Талибанската морална полиција уапсила четворица млади мажи во градот Херат, западен Авганистан, бидејќи биле облечени како ликови од познатата британска ТВ серија Пики Блајндерс (Peaky Blinders). Тие биле уапсени откако нивни фотографии во облека слична на онаа што ја носи семејството Шелби во популарната драмска серија се прошириле на социјалните мрежи.
Асгар Хусеини, Џалил Јакуби, Ашоре Акбари и Дауд Раса се членови на групата која себеси се нарекува „Thomas Shelby Group“, а локално се познати како „Џабраел Шелбиси“ според населбата во Херат каде што живеат. Во текот на изминатиот месец, младите мажи, за кои се верува дека се во дваесеттите години, биле видени на улиците на Херат со рамни капи, костуми, ракавици и долги капути. Облеката потсетувала на стилот од периодот по Првата светска војна, каков што е прикажан во серијата „Peaky Blinders“.
Искоренување на „западното“
Овие апсења се дел од поширока кампања со која талибанците сакаат да искоренат сè што го сметаат за современо или западно влијание во Авганистан. Талибанскиот закон за „Промовирање на доблеста и спречување на пороците“, официјално донесен во 2024 година, изрично им забранува на мажите во Авганистан да носат западна облека на јавни места. „Сакаа да изразат отпор кон овој систем на присила и доминација“, изјави авганистанската режисерка Сахраа Карими за РСЕ, објаснувајќи зошто младите мажи ја избрале таа облека. „Таквата облека е сосема вообичаена ширум светот, а овие луѓе исто така живеат во тој свет, користат социјални мрежи, гледаат филмови и серии“, додаде таа.
Талибански обид за бришење на сè што е современо, Талибанците, по нивното враќање на власт, воведоа строги ограничувања кои се однесуваат и на начинот на кој мажите и жените во Авганистан смеат да изгледаат и да се однесуваат во јавност. Жените мора да носат никаб, покривало за тело и лице, и мора да бидат во придружба на машки старател. Мажите, пак, се поттикнуваат да пуштаат бради и да носат традиционална авганистанска облека. Повеќето талибански функционери носат чалми и широка облека.
Сајфул Ислам Кибер: Однесувањето на групата „Thomas Shelby“ ги прекршува исламските вредности
Портпаролот на талибанското Министерство за промовирање на доблеста и спречување на пороците, Сајфул Ислам Кибер, изјави дека однесувањето на групата „Thomas Shelby“ ги прекршува „исламските вредности и авганистанската култура“. Тој објави и видео во кое еден од младите мажи јавно се извинува. Пред самото апсење, водачот на групата Хусеини изјави дека ги мотивирала „посебна наклонетост кон класичниот стил на облекување“ од „Peaky Blinders“. За локалниот YouTube канал „Herat Mic“ рече дека планирале во иднина да претстават и облека од различни авганистански заедници. Раса, вториот член на групата, рече дека добиле и критики на интернет. „Во кибер-просторот настана голема бучава“, рече тој, додавајќи дека дури и некои роднини ги обвиниле дека промовираат западна култура. „Но, ова не е само западна култура. Во педесеттите и шеесеттите години имавме сличен стил и овде во Авганистан“, истакна тој.
Парични и затворски казни
Во Авганистан, западниот стил на облекување стана симбол на модерност и либерализам уште во 1920-тите, откако реформаторскиот крал Аманулах Кан воведе костуми за мажи и здолништа за жени како свечена облека. Во децениите што следеа, многу образовани Авганистанци го прифатија тој стил на облекување, а во државните канцеларии се бараше формална западна облека. Сепак, авганистанските исламистички групи се противат на западната облека и манири. Талибанците официјално ја забранија таквата облека и вршат притисок врз оние Авганистанци кои ја носат. Редовно спроведуваат строги контроли, со парични казни и затворски казни за прекршителите.
Серијата „Peaky Blinders“, која е напишана и режирана од британскиот автор Стивен Најт, ги прикажува подвизите на Шелби, измислено криминално семејство во Бирмингем по Првата светска војна. Од премиерата во 2013 година, стекна голема популарност ширум светот.