Достапни линкови

Трамп ќе бара од Европа да купува гас од САД


Пред да учествува на самитот на Г20 во Хамбург, американскиот претседател Доналд Трамп на 6 јули во Варшава ќе промовира извоз на американски гас. Тој ќе учествува на самитот на инцијативата „Три мориња“ и ќе се сретне со лидерите на земјите од Централна и Источна Европа чии земји излегуваат на Јадранското, Балтичкото и Црното Море. Сите тие сакаат намалување на зависноста од руски гас.

Во Варшава, американскиот претседател Доналд Трамп ќе биде почесен гостин на иницијативата „Три мориња“ при што ќе ја искористи можноста за промоција на извозот на американски природен гас како дел од најавеното ново „златно време“ на американската енергетска политика.

„Овие извози на енергија ќе креираат безбројни работни места за нашите луѓе и ќе промовираат вистинска енергетска безбедност за нашите пријатели, партнери и сојузници низ целиот свет“, изјави деновиве претседателот Трамп.

Полска ја прими првата пратка на течен природен гас од Соединетите Држави во почетокот на јуни. Тој беше испорачан во новиот терминал на Балтичкото Море, отворен во минатата година.

Полската премиерка Беата Шидло изрази надеж дека тоа ќе ја намали зависноста на нејзината земја од увозот од Русија.

„Ова е симболичен ден кога полскиот народ ја спроведува идејата за побезбедна земја“, рече таа.

Две третини од потребите на гас Полска ги обезбедува од Русија.

Во 2006 и 2009 година, недоразбирањата меѓу Украина и Русија резултираа со недостиг на гас во источна Европа.

Полска сака да го замени увозот од Русија до 2022 година. Но, портпаролката на Стејт департментот Хедер Ноерт не беше во можност да каже како ќе се постигне тоа.

„Ние уште немаме распоред за тоа колку често овие пратки ќе се одржат. Мислам дека тоа зависи од вашата влада“, рече таа.

Во Варшава, претседателот Трамп ќе ја изложи својата визија за идните односи меѓу Америка и Европа.

Белата куќа соопшти дека на плоштадот Красински тој во неговиот главен говор за надворешната политика ќе ја „пофали полската храброст“.

Се очекува Трамп да биде срдечно пречекан од претседателот Анджеј Дуда кој води една од крајно десничарските влади во Европската унија. Дуда се судри со Брисел за климатските промени, ги одби квотите за бегалци на Унијата и беше критикуван поради намалувањето на слободата на медиумите и поткопувањето на правниот систем на Полска.

САД имаат околу 900 војници во Полска, како дел од ротирачкото распоредување на НАТО, а Варшава се надева дека претседателот Трамп ќе ја потврди својата посветеност на присуството на Алијансата во источна Европа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG