Достапни линкови

Задолжување за раздолжување и пополнување буџетски дупки


Министерство за финансии

Власта се фали дека се задолжува со пониски камати за да ги врати старите долгови за кои се плаќаат повисоки камати и за финансирање на буџетскиот дефицит. Експертите посочуваат дека задолжувањата треба да биде строго контролирано и наменски. Опозицијата обвинува за расипничко трошење.

Од јуни заклучно со октомври оваа година, новото нето задолжување на централната Влада изнесува 27 милиони евра, велат од Министерството за финансии. Овие пари кои претставуваат дополнителен долг, според Министерството, ќе се користат за пополнување на буџетските дупки. Останатите средства од задолжувањата се искористени за раздолжување. Од Министерството посочуваат дека позајмени се средства на домашниот пазар, поради историско ниските каматни стапки.

„Ова значи дека граѓаните плаќаат најмалку двојно помала цена за користење на средствата. Бројот на аукциите на домашниот пазар беше намален од 3-4 аукции, како што било во минатото, на 2 аукции во месецот. Средствата се користат за финансирање на буџетскиот дефицит, усвоен со Буџетот за 2017 година од страна на Собранието на Република Македонија“, велат од Министерството за финансии.

Состојбата на јавниот долг за третото тромесечје од годината, изнесува четири милијарди и 691 милиони евра. Економскиот аналитичар Слободан Најдовски посочува дека Македонија ќе мора да се задолжува за репрограмирање на долговите кои се направени во минатото, како и за финансирање на буџетскиот дефицит. Според него, задолжувањето треба да биде строго контролирано и наменски.

„Она што е најважно е дека задолжувањето не смее да не биде за други цели, освен за враќање на старите долгови, односно репрограмирање на старите долгови и задолжување исклучиво за финансирање на капитални инвестиции во државата. На тој начин ќе се придонесе за позабрзан развој на економијата“, вели Најдовски.

Академик Абдулменаф Беџети во однос на задолжувањето вели дека Владата нема друга алтернатива и мора да најде извори за сервисирање на долговите кои доспеваат за враќање.

„Така што тоа е наметнато решение коешто која било Влада мора да ги исплатува. Сега изворот и начинот на кој ќе ги исплатува тоа е друго прашање. Значи, ако може сè повеќе да се заснова на надворешни извори на надворешен пазар на капитал би било подобро за да не се прави дехидрирање и стерилизација на внатрешниот потенцијал. Така што сметам доколку тука се води сметка и оваа компонента е за поддршка и поздравување“, посочува Беџети.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта за расипничко трошење и дека вкупниот јавен долг со секој нов ден достигнува историско ниво, без да се каже на што и како се трошат парите, кои со камата утре ќе ги враќаат граѓаните и идните генерации на земјата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG