Достапни линкови

Референдумското прашање јасно или збунувачко?


Илустрација- гласање на избирачко место во Скопје
Илустрација- гласање на избирачко место во Скопје

Аналитичарите се согласни дека ЕУ и НАТО треба да бидат споменати во референдумското прашање, затоа што и договорот со Грција е поради зачленувањето во тие структури, но имаат забелешки за можната формулација која ја објави премиерот Зоран Заев.

Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција? Можното референдумско прашање кое го најави премиерот Зоран Заев веднаш предизвика полемика - дали е двосмислено и ќе ги доведе во заблуда граѓаните или не. Според член 15 од Законот за референдум „прашањето на гласачкото ливче мора да биде прецизно формулирано и недвосмислено, така што граѓанинот на референдумот да може да одговори со „ЗА“ или „ПРОТИВ“.

Според професор Денко Малески, кој беше министер за надворешни работи и во првата влада во самостојна Македонија, кога се одржа референдумот за независност, прашањето вака формулираното е точно.

Јасно дека Грција се противи земјава да стане дел од сојузите поради нерешениот спор за името и нужно е да се реши прашањето за Македонија да стане дел од нив, особено бидејќи е мала земја на нестабилниот балкански политички терен, појаснува Малески.

Прашањето е доста прецизно и добро формулирано. Се разбира никој не очекува владата да го постави прашањето дали сте за промена на името или не, бидејќи се разбира дека никој не е за промена или модификација на името, но јасно е дека тука мора да се направи компромис ако сакаме да ги оствариме нашите стратегиски цели поставени уште во почетокот на деведесеттите години”, вели Малески.

Tој додава дека сега на граѓаните треба убаво да им се објасни што се содржи договорот со Грција, кои отстапки Македонија морала да ги направи и кои придобивки следувале од зачленувањето во ЕУ и НАТО.

Збунувачки редослед во прашањето

Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје, пак, е убеден дека вака формулирано прашање е лошо и ги доведува во заблуда граѓаните.

Ако одговараат со „за“ или „против“ на прашањето што гласи „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?” тогаш изгледа како тие да се изјаснуваат за зачленување на земјава во евроатлантските структури, а не за Договорот за името, смета Божиновски. Сепак и тој вели дека во прашањето треба да бидат споменати ЕУ и НАТО.

„Според мене прашањето треба да гласи: дали сте за промена на уставното име во Република Северна Македонија и прифаќање на другите одредби од Договорот со Грција, а со цел членство на Македонија во НАТО и преговори со ЕУ. Ова е прашање кое што од методолошки аспект би било непристрасно и би било јасно за граѓаните“, вели Божиновски.

Консултативен референдум со конечна одлука

Инаку според членот 24 од Законот за референдум тој може да се распише на државно ниво и за потреба од ратификација на меѓународни договори и за други прашања од надлежност на Собранието (претходен референдум) и за одлуки донесени од Собранието или за изјаснување на граѓаните за други прашања за кои одлучувало Собранието (дополнителен референдум).

Членот осум, пак, предвидува дека референдумот се распишува заради одлучување на граѓаните или за консултирање на граѓаните, a дека одлуката донесена на референдумот за одлучување е задолжителна, а на референдум за консултирање не е задолжителна.

Заев, вчера по лидерската средба во Клубот на пратениците рече дека референдумот е можно да биде консултативен, но нагласи дека волјата на мнозинството граѓани изразена на референдум ќе била конечна за сите политички чинители во Собранието.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG