Достапни линкови

На Македонија ѝ требаат странски инвеститори поврзани со домашниот бизнис


Продолжува трендот со сечење црвени ленти за странски инвестиции. Отворање на фабриката на американски „Адиент“ во ТИРЗ Струмица на 15 јуни 2017
Продолжува трендот со сечење црвени ленти за странски инвестиции. Отворање на фабриката на американски „Адиент“ во ТИРЗ Струмица на 15 јуни 2017

Домашните бизнисмени велат дека на Македонија ѝ се потребни странски инвеститори кои повеќе ќе соработуваат со домашните фирми. Во спротивно, Македонија преку нив извезува само евтина работна рака.

Трендот со сечење црвени ленти за странски инвестиции не престана со ни со новата Влада, иако има само две недели од нејзиното формирање.

Но, иако ленти сечеше старата влада, Македонија годинава стартуваше со минусно салдо на директни странски инвестиции од 68 милиони евра. Според сумираните податоци на Народна банка месецот март годинава сме го завршиле со странски капитал од вкупно 105 милиони евра. Ваквата разлика во бројките се должи на нераспределената добивка на странските компании во земјава, кои се пресметуваат во вкупната сума странски инвестиции.

Во првите три месеци има одлив од речиси 68 милиони евра и тоа најмногу, кон Обединетото Кралство. Во истиот период, најмногу капитал влегол во земјава од даночните раеви Бермуди со над 12 милиони евра и Луксембург со над 6 милиони евра.

Според дата базата на податоци за странски инвестиции на БИРН Призма, од 2007 година до лани биле најавени вкупно 138 инвеститори, но бројот на реализирани странски инвестиции изнесува 51.

Едно од клучните прашања кои се наметнуваат е каква политика е потребно да се води од страна на новата власт за да се зголеми приливот на странски капитал во земјава. Од една страна Владата ветува поинаков пристап кон инвеститорите, односно дека фокусот ќе биде ставен врз домашните претпријатија. Од друга страна, пак, бизнисмените бараат соработка со странските инвеститори и недискриминација на домашниот сектор.

Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа, вели дека на Македонија и требаат странски инвеститори кои ќе соработуваат со домашниот бизнис.

„Странските инвеститори мораат да се обврзат, на некој начин, освен тие субвенции кои ги нудиме како држава или како власт, да бидат поттикнувачки и за домашните компании, за да може сите да имаме бенефит од тоа. Ние имаме домашни компании, од мали и средни претпријатија, кои можат тие странски инвеститори да ги внесат во тој синџир на снабдување, за да имаме и ние профит од тоа“, вели тој.

Според програмата на новата Влада, државна помош ќе биде насочена кон домашните фирми.

„Таа конкуренција на економскиот пазар меѓу фирмите ќе стимулира квалитет во работењето, ќе поттикнува конструктивна конкуренција во обезбедувањето подобри услови за работа во Македонија, поголема грижа за работниците, повисоки плати“, изјави премиерот Зоран Заев.

Во новата владина стратегија е наведено дека ќе се стимулира привлекување на инвестиции со поголема додадена вредност. Во продолжение е најавена детална анализа за трошоците и придобивките од досегашниот процес на привлекување на странски компании со државна помош. Најавена е и поддршка за дијаспората, односно даночни олеснувања за македонските државјани кои заминале на работа во странство и решиле да инвестираат во Македонија.

Ветувањата за раст на странските инвестиции во Македонија станаа пракса.

Според економскиот аналитичар Слободан Најдовски, досегашната политика на привлекување на странски инвестиции беше погрешна.

„Не беше политика на привлекување на странски инвестиции, туку купување би рекол на странските инвеститори ако се земе во предвид износот кој Република Македонија го издвојува директно или индиректно преку одредени попусти или преку давање на парични средства“, посочува Најдовски.

Во предизборната програма од 2008 година, ВМРО-ДПМНЕ ветуваше странски инвестиции кои до 2012 требаше да достигнат до 700 милиони евра годишно. Кога есапот не излезе, пред наредните избори во 2011 година ветуваа странските инвестиции до 2015 да достигнат до 600 милиони евра годишно, но откако и тоа остана неостварена желба, пред изборите во 2014 година ги намалија очекувањата на 3-5 проценти од БДП-то, односно од 250 до 500 милиони евра. Кога се виде дека и тоа е тешко остварливо, во предизборната програма од изборите во 2016 година, ВМРО-ДПМНЕ не споменуваше бројки, туку посочува оти очекува „да се оствари значителен пораст на странските директни инвестиции“.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG