Достапни линкови

Уставен суд - референдум ќе има


Седница на Уставен суд на Република Македонија

Седум уставни судии гласаа против, а двајца за поведување на иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдум. Подносителите од Левица и Светскиот Mакедонски Kонгрес обвинија за притисок врз судиите.

По два часа излагање на секој судија одделно од деветте членови на Уставниот суд, одлуката е дека тие не изразуваат сомнеж за неуставноста и законитоста на оспорената одлука. Со седум против и два за поведување на иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдум заврши седницата чиј епилог се насети и од дискусијата на судиите.

За поведување на иницијативата гласаа судијата известител Елена Гошева и судијата Јован Јосифовски. Гошева во своето излагање рече дека референдумското прашање е нејасно и суштински погрешно, има повеќе прашања во него, дека е нејасен и видот на референдумот нагласувајќи дека не постои консултативен референдум за сојузништво. Според неа, спорно е и што Договорот од Преспа го потпишал министерот за надворешни работи бидејќи тој немал правно овластување за ваков тип на договори, додавајќи дека се уште нема Закон за негова ратификација.

Со слични позиции настапи и Јосифовски, кој претходно им забележа на дел од колегите дека немале елементарна почит кон подносителот и судијата известител во нивните искази.

Пред него, судиите Дарко Костадиновски и Осман Кадриу, двајцата избрани за уставни судии во почетокот на годинава по предлог на претседателот Ѓорге Иванов, се изјаснија против поведувањето постапка за уставноста и законитоста на референдумот.

Според Костадиновски има одредени недостатоци, кои како што рече, сепак не ја прават оспорената одлука за референдум незаконска, наведувајќи дека трите прашања во референдумското прашање имаат причинско последична поврзаност.

Кадриу, пак, тврди и дека немало основа на оспорувањето на законитоста на референдумот поради тоа што се гласа за влегување во сојуз за што е потребно 50 отсто од избирачите да гласаат за и не може да биде консултативен.

Апсурдно е дека Македонија сега влегува во сојузништво- Европската Унија не е сојуз на држави, а НАТО е воено политичка договорна организација и тоа не е сојузништво” рече Кадриу.

Уставен суд - референдум ќе има, иницијаторите незадоволни
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:41 0:00

Од седницата незадоволни излегоа подносителите на иницијативата Димитар Апасиев од Левица и Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес.

“Обзнанувам дека ова е срамен ден за владеењето на правото во Република Македонија. Денес е погребана правната држава преку политичка, а не правна одлука на судиите” рече Апасиев.

И Петров смета дека врз судот се вршел притисок напоменувајќи дека биле охрабрени од излагањето на судијата известител Гошева.

“Судиите во расправата беа контрадикторни. Имено отфрлија расправа за Договорот со Грција, бидејќи не е предмет на расправа, но заклучија дека со референдумското прашање не се гласа за ЕУ и за НАТО, туку за договорот со Грција” рече Петров.

Инаку против поведување на иницијатива гласаа и судиите Вангелина Маркудова, Никола Ивановски, Насер Ајдари, Сали Мурати и Владимир Стојановски.

Од Владата, пак, рекоа дека не сакаат да ја коментираат одлуката на Уставниот суд.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG