и трафостаниците погодени во последните денови од руски беспилотни летала и од ракети.
„Државните компании, првенствено „Украински железници“ и „Нафтогас“, мора итно да обезбедат набавка на увезена електрична енергија за време на грејната сезона 2025-26 година, во износ од најмалку 50 отсто од вкупната потрошувачка“, изјави министерот за енергетика, Денис Шмигал.
Тој не кажа колку електрична енергија Украина моментално произведува или увезува, информации што властите ги кријат поради чувствителноста на случувањата во војната.
Руските напади со беспилотни летала и ракети неодамна потонаа цели градови во темнина и оставија милиони луѓе со повремено греење или воопшто без греење, во период кога температурите паѓаат до -20 степени Целзиусови во некои области.
Во последните денови, новинари на АФП во Киев видоа исклучени семафори, затворени продавници и ресторани и жители кои се загреваат и полнат телефони во шатори поставени од државата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски доцна на 15 јануари објави дека 400.000 луѓе останале без електрична енергија по руските воздушни напади врз Харков, вториот по големина град во земјата.
Премиерката на Украина, пак, Јулија Свириденко објави дека строгите правила за полициски час воведени на почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година ќе бидат ублажени за да им се овозможи на Украинците пристап до центри за итни случаи каде има греење и електрична енергија.
Кремљ изјави дека нападите се насочени само кон воени објекти, а во претходните години го обвинува Киев за страдањето на цивилите за одбивањето да ги прифати руските барања за мир.
Грчки суд ослободи хуманитарни работници од обвиненија за шверц со мигранти
Дваесетина хуманитарни работници вклучени во спасување бегалци во Грција беа ослободени од обвиненија за шверц со мигранти во повеќегодишен случај за кој групите за човекови права го оценија како неоснован обид да се забрани помошта за бегалците што се упатуваат кон Европа, јави Ројтерс.
Земјите од Европската Унија(ЕУ), вклучително и Грција - каде што повеќе од еден милион луѓе пристигнаа на брегот за време на бегалската криза во Европа во 2015 и 2016 година - ги заоструваат правилата за миграција како што десничарските партии добиваат предност во земји од ЕУ.
На судењето на егејскиот остров Лезбос, 24 обвинети се соочија со обвиненија за вмешаност во криминална група што го олеснувала нелегалниот влез на мигранти, како и за перење пари поврзано со финансирање на нивната организација.
Обвинетите беа поврзани со Меѓународниот центар за итни интервенции, непрофитна група за пребарување и спасување која работеше на Лезбос од 2016 до 2018 година.
Меѓу нив беше и Сара Мардини, една од двете сириски сестри кои спасија бегалци во 2015 година со тоа што го извлекоа нивниот чамец што тонеше и чија приказна го инспирираше популарниот филм „Пливачите“ на Нетфликс од 2022 година и Шон Биндер, германски државјанин кој од 2017 година волонтира за Меѓународниот центар за итни интервенции (ЕРЦИ), грчка непрофитна организација позната по обезбедување хуманитарна помош и итен одговор, особено за мигранти и бегалци.
Двајцата беа уапсени во 2018 година и поминаа повеќе од 100 дена во притвор.
Судот ги отфрли сите обвиненија со пресуда која адвокатот на одбраната, Закаријас Кесес, ја нарече „храбра“, но и дека била дочекана со „горчливо-слатко олеснување“.
Иако обвиненијата беа неосновани, рече Кесес, грчкиот судски систем го одложи решавањето на случајот, што доведе до тоа стотици луѓе да се повлечат од активности за хуманитарна помош.
„Потребни беа 2.897 дена за да се спроведе правда и да се сруши лажниот наратив на властите. Најголемиот случај на криминализација на хуманитарната помош беше изграден врз прирачник за нечовечност“, изјави Кесес за Ројтерс.
Во последниве години, Грција го заостри ставот кон мигрантите. Од 2019 година, централно-десничарската влада ги засили граничните контроли со огради и со морски патроли.
„Грчките власти треба да престанат да ја криминализираат солидарноста и да дадат приоритет на спасувањето животи“, рече Ева Косе, виш истражувач во одделот за Европа и Централна Азија во организацијата „Хјуман рајтс воч“ нарекувајќи ги судските гонења „злоупотребливи“.
Грција, која неодамна забележа стрмен нов пораст на пристигнувања мигранти од Либија, вели дека ги почитува меѓународното право и човековите права.
Обединетите нации предупредуваат на растечка криза на неухранетост во Авганистан
Растечката криза на неухранетост има тешки последици врз жените и девојчињата во Авганистан, кои меѓународната заедница ги изневерила, изјави за АФП највисокиот претставник на Светската програма за храна во таа земја.
Агенцијата на Обединетите нации (ОН) обезбедува најголем дел од прехранбената помош за Авганистан, со кој од 2021 година управуваат талибанските власти.
Иако донациите за помош значително се намалени во текот на изминатите неколку години, авганистанската влада се соочува со остри критики од странство поради забраната жените да работат во поголемиот дел од професиите и поради ускратувањето на образованието на девојчињата постари од 12 години.
Џон Ајлиеф, директор за Авганистан во Светската програма за храна, во интервју за АФП изнесе проекции дека во наредната година пет милиони жени и деца во таа земја ќе се соочат со акутна неухранетост, која се смета за опасна по живот.
„Речиси четири милиони деца во оваа земја ќе имаат потреба од лекување од неухранетост. Овие бројки се запрепастувачки“, рече Ајлиеф.
Авганистан е земја со повеќе од 40 милиони жители.
Центарот за терапевтска исхрана во рамките на болницата во Херат, на западот од Авганистан, месечно во просек прима меѓу 315 и 320 неухранети деца, а центарот е поддржан од хуманитарната медицинска организација Лекари без граници.
Бројот на случаи постојано растеше во изминатите пет години, според зборовите на Хамајун Хемат, заменик-координатор на „Лекари без граници“ во Херат.
„Никој не знае како се чувствувам“
Меѓу корисничките на Центарот беше и 24-годишната Наџиба, заедно со своето бебе Артија.
Откако на три месеци прележала воспаление на белите дробови, состојбата на Артија се влошила, па нејзините родители оделе од болница во болница обидувајќи се да најдат помош.
Како што вели таа, немала доволно одмор ниту квалитетна храна, што влијаело врз нејзината способност да произведува мајчино млеко.
„Овие денови немам доволно млеко за своето бебе“, вели таа.
Вознемирената мајка, која од лични причини не сакаше да го открие своето презиме, изјави дека семејството живее од продавницата за електрична опрема што ја води нејзиниот сопруг.
Наџиба и нејзиниот сопруг ја потрошиле својата скромна заштеда обидувајќи се да добијат помош за Артија, пред да дознаат дека таа има вродена срцева мана.
„Никој не знае како се чувствувам секој ден, овде со своето дете во ваква состојба“, вели Наџиба.
Некои семејства патуваат стотици километри до болницата во Херат, бидејќи во своите провинции немаат здравствени установи.
Вранга Нијамати, надзорничка на тимот медицински сестри, вели дека често примаат пациенти во „последна фаза“, кога „нема надеж“ за нивниот опстанок.
Сепак, таа вели дека се чувствува „гордо“ поради оние што успеваат да ги спасат од глад.
Покрај лекувањето на децата, медицинските сестри ги советуваат жените за доењето, кое е клучен фактор во борбата против неухранетоста.
„Кризата само ќе се влошува“
Откако талибанците повторно ја презедоа власта во 2021 година, сиромашните семејства се тешко погодени од намалувањето на меѓународната помош, како и од сушата и економските последици од враќањето на пет милиони Авганистанци депортирани од Иран и Пакистан.
„Во 2025 година веќе го забележавме најголемиот пораст на детската неухранетост регистриран во Авганистан од почетокот на 21 век“, изјави Џон Ајлиеф, претставник на Светската програма за храна во Кабул.
Кризата оваа година само ќе се влоши, додаде тој.
„Тие деца ќе умрат ако не бидат лекувани“, предупредува Ајлиеф.
Светската програма за храна бара 390 милиони долари за да обезбеди храна за шест милиони Авганистанци во текот на наредните шест месеци, но Ајлиеф вели дека шансите да се обезбедат тие средства се „многу мали“.
Ветувањата за солидарност од целиот свет, дадени по воведувањето на строгото толкување на исламското право од страна на талибанската влада, малку им помогнале на авганистанските жени, вели директорот на Светската програма за храна.
Тие сега „гледаат како нивните деца умираат од глад во нивните раце“, изјави тој.
АФП
Нови правила во Велика Британија за полесно повикување резервисти во војна
Велика Британија ќе ги зголеми воените сили со зголемување на максималната возраст на поранешни припадници на воените сили кои можат да бидат повикани во воена служба - од сегашните 55 години, на 65 години, јави агенцијата Ројтерс.
Тоа значи дека резервистите треба да останат на повик уште една деценија повеќе отколку досега.
Европските земји, вклучувајќи ги Франција и Германија, презедоа чекори за зголемување на своите воени сили како одговор на руската инвазија на Украина и инсистирањето на Соединетите Американски Држави(САД) за Европа да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност.
Велика Британија, исто така, ќе го намали прагот за кој поранешните воени припадници можат да бидат повикани на служба, па во иднина, тоа ќе вклучува и повикување за „воени подготовки“.
Во моментов тие можат да бидат повикани само за „национална опасност, голема вонредна состојба или напад врз Велика Британија“.
„Овие реформи ќе ни овозможат брзо да го мобилизираме тој талент кога е најпотребен, зајакнувајќи ја нашата подготвеност и усогласувајќи се со сличен пристап што го преземаат многу сили на НАТО“, рече генералот Пол Грифитс.
Се очекува промените да стапат на сила од пролетта 2027 година.
Израелската армија издаде предупредување за евакуација на село во Либан пред нападите врз Хезболах
Израелската војска издаде предупредување за евакуација за селото Сохмор во јужен Либан пред воздушните напади врз цели на Хезболах во областа, јави агенцијата АФП.
„Итно предупредување до жителите на Јужен Либан, поточно во селото Сохмор“, напиша портпаролот на војската, полковник Авичај Адрае, на социјалната мрежа Икс.
„(Израелската војска) ќе ја нападне терористичката воена инфраструктура на Хезболах во блиска иднина за да се справи со забранетите обиди за обнова на нејзините активности во регионот“, напиша Адрае.
Наредбата доаѓа по една недела откако либанската војска соопшти дека го завршила разоружувањето на Хезболах јужно од реката Литани, што е прва фаза од националниот план иако Израел ги нарече тие напори недоволни.
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху како одговор соопшти дека прекинот на огнот „јасно наведува дека Хезболах мора целосно да биде разоружан“.
Израел продолжи со редовните напади во Либан и покрај прекинот на огнот од ноември 2024 година.
Официјалната либанска Национална новинска агенција (ННА) на 11 јануари објави за „серија насилни израелски напади“ врз градовите Џезине и Махмудија како и „повеќе од 10 напади“ врз Ал-Буреиџ, сите во јужен Либан.
Засега нема да се продолжи зимскиот распуст поради грипот
Зимскиот распуст нема да се продолжи затоа што има средна активност на грипот и тоа засега не дава можност за некакви претерани мерки кои би зафаќале граѓаните, изјави д-р Драган Кочински, раководител на одделот за Епидемиологија на заразни заболувања при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
„Доколку има каква било промена ќе апелираме и ќе дадеме соодветни мерки. Се забележува дека има зголемување на бројот на хоспитализирани и кај возрасните и кај децата и тоа е очекувано за овој период од годината, не се целосно исполнети капацитети на болниците“, рече д-р Кочински.
Од 5 до 11 јануари регистрирани се 2.322 заболени од грип, што е за 34,6 отсто повеќе во однос на претходната недела.
Во споредба со истата недела од минатата сезона, се регистрира зголемување на бројот на заболени за 2,2 пати, а ако се спореди со просекот од последните 15 сезони, има зголемување од 39,1 отсто.
Најголем број заболени, 1.378, се на возраст од 15 до 64 години, а највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст до четири години и од пет до 14 години.
Најголем број заболени (556) има во Скопје. Следуваат Тетово (308), Куманово (266) и Охрид (202).
Досега има еден смртен случај асоциран со грип, жена на 75 години од Скопје, која била хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и кај која биле регистрирани коморбидитети.
За превенција од грип, лекарите препорачуваат да се избегнуваат простории со голем број луѓе, особено ако меѓу нив има такви кои имаат симптоми на респираторно заболување, кашлање, кивање, температура, да се проветрува, да се пијат витамини, минерали, природно цедени сокови, се што може да го подобри имунитетот.
Шефицата на ММФ во Киев, во прва посета по 2023 година
Шефицата на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева на 15 јануари пристигна во Киев на разговори на високо ниво, додека Украина се подготвува да ја одбележи четвртата годишнина од целосната инвазија на Русија на 24 февруари 2022 година, јави Ројтерс.
Шефот на централната банка, Андриј Пишни, ја пречека Георгиева пред манастирот „Свети Михаил“ на плоштадот во центарот на Киев, каде што беа изложени изгорени руски тенкови. Заедно, тие положија цвеќе на спомен-ѕидот со портрети на илјадници украински војници убиени во борбата против Русија.
Управната директорка на ММФ ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, премиерката Јулија Свириденко, други украински функционери и бизнисмени за време на нејзината еднодневна посета, соопштија претставници на ММФ.
Посетата на Георгиева на Украина беше чувана во тајност до нејзиното пристигнување во Киев поради безбедносни причини.
Шефицата на ММФ, која има блиски семејни врски со Украина, последен пат ја посети земјата во февруари 2023 година. Нејзиниот брат беше во Харков, вториот по големина град, кога Русија изврши инвазија, пренесе Ројтерс.
Георгиева пристигна во Киев еден ден откако Зеленски прогласи вонредна состојба во енергетскиот сектор за да се забрза работата на снабдувањето со електрична енергија нарушено од руските напади врз инфраструктурата. Поправките на илјадници станбени блокови беа комплицирани од студеното време, при што ноќните температури паднаа близу -20 целзиусови степени.
Украина и ММФ постигнаа прелиминарен договор за четиригодишна програма за кредитирање од 8,2 милијарди долари во ноември 2025, во зависност од усвојувањето на буџетот и зајакнувањето на гаранциите за финансирање од донатори, меѓу другите фактори.
Претставници на ММФ очекуваат дека овој договор одборот ќе го разгледа за неколку недели.
Новата програма на ММФ ќе ја замени неговата сегашна четиригодишна програма од 15,5 милијарди долари, од кои се исплатени околу 10,6 милијарди долари, која претпоставуваше дека војната ќе заврши во 2025 година.
Новиот прелиминарен договор претпоставува дека војната ќе заврши оваа година, но вклучува „сценарио на штета“ дека војната полека ќе се смири и нема да заврши до 2028-та.
Одобрување на финансирањето е клучно, бидејќи ќе ослободи дополнителни надворешни инвестиции потребни за затворање на финансиските празнини на Украина, кои ММФ ги пресмета на околу 136,5 милијарди долари за периодот до 2029 година.
Војната, која наскоро ќе влезе во петта година, силно ја погоди украинската економија, при што земјата треба да го потроши најголемиот дел од државните приходи - 2,8 трилиони украински гривни или околу 27,2% од БДП - за да ги заврши одбранбените напори во 2026 година.
Георгиева ќе го разгледа напредокот на Украина во неколку активности, вклучувајќи го усвојувањето на буџетот за 2026 година, проширувањето на даночната основа за зголемување на приходите и обезбедувањето финансирање од големи надворешни донатори под услови слични на грантови.
Кога го објави прелиминарниот договор, ММФ соопшти дека украинските власти, исто така, се согласиле да ги забрзаат напорите за спречување на даночна евазија.
Лидерите на ЕУ минатиот месец се согласија на Украина да ѝ позајмат 90 милијарди евра (105 милијарди долари) за две години. Украина мора да го сервисира заемот само ако Русија плати репарации по завршувањето на војната.
Русија протерува британски дипломат обвинет за шпионажа
Русија ќе протера дипломат од Обединетото Кралство кого го обвини дека е таен шпион, соопшти руското Министерство за надворешни работи, јави агенцијата АФП.
Министерството соопшти дека го повикало британскиот вршител на должноста амбасадор при што „изнесен силен протест во врска со информациите добиени од надлежните руски власти дека еден од дипломатските службеници на амбасадата припаѓа на разузнавачките служби на Велика Британија“.
„Акредитацијата на лицето се одзема. Тој е должен да ја напушти Руската Федерација во рок од две недели“, соопшти руското МНР.
Москва и Лондон протераа неколку вработени во амбасадите во текот на последната деценија, разменувајќи обвиненија за шпионажа.
Русија ја предупреди Велика Британија да не ја „ескалира ситуацијата“, ветувајќи дека ќе даде „цврст соодветен одговор“ доколку Лондон возврати.
Федералната безбедносна служба на Русија (ФСБ) го именуваше човекот како Гарет Сејмуел Дејвис, кој е наведен во официјалната база на податоци на Русија за акредитирани дипломати како втор секретар на амбасадата.
Односите меѓу Лондон и Москва веќе беа на најниско ниво во последните децении, дури и пред Русија да ја започне својата целосна воена офанзива врз Украина.
Во 2006 година, рускиот дезертер Александар Литвиненко беше убиен во Лондон, отруен со отров „полониум“, во она што британските истражители го оценија како напад на руската тајна служба.
Во 2018 година, пак, Велика Британија соопшти дека рускиот двоен агент Сергеј Скрипал бил отруен со нервен гас „новичок“ во британскиот град Солсбери.
Еден граѓанин почина откако нашол фрлено шишенце парфем, користено како уред за испорака на гасот со кој бил откриен Скрипал, што во последните децении го предизвика најголемото протерување на руски дипломати од Запад, за кои се тврди дека се шпиони.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете