Достапни линкови

Предвремени избори - тактика или реална потреба?


Архивска фотографија - претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на протестен марш во Струмица

Засилувањето на барањата на ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на референдумот, според аналитичарите се дел од тактиката на опозицијата. Тие велат дека нема логика во одржување на предвремени избори сега, но ако се случат треба да бидат пред претседателските избори.

За референдум зборува владата, а предвремени избори, пак, бара опозицијата.

Претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, откако пред десетина дена рече дека ќе бараат амнестија, викендов од Кавадарци порача и дека прво треба да има предвремени избори, па потоа да се влезе во Европска унија и НАТО.

Аналитичарот Петар Арсовски смета дека не постои некаков меѓупартиски договор за одржување предвремени избори. Според него, излегувањето со се покрупни барања во пресрет на есенскиот референдум е стратегија на опозицијата за зголемување на барањата додека е блокиран политичкиот процес.

„Тие и досега покажаа некаква тенденција, кога е блокиран политичкиот процес да ги зголемуваат своите барања во очекување на некаков пакет договор. Мислам дека се работи за истата тактика и дека тоа ќе продолжи додека не се расчисти кога ќе има референдум, каков би бил, какво би било прашањето. Мислам дека тоа треба релативно брзо да се случи“, вели Арсовски.

Сепак, ако дојде до предвремени избори, Арсовски вели дека нема логика тие да се случат заедно со претседателските, бидејќи тоа веќе би било доцна за процесот. Грција наредниот период влегува во изборна година и со такво сценарио, додава тој, би се пропуштил возот за ратификација на договорот.

Евентуални предвремени избори имаат логика само пред тоа и тие имаат логика само ако и покрај евентуален референдум ВМРО-ДПМНЕ одбие да ги ратификува уставните промени“, вели Арсовски.

Предвремени парламентарни избори во период кога Македонија ја чекаат обврски, според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, не се добра идеја.

Македонија потпиша договор со Грција кој генерира и одредени обврски. Тие обврски не може да се реализираат ако државата влезе во циклус на предвремени избори“, вели Муслиу.

Покрај договорот за името, земјава ја очекуваат обврски и кон НАТО и Европската унија. Со Алијансата по добивањето на поканата почнува пристапниот процес и нивни тим месецов ќе дојде во Македонија, а со Унијата започнува скрининг процесот. Двата западни сојузи очекуваат спроведување на реформите, процеси кои вообичаено се стопираат во изборен период.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG