Достапни линкови

Хан: Вратата на ЕУ ширум отворена, граѓаните одлучуваат за иднината


Хан: Граѓаните, особено младите, да учествуваат на референдумoт
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:15 0:00

Хан: Граѓаните, особено младите, да учествуваат на референдум

Со денешната посета на еврокомесарот Хан официјално започна процесот на скрининг, кој има за цел да ја подготви Македонија за преговорите за членство во ЕУ. Хан порача дека вратите на ЕУ се ширум отворени, а граѓаните на референдумот треба да се изјаснат за иднината на земјата, притоа ги повика сите да излезат и да гласаат.

На граѓаните е сега одлуката да решат за иднината на земјата на слободен и суверен начин, порача денеска еврокомесарот Јоханес Хан за време на неговата посета на Македонија со која и формално се означи почетокот на процесот на скрининг и подготовките за старт на преговорите со ЕУ во јуни наредната година.

Вратата на ЕУ сега е ширум отворена, но само вие одлучувате дали ќе ја искористите оваа шанса или не. Јас силно ги охрабрувам граѓаните да го искористат своето демократско право и да учествуваат во референдумот, особено младите луѓе“, рече Хан.

Според него, за Договорот со Грција за спорот за името има силна меѓународна поддршка, бидејќи, како што истакна, тој придонесува за мир и стабилност на регионот и на Европа. Хан потенцираше дека земјата сега треба да се фокусира и на спроведување на бараните реформи. Скринингот, како што наведе, ќе и овозможи на македонската администрација да се запознае со европската легислатива и да спореди до каде е земјата на тој пат.

Премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција по владината седница изјави дека со Хан ги дефинирале следните чекори. За главен преговарач е назначен вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, а за технички преговарач советникот на премиерот Бојан Маричиќ.

„Утврдивме заедничка динамика на чекорите во наредните месеци и започнавме со осмислување и поставување на структурата на скрининг и за преговори со ЕУ и од наша страна и од страна на ЕК“, порача Заев.

Во однос на прашањето за барањата на опозицијата за изборот на членовите на ДИК од што зависи и спроведувањето на референдумот Хан порача дека евроатланската перспектива на Македонија треба да биде сфатена како национална цел и дека политичките партии и засегнатите страни го уверувале оти таа е поддржана од сите.

Затоа јас очекувам дека сите ги влечат истите конци во истиот правец и ова е тоа што би сакале да го видиме како генерална поддршка, бидејќи на крајот на секој политичар ќе му се суди за неговата одлучност и посветеност на оваа крајна цел“, додаде Хан.

Заев најави дека денеска ќе започнат консултации со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за лидерска средба, која би требало да се одржи утре доцна попладне за да ги забрзаат процесите за подготовката на Македонија за претстојниот референдум.

Во однос на руското мешање во протестите против промена на името, тој порача дека Русија треба да знае оти Македонија нема алтернатива освен полноправно членство во НАТО и ЕУ. Заев порача и дека Македонија сака подобри односи со Русија и да гради пријателство со земјата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Што треба да знаете

XS
SM
MD
LG