Достапни линкови

Светска банка - Македонија со најмал економски раст во регионот


Светска банка го промовираше 12-то издание од серијата извештаи за состојбата на економиите во земјите од Западен Балкан

Причината за значителното забавување на економскиот раст годинава во земјава се должи на политичката криза која негативно се одрази врз инвестициите, наведува Светската банка.

Ако економскиот раст на Западниот Балкан продолжи со ова темпо, нивото на европските приходи ќе ги достигне за 60 години, но доколку земјите од регионот поработат на структурни реформи и го зголемат растот на 5 до 6 проценти, таквото приближување во приходите е можно да се намали на 20 години, изјавија од Светската банка при презентирањето на 12-тиот извештај за регионов. Според извештајот, шесте земји од Западниот Балкан во наредната година ќе забележат просечен раст од 3,3 проценти.

Проценките за Македонија во 2018 година е дека економскиот раст ќе изнесува 3,2 отсто, додека во 2019 година ќе порасне на 3,9 проценти. Светска банка ги коригираше проценките за годинава, па се очекува до крајот на декември економскиот раст да изнесува 1,5 проценти, што е понизок од 2016 кога изнесуваше 2,4 проценти. Со тоа земјава има најнизок раст во регионот. Веднаш по Македонија, на дното на листата е Србија со 2 проценти, што е за 0,8 процентни поени помалку од претходната година.

Причината за значителното забавување на економскиот раст годинава во земјава се должи на политичката криза која негативно се одрази врз инвестициите, е заклучокот во извештајот.

„Ние проектираме дека економијата ќе се зголеми на ниво од 3,5 проценти во период од 2018 – 2019 година, додека пак инвестициите и потрошувачката најверојатно ќе закрепнат сега кога е повторно воспоставена политичката стабилност“, вели Марко Мантованели, директор за Македонија и за Косово, во рамките на регионот на Европа и Централна Азија при Светска банка.

Со разрешувањето на политичката криза, главниот ризик со кој се соочува Македонија е поврзан со фискалната страна која може да ја загрози макроекономската стабилност и да ги подрие изгледите за раст, објаснуваат од Светската банка. Во извештајот потенцираат дека притисоците доаѓаат од високиот дефицит кој главно се должи на ниските приходи, сè поголемиот дефицит во пензискиот систем, повисоките плаќања на камати, како и акумулирање на заостанатите обврски.

Како препорака за избегнување на овој ризик се наведува спроведувањето на програма за кредибилна фискална консолидација која треба да донесе стабилизирање на јавниот долг и обновување на фискалните заштеди од потреси.

Се очекува јавниот долг до крајот на 2017 година да изнесува 48,7 проценти, додека годинава фискалниот дефицит се проектира да се зголеми на 3 проценти од БДП. Според Светската банка, годишната инфлација се проектира на ниво од 0,9 проценти. Приливот на странски инвестиции во наредната година Светска банка очекува да изнесува 3 проценти, а во 2019 година да изнесува 3,2 проценти од БДП. Според проекциите на Светската банка, во наредните две години се очекува раст на надворешниот долг и намалување на стапката за невработеност.

„Практично Македонија бележи константно опаѓање на невработеноста во минатото, особено што има намалување на невработеноста кај посиромашното население, но место за опуштање на овој фронт не постои, затоа што Македонија и натаму има една од највисоките стапки на невработеност во регионот“, вели економистот од Светската банка Бојан Шимбов.

Тој додава дека препорака на Светската банка е властите да продолжат со напорите за справување со овој проблем.

„Како особено важни би ги напоменал високото ниво на општата невработеност, високото ниво на долгорочната невработеност, како и невработеноста кај младите“, вели Шимбов.

Тој објаснува дека она што треба да се издвои е одржливост на активните мерки за креирање на работни места кои се со фискален стимул.

„Тука мислам на проектите „Македонија вработува 1 и 2“, како што знаете, за тие работни места не се плаќаат социјални придонеси и здравствено, персонален данок, со што практично создадоа притисоци врз Пензискиот фонд и Фондот за здравствено осигурување. Наша препорака е тоа да се ревидира“, додава Шимбов.

Тој посочи дека во изминатиов период соработуваат и прават анализи со Министерството за труд и социјална политика околу подобрување на состојбата на пензискиот систем со цел намалување на неговата зависност од владините трансфери.

Македонија, како и регионот останува неповолна почва за стимулација на растот, поради структурата на трошењето. Тоа доаѓа од зголемените трошења за пензии и за социјална заштита на сметка на капиталните инвестиции и тоа остава малку простор за стимулација на економски раст. За да може да се очекува забрзување на економскиот раст, потребни се фискална консолидација и структурни реформи за подобрување на инвестициската клима, човечки капитал и ефикасноста на јавниот сектор, како и подобри политики на пазарот на труд, заклучуваат од Светската банка.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG