Достапни линкови

Економијата закрепнува, но избори ќе ја закочат


Презентација на полугодишен економски извештај на Светска банка за земјите од Западен Балкан
Презентација на полугодишен економски извештај на Светска банка за земјите од Западен Балкан

Според најновиот економски извештај на Светска Банка за земјите од Западен Балкан, македонската економија закрепнува, а растот се движи до 2,5 проценти. Но, позитивниот тренд би можел да се смени во услови на политичка нестабилност или избори кои според експертите би го забавиле реформскиот процес.

Економскиот раст во Македонија ќе изнесува 2,5 проценти од Бруто домашниот производ до крајот на годината, проценува Светската банка во редовниот економски извештај за земјите од Западен Балкан. Растот забрзува и истиот е поттикнат од приватната потрошувачка и закрепнувањето на инвестициите, но оваа слика би можела да се смени доколку се одржат избори или има политичка криза, истакнуваат првите луѓе на Светската банка.

„Ако ги гледаме проекциите за наредните неколку денови, тие и понатаму се позитивни и понатаму проектираме постепен раст до 2020 година до над три проценти, но постојат одредени ризици. Претпоставките за нашите проценки се базираат на забрзување на процесот на пристапување на ЕУ и моментот на реформите. Сега постојат прашалници поради можните избори и тоа може да го забави реформскиот процес“, вели Марко Мантованели, директор на канцеларијата на Светска банка во Македонија.

Во извештајот се наведува дека стапката на невработеност е историски најниска досега и изнесува 21,1 проценти, но и покрај тоа повеќе од половината од работната сила во земјава е неактивна на пазарот на трудот. Инвестициите полека закрепнуваат, па оттука се очекува јавните инвестиции да пораснат во втората половина на 2018 година. Фискалниот дефицит се намалил годинава поради слабата реализација на капиталните расходи, но јавниот долг се зголемил, велат од Светска банка.

„Тоа пред сè се должи на еврообврзницата која се издаде во јануари и беше со историски најниска каматна стапка од 2.75 проценти и практично ги покри финансиските потреби на државата за 2018 и дел од 2019 година. Во однос на гарантираниот јавен долг имаме благо намалување на истиот годинава како резултат на послабата реализација на изградбата на атопатиштата, но до крајот на годината очекуваме тој да достигне околу осум проценти. Вкупниот јавен долг по наши проценки треба да достигне околу 50 проценти од БДП“, изјави економскиот аналитичар Бојан Шимбов од Светската банка.

Надворешните неурамнотежености остануваат ниски годинава. Растот на извозот е поголем од увозот, а зголемени се приливите на странските директни инвестиции.

Но, и покрај позитивните перспективи за економскиот развој на Македонија, ризиците остануваат. Надворешните ризици би биле политичка нестабилност во регионот ескалација на трговските спорови и сл. ,додека внатрешни ризици кои би можеле да влијаат врз економскиот развој на земјава се нарушување на реформскиот процес поврзано со изборниот циклус, како и ризикот од фискалното олабавување. Токму затоа, експертите од Светската банка препорачуваат на краток рок да се овозможи фискална консолидација, а на среднорочно да се фокусираме на структурните реформи за подобрување на продуктивноста во приватниот сектор, инвестиции, инклузивност и човечки капитал.

„Ја нагласуваме потребата за спречување на натамошен раст на јавниот долг, а за тоа треба да е намали дефицитот. Има два начина за тоа да се оствари, преку зајакнување на наплатата на приходи и проширување на даночната основа и преку подобрување на ефикасноста на јавните трошења особено во делот на социјалните политики како и субвенциите и начинот на кој се управуваат капиталните инвестиции“, изјави Сања Маџаревиќ Шуистер, економски аналитичар за земјите од Западен Балкан во Светска Банка.

Од Светската банка посочија дека одржувањето на долгорочен раст бара реформи кои ги ослободуваат приватните инвестиции и извозот. Извештајот исто така повикува на поголема економска интеграција и создавање на работни места. Потребна е зголемена интеграција помеѓу земјите од Западен Балкан со фокус на трговијата, инвестициите, мобилноста и дигиталната интеграција со цел поттикнување на растот, надминување на малите фрагментирани пазари и обезбедување на долгорочна економска стабилност, се наведува во извештајот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG