Достапни линкови

Вести

Израелската армија издаде предупредување за евакуација на село во Либан пред нападите врз Хезболах

Илустрација
Илустрација

Израелската војска издаде предупредување за евакуација за селото Сохмор во јужен Либан пред воздушните напади врз цели на Хезболах во областа, јави агенцијата АФП.

„Итно предупредување до жителите на Јужен Либан, поточно во селото Сохмор“, напиша портпаролот на војската, полковник Авичај Адрае, на социјалната мрежа Икс.

„(Израелската војска) ќе ја нападне терористичката воена инфраструктура на Хезболах во блиска иднина за да се справи со забранетите обиди за обнова на нејзините активности во регионот“, напиша Адрае.

Наредбата доаѓа по една недела откако либанската војска соопшти дека го завршила разоружувањето на Хезболах јужно од реката Литани, што е прва фаза од националниот план иако Израел ги нарече тие напори недоволни.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху како одговор соопшти дека прекинот на огнот „јасно наведува дека Хезболах мора целосно да биде разоружан“.

Израел продолжи со редовните напади во Либан и покрај прекинот на огнот од ноември 2024 година.

Официјалната либанска Национална новинска агенција (ННА) на 11 јануари објави за „серија насилни израелски напади“ врз градовите Џезине и Махмудија како и „повеќе од 10 напади“ врз Ал-Буреиџ, сите во јужен Либан.

види ги сите денешни вести

Нови правила во Велика Британија за полесно повикување резервисти во војна

Полска - Војник на британската армија од кралскиот тенковски полк, за време на вежбата „Итен одговор“ во воената зона Дравско поморские, Полска, 15 мај 2024 година.
Полска - Војник на британската армија од кралскиот тенковски полк, за време на вежбата „Итен одговор“ во воената зона Дравско поморские, Полска, 15 мај 2024 година.

Велика Британија ќе ги зголеми воените сили со зголемување на максималната возраст на поранешни припадници на воените сили кои можат да бидат повикани во воена служба - од сегашните 55 години, на 65 години, јави агенцијата Ројтерс.

Тоа значи дека резервистите треба да останат на повик уште една деценија повеќе отколку досега.

Европските земји, вклучувајќи ги Франција и Германија, презедоа чекори за зголемување на своите воени сили како одговор на руската инвазија на Украина и инсистирањето на Соединетите Американски Држави(САД) за Европа да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност.

Велика Британија, исто така, ќе го намали прагот за кој поранешните воени припадници можат да бидат повикани на служба, па во иднина, тоа ќе вклучува и повикување за „воени подготовки“.

Во моментов тие можат да бидат повикани само за „национална опасност, голема вонредна состојба или напад врз Велика Британија“.

„Овие реформи ќе ни овозможат брзо да го мобилизираме тој талент кога е најпотребен, зајакнувајќи ја нашата подготвеност и усогласувајќи се со сличен пристап што го преземаат многу сили на НАТО“, рече генералот Пол Грифитс.

Се очекува промените да стапат на сила од пролетта 2027 година.

Засега нема да се продолжи зимскиот распуст поради грипот

Илустрација
Илустрација

Зимскиот распуст нема да се продолжи затоа што има средна активност на грипот и тоа засега не дава можност за некакви претерани мерки кои би зафаќале граѓаните, изјави д-р Драган Кочински, раководител на одделот за Епидемиологија на заразни заболувања при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

„Доколку има каква било промена ќе апелираме и ќе дадеме соодветни мерки. Се забележува дека има зголемување на бројот на хоспитализирани и кај возрасните и кај децата и тоа е очекувано за овој период од годината, не се целосно исполнети капацитети на болниците“, рече д-р Кочински.

Од 5 до 11 јануари регистрирани се 2.322 заболени од грип, што е за 34,6 отсто повеќе во однос на претходната недела.

Во споредба со истата недела од минатата сезона, се регистрира зголемување на бројот на заболени за 2,2 пати, а ако се спореди со просекот од последните 15 сезони, има зголемување од 39,1 отсто.

Најголем број заболени, 1.378, се на возраст од 15 до 64 години, а највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст до четири години и од пет до 14 години.

Најголем број заболени (556) има во Скопје. Следуваат Тетово (308), Куманово (266) и Охрид (202).

Досега има еден смртен случај асоциран со грип, жена на 75 години од Скопје, која била хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и кај која биле регистрирани коморбидитети.

За превенција од грип, лекарите препорачуваат да се избегнуваат простории со голем број луѓе, особено ако меѓу нив има такви кои имаат симптоми на респираторно заболување, кашлање, кивање, температура, да се проветрува, да се пијат витамини, минерали, природно цедени сокови, се што може да го подобри имунитетот.

Шефицата на ММФ во Киев, во прва посета по 2023 година

Украина -Шефицата на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, пред ѕидот на сеќавањето на паднатите борци за Украина, Киев, 15 јануари 2026 година.
Украина -Шефицата на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, пред ѕидот на сеќавањето на паднатите борци за Украина, Киев, 15 јануари 2026 година.

Шефицата на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева на 15 јануари пристигна во Киев на разговори на високо ниво, додека Украина се подготвува да ја одбележи четвртата годишнина од целосната инвазија на Русија на 24 февруари 2022 година, јави Ројтерс.

Шефот на централната банка, Андриј Пишни, ја пречека Георгиева пред манастирот „Свети Михаил“ на плоштадот во центарот на Киев, каде што беа изложени изгорени руски тенкови. Заедно, тие положија цвеќе на спомен-ѕидот со портрети на илјадници украински војници убиени во борбата против Русија.

Управната директорка на ММФ ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, премиерката Јулија Свириденко, други украински функционери и бизнисмени за време на нејзината еднодневна посета, соопштија претставници на ММФ.

Посетата на Георгиева на Украина беше чувана во тајност до нејзиното пристигнување во Киев поради безбедносни причини.

Шефицата на ММФ, која има блиски семејни врски со Украина, последен пат ја посети земјата во февруари 2023 година. Нејзиниот брат беше во Харков, вториот по големина град, кога Русија изврши инвазија, пренесе Ројтерс.

Георгиева пристигна во Киев еден ден откако Зеленски прогласи вонредна состојба во енергетскиот сектор за да се забрза работата на снабдувањето со електрична енергија нарушено од руските напади врз инфраструктурата. Поправките на илјадници станбени блокови беа комплицирани од студеното време, при што ноќните температури паднаа близу -20 целзиусови степени.

Украина и ММФ постигнаа прелиминарен договор за четиригодишна програма за кредитирање од 8,2 милијарди долари во ноември 2025, во зависност од усвојувањето на буџетот и зајакнувањето на гаранциите за финансирање од донатори, меѓу другите фактори.

Претставници на ММФ очекуваат дека овој договор одборот ќе го разгледа за неколку недели.

Новата програма на ММФ ќе ја замени неговата сегашна четиригодишна програма од 15,5 милијарди долари, од кои се исплатени околу 10,6 милијарди долари, која претпоставуваше дека војната ќе заврши во 2025 година.

Новиот прелиминарен договор претпоставува дека војната ќе заврши оваа година, но вклучува „сценарио на штета“ дека војната полека ќе се смири и нема да заврши до 2028-та.

Одобрување на финансирањето е клучно, бидејќи ќе ослободи дополнителни надворешни инвестиции потребни за затворање на финансиските празнини на Украина, кои ММФ ги пресмета на околу 136,5 милијарди долари за периодот до 2029 година.

Војната, која наскоро ќе влезе во петта година, силно ја погоди украинската економија, при што земјата треба да го потроши најголемиот дел од државните приходи - 2,8 трилиони украински гривни или околу 27,2% од БДП - за да ги заврши одбранбените напори во 2026 година.

Георгиева ќе го разгледа напредокот на Украина во неколку активности, вклучувајќи го усвојувањето на буџетот за 2026 година, проширувањето на даночната основа за зголемување на приходите и обезбедувањето финансирање од големи надворешни донатори под услови слични на грантови.

Кога го објави прелиминарниот договор, ММФ соопшти дека украинските власти, исто така, се согласиле да ги забрзаат напорите за спречување на даночна евазија.

Лидерите на ЕУ минатиот месец се согласија на Украина да ѝ позајмат 90 милијарди евра (105 милијарди долари) за две години. Украина мора да го сервисира заемот само ако Русија плати репарации по завршувањето на војната.



Русија протерува британски дипломат обвинет за шпионажа

Илустрација
Илустрација

Русија ќе протера дипломат од Обединетото Кралство кого го обвини дека е таен шпион, соопшти руското Министерство за надворешни работи, јави агенцијата АФП.

Министерството соопшти дека го повикало британскиот вршител на должноста амбасадор при што „изнесен силен протест во врска со информациите добиени од надлежните руски власти дека еден од дипломатските службеници на амбасадата припаѓа на разузнавачките служби на Велика Британија“.

„Акредитацијата на лицето се одзема. Тој е должен да ја напушти Руската Федерација во рок од две недели“, соопшти руското МНР.

Москва и Лондон протераа неколку вработени во амбасадите во текот на последната деценија, разменувајќи обвиненија за шпионажа.

Русија ја предупреди Велика Британија да не ја „ескалира ситуацијата“, ветувајќи дека ќе даде „цврст соодветен одговор“ доколку Лондон возврати.

Федералната безбедносна служба на Русија (ФСБ) го именуваше човекот како Гарет Сејмуел Дејвис, кој е наведен во официјалната база на податоци на Русија за акредитирани дипломати како втор секретар на амбасадата.

Односите меѓу Лондон и Москва веќе беа на најниско ниво во последните децении, дури и пред Русија да ја започне својата целосна воена офанзива врз Украина.

Во 2006 година, рускиот дезертер Александар Литвиненко беше убиен во Лондон, отруен со отров „полониум“, во она што британските истражители го оценија како напад на руската тајна служба.

Во 2018 година, пак, Велика Британија соопшти дека рускиот двоен агент Сергеј Скрипал бил отруен со нервен гас „новичок“ во британскиот град Солсбери.

Еден граѓанин почина откако нашол фрлено шишенце парфем, користено како уред за испорака на гасот со кој бил откриен Скрипал, што во последните децении го предизвика најголемото протерување на руски дипломати од Запад, за кои се тврди дека се шпиони.


САД ја запираат обработката на имигрантски визи за 75 земји, меѓу кои и Северна Македонија

Фотоархива: Зградата на американскиот Стејт департмент во Вашингтон
Фотоархива: Зградата на американскиот Стејт департмент во Вашингтон

Администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп ја суспендира обработката на имигрантски визи за подносители на барања од 75 земји, соопшти во средата Стејт департментот.

Стејт департментот на социјалната мрежа X (Икс) наведе дека ќе ја запре обработката на имигрантски визи за 75 земји чии мигранти користат социјална помош од американските даночни обврзници во неприфатливо висок обем.

За суспензијата на обработката на барањата за визи првично објави Фокс њуз (Fox News), повикувајќи се на меморандум на Стејт департментот.

Според извештајот на Фокс њуз, меѓу тие 75 земји се Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Северна Македонија.

Извештајот на Фокс њуз го спомена на X и портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.

Од европските земји на списокот се и Азербејџан, Белорусија, Грузија, Ерменија, Молдавија и Русија.

Иако Стејт департментот сè уште нема објавено официјален список, во една од објавите на X наведе дека „паузата влијае на десетици земји вклучувајќи ги Сомалија, Хаити, Иран и Еритреја, чии имигранти често стануваат јавен товар за Соединетите Американски Држави по пристигнувањето“.

„Работиме на тоа да се обезбеди великодушноста на американскиот народ повеќе да не биде злоупотребувана“, додаде Стејт департментот.

Суспензијата на обработката на барањата за имигрантски визи од наведените 75 земји ќе започне на 21 јануари, наведува Фокс њуз, додавајќи дека меморандумот им наложува на американските амбасади да ги одбиваат визите согласно важечкиот закон, додека Стејт департментот ги преиспитува своите процедури.

Суспензијата на обработката на визите се совпаѓа со мерките на администрацијата на Трамп против имиграцијата.

Трамп во ноември вети дека „трајно ќе ги паузира“ миграциите од сите „земји од третиот свет“ по пукањето во близина на Белата куќа, во кое, според наведениот извор, учествувал авганистански државјанин и во кое загинал припадник на Националната гарда.

Соединетите Американски Држави долго време одбиваа визи на лица за кои се сметаше дека веројатно на крајот ќе имаат потреба од државна социјална помош, но Стејт департментот соопшти дека сега ќе го користи истото овластување за целосна суспензија на имиграциските визи врз основа на националност, пренесува АФП.

Стејт департментот во понеделникот соопшти дека од враќањето на Трамп поништил повеќе од 100.000 визи, што претставува рекорд за една година.

Министерството за внатрешна безбедност минатиот месец соопшти дека администрацијата на Трамп депортирала повеќе од 605.000 луѓе, а уште 2,5 милиони други ја напуштиле земјата доброволно.


Европската комисија предложи 90 милијарди помош за Украина

Знамињата на ЕУ и на Украина
Знамињата на ЕУ и на Украина

Европската комисија (ЕК) во средата усвои пакет законодавни предлози со кои се обезбедува континуирана финансиска поддршка за Украина во тековната и во наредната година.

Како што соопшти оваа институција, овој чекор претставува важен пресврт во силната и долгорочна поддршка на Европската унија (ЕУ) за Украина во нејзината одбрана од руската агресија. Предлогот опфаќа воспоставување нов заем за Украина во износ од 90 милијарди евра.

Станува збор за резултат на договорот што лидерите на земјите членки на Европската унија го постигнаа на самитот во декември 2025 година, со цел да ѝ се обезбедат овие средства на Украина и да се избегне финансиски недостиг, проценет на 70 милијарди евра, со кој Киев би се соочил уште во април.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен потсети дека наскоро ќе се одбележи четвртата годишнина од руската агресија врз Украина, истакнувајќи дека Русија не покажува знаци на попуштање.

„Нема знаци на каење. Нема знаци на барање мир. Напротив. За време на божиќните празници Русија ги интензивираше нападите, убивајќи цивили и погодувајќи енергетска инфраструктура. Ова мора да престане. Сите сакаме мир за Украина, но за да се дојде до него, Украина мора да биде во силна позиција. Затоа минатата есен се договоривме да ги покриеме воените и буџетските финансиски потреби на Украина за 2026 и 2027 година“, порача претседателката на ЕК.

Како што се наведува во соопштението на Европската комисија, оваа финансиска обврска ќе се реализира преку ограничен кредит од 90 милијарди евра за периодот 2026–2027, познат како Заем за поддршка на Украина.

Предложената поддршка е структурирана во две компоненти: околу две третини од средствата, односно 60 милијарди евра, се наменети за воена помош, додека преостанатата третина, во износ од 30 милијарди евра, би била обезбедена како општа буџетска поддршка.

Овој предлог треба да биде потврден и одобрен од Европскиот парламент и од Советот на ЕУ.

„Денес ја покажуваме нашата континуирана и непоколеблива поддршка за Украина. Сега сметаме на Европскиот парламент и на Советот на ЕУ брзо да се усогласат околу овие предлози, за да обезбедиме Украина да ја добие првата исплата уште во април“, наведе фон дер Лајен.

Како што понатаму се наведува во соопштението на ЕК, оваа помош ќе ѝ овозможи на Украина да ги зајакне своите одбранбени капацитети, да обезбеди непречено функционирање на државата и на основните јавни услуги, како и да ја зголеми отпорноста на земјата и да ја унапреди нејзината интеграција со европската одбранбена индустриска база.

Според проценките на Меѓународниот монетарен фонд, пакетот за поддршка што го претстави Европската комисија покрива околу две третини од вкупните финансиски потреби на Украина во наредните две години.

„Поради тоа, и понатаму е неопходна континуирана и координирана поддршка од меѓународните партнери“, се наведува во соопштението на ЕК.

Дурмиши: Нема причина за мерки за цените на храната

Фотоархива: Бесар Дурмиши, министер за економија
Фотоархива: Бесар Дурмиши, министер за економија

Министерството за економија и труд засега не гледа причина да реагира во однос на цените на храната затоа што во декември цените биле намалени за 0,4 проценти. Доколку има енормно зголемување на цените, вели министерот за економија Бесар Дурмиши, ќе реагираат и ќе се преземат мерки.

Тој денеска (14 јануари) изјави дека во моментот не гледа причина за некакво ограничување на профитната бруто-маржа или ограничување на цените.

„ Секојдневно ја следиме ситуацијата, во комуникација сме со претставниците од Државниот пазарен инспекторат и ако има потреба, ќе реагираме, но во декеври цените во делот на храната и пијалаците се намалени за 0,4 проценти. Убеден сум дека овој тренд ќе продолжи и оваа година“, изјави Дурмиши.


Тој рече дека лани се направени повеќе од 20 илјади контроли. При тоа, изречени се 2,5 милиона евра глоба за оние трговци што се однесувале девијатно и ги зголемиле цените без економска оправданост.

Дурмиши најави и дека Државниот пазарен инспекторат и Инспекторатот за труд ќе бидат зајакнати со нови инспектори, кои треба да го поминат периодот на обука и кон средината на годината активно да се вклучат на терен.

Министерот смета дека на терен се потребни инспектори што ќе ја вршат контролата над сите трговски друштва со цел да се утврди кој не ги почитува законите.

Како што изјави денеска, во Трудовиот инспекторат во моментот има 80-ина инспектори, а во Пазарниот инспекторат - 120.

„Уште во времето кога овие два инспектората, со измените на законот, го изгубија правото на правен субјект и влегоа во склоп на Министерството за економија и труд, ја известив Владата со барање да имаме повеќе инспектори, особено во Пазарниот инспекторат, бидејќи тие го опфаќаат целиот внатрешен пазар“, додаде Дурмиши.

Задолжување од една милијарда евра: За власта успех, за опозицијата „приказна за нужда“

Фотоархива/Илустрација
Фотоархива/Илустрација

Министерството за финасии ја реализираше аукцијата за издавање на 10-тата еврообврзница, а задолжувањето ќе се реализира преку две транши од по 500 милиони евра, со рок на доспевање од четири и од осум години.

Ова денеска го соопшти ресорната министерка, Гордана Димитриеска Кочоска откако вчера, Министерството информираше дека еден час по објавувањето на почетните каматни стапки, побарувачката од инвеститорите достигнала две милијарди евра.

-Пред отворањето на американскиот пазар, книгата на инвеститори достигна дури три милијарди евра, а по неговото отворање максималната понуда надмина четири милијари евра, се вели во соопштението од Министерството за финансии (МФ).

Министерката, Димитриеска Кочоска тврди дека постигнатите каматни стапки се меѓу најповолните во однос на референтната вредност на Еурибор во последните дваесет години.

„За траншата со рок од четири години каматата изнесува 3,875 проценти, а за траншата со рок од осум години 4,75 проценти. Особено имајќи го предвид актуелното високо ниво на Еурибор, овие услови претставуваат најконкурентна цена на задолжување што државата ја има постигнато во последните две децении“, истакна Димитриеска Кочоска.

Паралелно, со новата емисија, ќе се реализира и предвремен откуп на еврообврзницата што достасува во јуни 2026 година. Очекувањата на надлежните се дека со оваа одлука, значително ќе се компензираат трошоците од новото издавање.

„Со средствата обезбедени преку оваа еврообврзница, предвидена во Буџетот за 2026 година, ќе се изврши навремена исплата на еврообврзницата издадена во 2020 година во износ од 700 милиони евра, а останатите средства ќе бидат насочени кон финансирање на буџетскиот дефицит и реализација на развојни проекти од суштинско значење за економскиот раст“, додаде Димитриеска Кочоска.

Инаку, издавањето на оваа еврообврзница е планирано во Буџетот за 2026 година и во Ревидираната стратегија за управување со јавниот долг.

Оттука, според министерката, Министерството за финансии ќе изврши исплата на обврски по основ на надворешен долг во вкупен износ од околу 893 милиони евра.

Вкупните обврски за отплата на домашниот и меѓународниот пазар изнесуваат за периодот 2026-2030, изнесуваат 8,804 милјарди евра.

СДСМ: Новото задолжување не е приказна за успех

Но, на овие информации опозициската СДСМ реагираше преку писмено соопштение во кое наведува дека „новото задолжување не е приказна за успех, туку за нужда“.

Повеќе долгови значат поголеми камати, помалку средства за социјални програми, здравство и образование, и поголем ризик од криза ако глобалните каматни стапки пораснат – велат од СДСМ.

Од партијата меѓу другото, бараат Владата да објасни „како ќе обезбеди одржливост на финансиите без постојано потпирање на странски кредити“.

Во соопштението, СДСМ критикува дека задолжувањето е „одговор на проблемите со финансиите и буџетскиот дефицит“.

-Оваа „доверба на инвеститорите“ што Владата го слави, всушност е сигнал дека земјата мора да се задолжи по цена на зголемување на вкупниот долг, кој веќе надминува 60% од БДП според ЕУ стандардите, се вели во реакцијата од опозицијата.

ХРАНА: Најмалку 2.403 загинати во протестите во Иран

Антивладини протести во Машхад, на североистокот на Иран, на 13 јануари.
Антивладини протести во Машхад, на североистокот на Иран, на 13 јануари.

Бројот на загинати во протестите во Иран достигна 2.403, соопшти ХРАНА, организација за човекови права со седиште во Соединетите Американски Држави (САД).

Овој број и понатаму расте, додека верските лидери на Исламската Република се обидуваат да го задушат најголемиот бран антивладини протести во последните години, што предизвикува закани за интервенција од страна на САД.

Американскиот претседател, Доналд Трамп ги повика Иранците да продолжат со протестите, ветувајќи им дека ќе им пружи помош.

ХРАНА во средата навечер соопшти дека досега ја потврдила смртта на 2.403 демонстранти, 147 лица поврзани со Владата, 12 малолетници помлади од 18 години и девет цивили кои не учествувале во протестите.

Еден ирански функционер во вторникот изјави дека околу 2.000 луѓе биле убиени. Ова е првпат властите да дадат вкупна проценка на жртвите од двонеделните немири низ целата земја.

„Помошта пристигнува“

На прашањето што мислел кога рекол „помошта пристигнува“, Трамп им одговори на новинарите дека тоа самите треба да го разберат.

Трамп изјави дека воената акција е една од опциите што ги разгледува со цел да го казни Иран поради задушувањето на протестите.

Во интервју за CBS News, Трамп рече дека САД ќе преземат „многу силни мерки“ против Иран доколку режимот започне да ги беси демонстрантите.

„Не сакаме тоа што се случува во Иран да продолжи“, рече тој. „Нема да заврши добро“. Тој додаде дека администрацијата чека официјална потврда за бројот на демонстранти убиени од страна на иранските безбедносни сили.

Трамп воведе царини од 25 проценти на увозот на производи од секоја земја што тргува со Иран, кој е голем извозник на нафта.

Кина, која купува најголем дел од иранскиот извоз на нафта, веднаш го критикуваше овој потег.

За време на телефонски разговор во саботата, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и американскиот државен секретар Марко Рубио разговараа за можноста за американска интервенција во Иран, според извор од Израел присутен на разговорот - пренесува Ројтерс.

Иран вети дека ќе возврати на секој напад со гаѓање на Израел и на американски бази и бродови.

Немирите, предизвикани од тешките економски услови, претставуваат најголем внатрешен предизвик за иранските лидери во последните три години и се одвиваат во време на зголемен меѓународен притисок врз Иран поради неговите нуклеарни и балистички ракетни програми.



Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG