„Се забавувавме“, им изјави американскиот претседател Доналд Трамп на новинарите во Њујорк во врска со инцидентот што се случи за време на неговиот говор на годишното Генерално собрание на Обединетите нации, додавајќи:
„Тие не ми се смееа мене. Тие се смееа со мене. Не ми се смееа. Значи, лажните вести велат дека луѓето му се смееле на претседателот Трамп. Тие не ми се смееа мене. Луѓето се забавуваа заедно со мене“, рече Трамп.
Според него, тие го признаваат она што го направил тој и оти Соединетите Држави повторно се почитуваат.
Трамп пред Генералното собрание, според дел од посматрачите, одржал говор кој повеќе одговорал за некаков предизборен митинг.
Тој, тогаш, меѓу другото оцени, дека „за помалку од две години неговата администрација има постигнато повеќе од речиси секоја друга администрација во американската историја“.
Тоа предизвика смеење кај светските државници по што Трамп се насмеа и рече:
„Не очекував таква реакција, но тоа е во ред“.
Веднаш потоа се појавија наслови дека светот му се смеел на Трамп.
Инаку, на прес-конференцијата Трамп инсистираше на тоа дека има докази оти и Кина се обидува да се меша во американските избори за Конгресот идниот месец.
„Имаме докази. Имаме докази. Ќе излезат. Не можам да ви кажам сега. Но, тоа не дојде од никаде, можам да ви кажам“, рече Трамп.
Тој исто така оцени дека ќе требаат многу години пред Северна Кореја да се откаже од нуклеарното оружје.
„Мислам дека сакаме да постигнеме нешто многу важно, но не сме во трка со времето. Ќе требаат две, три години или пак пет месеци, не е важно“, изјави тој на прес-конференцијата во Њујорк.
До оваа негова изјава доаѓа откако е најавено дека државниот секретар Мајк Помпео идниот месец ќе ја посети Северна Кореја за да ја подготви втората средба меѓу Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.