Достапни линкови

Измени во Изборниот законик за откочување на блокадите, опозицијата негодува


Архивска фотографија - Државната изборна комисија (ДИК) го одредува редоследот на гласачките ливчиња за локалните избори 2016.

Владата предложи измени во Изборниот закони со кои членовите на Државата изборна комисија би се бирале со просто мнозинство наместо со двотретинско, со цел одблокирање на изборот на ДИК. За ВМРО-ДПМНЕ ова е скандалозно решение.

Измените во изборниот законик со кои членовите на ДИК би се бирале во скратена постапка веќе се доставени во Собрaнието, но Владата и дава шанса на опoзицијaтa на утрешната лидерска средба да се договорат за решение на проблемот со блокирањето на изборот на ДИК. Од друга страна во ВМРО-ДПМНЕ велат дека никогаш не се носел изборен закон без поддршка на опозицијата и оценуваат дека тоа е недемократска постапка.

Како што образложи портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, Владата со измените ќе овозможи избор на ДИК наспроти политичката блокада од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, во Собраниската комисија за именување и мандатно имунитетни прашања со која претседава Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој веќе неколку недели не закажува седница.

Двотретинското мнозинство со кое се обезбедува легитимитет во носењето одлуки, според образложението на Владата, не треба да се претвори во механизам за опструкции на клучните институции.

„Отсуството на одговорност кај опозицијата не може да биде пречка за изразување на волјата за мнозинството граѓани на земјава, волјата на граѓаните на Република Македонија ќе биде изразена на слободен и демократски организиран референдум. Време е опозицијата да докаже дали е за членство на Македонија во ЕУ и НАТО“, рече Бошњаковски.

Тој рече дека и Венецијанската комисија ја наведува потребата дека изборот на членови на некое тело, не смее да се претвори во инструмент за блокирање на клучни институции на системот.

Бошњаковски сепак се надева дека на лидерската средба ВМРО-ДПМНЕ ќе покаже волја и ќе заземе став против блокади.

„Измените се доставени, утре има лидерска средба, да го видиме резултатот, утре или ќе имаме политички консензус или предлог измените влегуваат во скратена постапка во Собранието“, изјави Бошњаковски.

Од друга страна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, изјави дека ова е скандалозно решение и бараа итно повлекување на измените на законот.

Демонстрирате политичко авторитативно однесување, а кога бевте опозиција велевте дека ќе се борите против тоа. Ова е тажен ден за демократијата и лош дена за интересите на граѓаните“, изјави Данев.

Владата ги предложи измените во Изборниот законик со кои членовите на Државата изборна комисија би се бирале со просто мнозинство, наместо со двотретинско мнозинство, непосредно пред почетокот на денешната собраниска седница.

Во текот на денот Парламентот ја изгласа потребата од донесување на измените на законот и тој ќе оди на разгледување во матичните комисии.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG