Достапни линкови

Заев најави исти услови и за домашните и за странските инвеститори


Премиерот Зоран Заев на деловен појадок во организација на Сојуз на стопански комори на Македонија

Секој инвеститор во Македонија, без разлика дали е домашен или странски, кој ќе започне гринфилд инвестиција, ќе ги добие поволностите што досега ги добиваа странските инвеститори, најави денеска премиерот Зоран Заев.

Македонија не ја напушта политиката на привлекување на странски инвестиции, но ги изедначува условите за инвестирање за домашните и за странските инвеститори, најави премиерот Зоран Заев.

„Секој инвеститор во Република Македонија, без разлика дали е домашен или странски, кој ќе отпочне гринфилд инвестиција, односно инвестиција од темел, ќе ги добие поволностите што досега ги добиваа странските инвестиции. Тоа значи ослободување од персонален данок, ослободување од данок на добивка, поддршка во изградба на инфраструктура, евтини локации, но истовремено и директна државна помош во илјади евра по вработен. Ќе има критериуми за државната помош. Тоа значи, ако бројот на нови работни места биде поголем, толку поголема ќе биде и државната помош. Втор критериум ќе биде еколошката заокруженост на самиот проект. Трет критериум ќе биде поврзаност со домашните компании во делот на прибавување на ресурси за производство и услуги и неколку други критериуми“, рече Заев.

На денешниот деловен појадок во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија, Заев рече дека условите за државна помош ќе бидат јавно објавени.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев додаде дека ќе има јасни критериуми за државната помош која ќе биде јавна.

„Значи ние мора да развиеме една транспарентна структура на помош, каде што никој инвеститор, без разлика дали е странски или домашен, нема да има потреба да преговара со никого од нас, туку самиот ќе си се најде во шемата за помош на интернет и тој однапред, пред да почне да инвестира, точно ќе знае што може да очекува како помош од оваа влада. Јас секојдневно се соочувам со инвеститори кои започнале разни активности во Македонија, им биле ветени разни работи, но никаде написмено и тие сега се во ситуација да не знаат во кој правец да одат. Тоа не смее да се случува во нашата држава“, рече Анѓушев.

ВМРО-ДПМНЕ неодамна реагира дека СДСМ работи на уништување на концептот на странски директни инвестиции кои отворија над 20 илјади работни места и обезбедија работа за над 500 домашни компании.

„Тоа ќе значи крај за многу нови заинтересирани инвеститори, но и одлив и затворање на постојните странски компании и останување без работа на многу граѓани“, рече неодамна Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ.

Овие мерки беа најавени и во предизборната програма на СДСМ, во која исто така се најавува напуштање на постојниот систем на економски промотори. СДСМ смета дека ефикасниот систем на решавање на проблемите со кои се соочуваат странските инвеститори е најголема реклама за земјата, а евроинтеграциите се клучна препорака за инвеститорите.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG