Достапни линкови

Разногласието во ВМРО-ДПМНЕ, несогласувања или тактика?


Архивска фотографија - претседателот на ВМРО -ДПМНЕ Христијан Мицкоски и дел од партиското раководство

Повеќе пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се изјаснуваат дека нема да гласаат за уставни измени, а нивниот лидер Христијан Мицкоски рече дека ако референдумот е успешен партијата тоа и ќе го почитува. Има ли разногласие во ВМРО-ДПМНЕ или тоа е тактика на партијата?

Деновиве во тек е своевидно јавно изјаснување на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ дали би гласале за уставни измени, па на своите профили на социјалната мрежа Фејсбук меѓу другите веќе се изјаснија дека нема да гласаат пратениците Владимир Ѓорчев, Зоран Илиоски, Трајко Вељаноски, Димитар Стевананџија, Ане Лашкоска, Невенка Стаменковска и десетина други.

Нивниот лидер Христијан Мицкоски, пак, вчера рече дека ако референдумот биде успешен и мнозинството гласа во насока на поддршка на референдумското прашање, ситуацијата е јасна и ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе го почитува. Тој ова го кажа во одговор на прашањето дали ако референдумот биде успешен ќе им каже на пратениците од партијата да ги поддржат уставните измени за кои е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.

Политичкиот аналитичар Џелал Незири вели дека има разногласие и во самата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, но и во самата партија, а тоа смета дека се должи, на како што вели, различните ставови на приврзаниците на старото и на новото партиско раководство.

„Ова разногласие внатре во ВМРО-ДПМНЕ може да донесе и по референдумот, под услов тој да биде успешен, да нема монолитност во нивната пратеничка група“, смета Незири.

Реакција на Мицкоски или одговор до СДСМ?

Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје, пак, воопшто не гледа разногласие во ставовите во партијата. Тој смета дека пратеничките изјаснувања се реакција на тврдењата на претставниците на владејачката гарнитура дека и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласале за уставните измени, а не како што вели реакцијата на изјавата на Мицкоски.

Паралелно со ваквите објави од пратениците поврзани со уставните измени, други поранешни државни функционери, или сегашни партиски челници повикуваат да се излезе на референдумот. Меѓу нив се Костадин Богданов член на Извршниот комитет на партијата, заменик генералниот секретар Петар Богојески, актуелниот потпретседател на партијата Митко Јанчев и поранешниот министер за здравство Никола Тодоров кој рече дека ќе излезе на референдумот.

Не би рекле дека станува збор за разногласие, туку за плурализам на мислења што ги опфаќа поширокиот партиски став кој што дава можност за сите оние кои се против договорот да одлучат да не излезат или да гласаат против штетниот договор односно и едните и другите да постапат според своето убедување“, велат од ВМРО-ДПМНЕ на прашањето дали има разногласие во партијата.

Договорот не е добар, ама кој како сака

Партиските органи во минатата недела одлучија да ги повикаат своите симпатизери и членство на 30 септември да постапеле како што мислат тие. Од тогаш и почнаа јавните изјаснувања на партиските челници. Според Божиновски, не може да се зборува за разногласие.

„Тоа на некој начин е во контекст и на самиот партиски став дека Договорот од Преспа не е добар, но дека самите членови и симпатизери дали тоа ќе го покажат преку излегување и гласање против или преку апстиненција од референдумско изјаснување“, вели Божиновски.

Според соговорниците, со ваквото позиционирање на партијата се избегнуваат и несогласувања меѓу западните политичари и ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи, како што велат, нивното инсистирање да не се повика на бојкот е исполнето.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG