Достапни линкови

„Форт Трамп“, постојана воена база на САД во Полска?


Трамп: можно постојано воено присуство на САД во Полска
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:57 0:00

Трамп: можно постојано воено присуство на САД во Полска

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата администрација го разгледувала барањето за постојано американско воено присуство во Полска. Варшава е подготвена за тоа да плати две милијарди долари.

Претседателот Трамп ова го изјави на прес - конференцијата во Вашингтон по неговата средба со полскиот претседател Анджеј Дуда.

Претходно, Дуда изјави дека земјите од Централна и Источна Европа сакаат присуство на американски војници со цел да биде загарантирана безбедноста и заштитата на овој дел од Европа.

Јас би сакал да ве повикам, господине претседателе, да разместите повеќе американски војници во Полска. Веруваме дека присуството на Соединетите Држави гарантира безбедност во нашиот дел на Европа. И ние исто така сакаме да инвестираме повеќе во модернизацијата на полската армија“, рече Дуда.

Полска веќе неколку пати побара разместување американски војници на нејзина територија и понуди две милијарди долари за изградба на воена база со цел одвраќање на руските воени активности во тој регион.

Се насмеавме заедно со претседателот додека му кажував дека јас би сакал да основаме постојана американска база во Полска, која ќе ја наречеме Форт Трамп. И цврсто верувам дека тоа е можно“, рече Дуда.

Сегашното американско воено присуство во Полска е врз ротирачка основа.

Во врска со барањата на Полска со оглед на ризиците во тој дел на Европа претседателот Трамп изјави дека се согласува со претседателот Дуда со оглед на историјата во односите на Полска со Русија.

„Мислам дека е многу агресивна ситуација. Мислам дека Русија дејствуваше агресивно. Тие почитуваат сила. Почитуваат сила, како и секој друг, а ние ја имаме најголема сила во светот, особено сега“, вели Трамп.

Русија се противи на барањето на Варшава за постојана американска база во Полска, наведувајќи дека експанзијата на НАТО на исток е закана за стабилноста во Европа.

Инаку, главни теми на разговорите меѓу Трамп и Дуда, освен безбедноста, беа и трговијата и енергетиката.

Дуда му заблагодари на Трамп поради тоа што Варшава му беше првата станица на европската турнеја по инаугурацијата, оценувајќи дека тогашниот говор на Трамп бил „многу важен момент„ за односите меѓу двете земји.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG