Достапни линкови

Чии аргументи ќе прифатат Македонците за референдумот?


Високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини во Скопје.

Македонските граѓани имаат различни мислења за тоа дали пораките од странските претставници имаат влијание на нивниот став околу референдумот. Повеќето велат дека веќе имаат оформен став дали ќе излезат да гласаат, но има и такви кои велат дека внимателно ги слушаат и ги почитуваат пораките

Со пораки да се излезе и да се гласа на претстојниот референдум, десетици странски лидери деновиве ја посетија Македонија. Некои од нив и директно повикаа да се гласа „ЗА“ Договорот со Грција и членството во ЕУ и НАТО, но сите порачаа дека референдумското изјаснување е демократско право на секој граѓанин и историска можност за нашата евроатланска иднина.

По интензивната дипломатска активност на претставниците на меѓународната заедница во земјава, граѓаните ги прашавме дали ги слушнале пораките на германската канцеларка Ангела Меркел, на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, и на американските преставници и дали истите влијаат врз нивното мислење за референдумот?

Повеќето велат дека ги слушнале пораките на странците, но дека истите нема да имаат влијание на нивниот веќе оформен став за референдумот.

Колку пораките на странските државници допираат до Македонците?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:59 0:00

​„Нема да влијае, затоа што секој си има претходно оформено мислење и луѓето ги знаат работите, нема потреба некој дополнително да им објаснува“, вели младиот Коста Граматов.

„Никако, тоа е мое мислење, моја држава, моја одлука, мое право, морам да го искористам“, вели скопјанката Надица Андреева.

„Јас лично имам свое мислење да излезам, а уште поголем придонес за стабилизација на земјата имаат тие добри гости кои ретко би дошле овде во убавата Македонија“, ни изјави Гинка - Димова.

„Нивните изјави се да попуштиме, толку разбрав“, вели една анонимна граѓанка.

„Лично мене не ми влијаат надворешните мислења, јас имам свое сопствено мислење и ќе се придржувам кон него“, ни рече Гордана Ивановска од Скопје.

„Сигурна сум дека референдумот ќе помине, нема тука влијанија од други“, вели граѓанин на Скопје.

Професор Ѓорги Тоновски од Универзитетот „Климент Охридски“ вели дека на посетите на странците во Македонија треба позитивно да се гледа, зошто според него ова е еден од начините со кои им се оддава признание на државата и на граѓаните дека се рамноправен партнер со другите европски земји.

Нивното доаѓање е силна порака и силен импулс во однос на зголемувањето на процентот на луѓето кои дефинитивно веруваат во ЕУ и НАТО. Мислам дека нивното доаѓање ќе има ефект врз граѓаните и е всушност еден од поените коишто ќе овозможат да се закитиме со позитивен референдум. Мислам дека македонскиот народ е свесен дека сепак тоа што тие доаѓаат значи и промоција и на државата и на самиот народ во светски рамки“, изјави професор Тоновски.

Во изминатите неколку дена земјава ја посетија шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, американскиот помошник-државниот секретар за европски и евроазиски прашања, Арон Вес Мичел, германската канцеларка Анѓела Меркел, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, австрискиот канцелар Себастијан Курц,американскиот сенатор Рон Џонсон,министрите за надворешни работи на Луксембург и на Холандија и на Албанија, Жан Аселборн, Стеф Блок, Дитмир Бушати , како и претседателот на Косово, Хашим Тачи. ​Сите повикаа да се излезе на референдумот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG