Достапни линкови

Трамп ја критикуваше Русија за дестабилизирачки активности


Американскиот претседател Доналд Трамп во неговиот говор на плоштадот Крашињски во Варшава, ги повика европските сојузници да им се приклучат на Соединетите држави во „одбрана на Западот“ од тероризмот.

Трамп предупреди дека иднината на Западот е под прашалник доколку државите не покажат поголема решителност.

Тој притоа потенцира дека САД остануваат посветени на Членот пет од повелбата на НАТО за меѓусебна одбрана на земјите членки на Алијансата.

„Полското искуство не потсетува дека одбраната на Западот на крајот почива не само врз средствата, туку и врз волјата на граѓаните да победат“, изјави Трамп, додавајќи:

„Основното прашање на нашето време е дали Западот има волја да преживее“. Трамп упати повик до Русија:

„Ја повикуваме Русија да ги прекине дестабилизирачките активности во Украина и на други места, како и нејзината поддршка за непријателски режими, вклучувајќи ги Сирија и Иран, и наместо тоа, да се приклучи на заедницата на одговорни нации во нашата борба против заедничките непријатели и одбраната на самата цивилизација“.

Американскиот претседател пред споменикот на Варшавското востание против нацистичката окупација во Втората светска војна им оддаде признание на граѓаните на Полска, оценувајќи дека тие се пример на, како што рече, „другите кои сакаат слобода и кои имаат желба да соберат храброст и волја да ја одбранат нашата цивилизација“.

Претходно, претседателот Трамп на стартот на неговата втора посета на Европа имаше средба со полскиот претседател Анджеј Дуда.

„Америка е посветена на одржување на мирот и безбедноста во централна и источна Европа. Работиме со Полска како одговор на активностите на Русија и дестабилизирачкото однесување.“

Трамп беше почесен гостин на самитот на иницијативата „Три мориња“, стопанско и инфраструктурно поврзување на 12 земји од средна и источна Европа.

Тој изјави дека Америка ќе биде нивниот најсилен сојузник и постојан партнер во инцијатавата за намалување на зависноста на регионот од руските енергетски резерви.

Трамп утре во Хамбург ќе учествува на самитот на Групата 20 економски најразвиени земји во светот. На маргините на собирот тој за прв пат ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон во средатата изјави дека е важно двајцата претседатели да имаат добра размена на мислења за билатералните односи. Тој исто така и понуди соработка на Русија во воспоставувањето мир во Сирија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG