Достапни линкови

Иран и светските сили против САД


Иран и големите сили ќе тргуваат и покрај санкциите на САД
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:06 0:00

Иран и големите сили ќе тргуваат и покрај санкциите на САД

Преостанатите страни во нуклеарниот договор со Иран се согласија да продолжат да работат за одржување на трговијата со Техеран. Ова и покрај скептицизмот дека тоа е можно, бидејќи во ноември продолжуваат американските санкции за задушување на иранската продажба на нафта.

Американскиот претседател Доналд Трамп во мај реши да го напушти нуклеарниот договор и да ги врати економските санкции врз Иран, вклучувајќи ги и оние кои ги принудуваат големите нафтени корисници да престанат да купуваат иранска сурова нафта.

Во соопштението по состанокот на Британија, Кина, Франција, Германија, Русија и Иран, е соопштено дека тие се решени да развијат механизми за плаќање за да продолжат со трговијата со Иран, и покрај скептицизмот на многу дипломати дека тоа воопшто ќе биде можно.

Неколку европски дипломати изјавија дека идејата е да се создаде систем, сличен на оној што го користел Советскиот Сојуз за време на Студената војна, за безготовинска размена на иранска нафта за европски стоки.

Идејата е да се заобиколат американските санкции, кои треба да се обноват во ноември, според кои Вашингтон може да блокира од американскиот финансиски систем која било банка што посредува во некоја нафтена трансакција со Иран.

Во изјавата за новинарите по состанокот, шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, рече дека одлуката за формирање на таков систем веќе е донесена и оти технички експерти ќе се состанат за да ги утврдат деталите.

„Учесниците ги поздравија практичните предлози за одржување и развивање на каналите за плаќање, особено иницијативата за основање механизам со специјална намена за олеснување на плаќањата поврзани со извозот на Иран, вклучително и нафта, кој ќе им помогне и ќе ги увери економските оператори кои водат легитимен бизнис со Иран“.

Сепак, многумина дипломати и аналитичари се скептични дека таквиот систем може да ги спречи американските санкции со оглед на тоа што Вашингтон би можело да ги измени своите закони за санкции за да ги забрани и таквите трансакции на размена.

Европската унија досега не успеа да изнајде практична законска рамка за заштита на своите компании од американските санкции врз Иран кои, меѓу другото, се обидуваат да ја задушат иранската продажба на нафта.

Иранскиот претседател Хасан Рохани, пак, изјави дека Соединетите Држави немаат способност да го запрат извозот на иранска нафта.

САД не се способни да го доведат нашиот извоз на нафта на нула, ова е празно ветување и таа закана не е веродостојна. Можеби на овој пат ќе имаме одредени притисоци, но, секако, САД нема да ја постигнат својата цел“.

Најавеното враќање на санкциите придонесе за пад на вредноста на иранската валута. Ријалот годинава загуби околу две третини од вредноста, забележувајќи рекордно ниско ниво во однос на американскиот долар.

Инаку, суштината на нуклеарниот договор од 2015 година, постигнат со администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама, беше дека Иран ќе ја ограничи својата нуклеарна програма, а за возврат олабавување на санкциите што ја осакатија нејзината економија.

Трамп смета дека договорот има недостатоци бидејќи, меѓу другото, не вклучува ограничувања на иранската програма за балистички проектили.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG