Достапни линкови

Субвенциите растат, домашното производство опаѓа


Архивска фотографија - Жетва во Пелагонија.
Архивска фотографија - Жетва во Пелагонија.

Македонија останува увозно зависна земја, покажуваат последните статистички податоци. Субвенциите успеваат да ги зголемат производството и извозот на овошје и зеленчук, но не успеваат да ја намалат зависноста од увоз. Земјоделците велат дека субвенциите не се доволни за подобрување на состојбата.

За експертската јавност не е изненадување тоа што и во 2017 година продолжил трендот на намалување на домашното производство, но и на извозот. Најновите статистики покажуваат дека за сметка на намалениот извоз, Македонија останува увозно зависна земја, а трговскиот дефицит во скоро сите ставки на храна се продлабочува.

Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев, вели дека постојат повеќе причини за ваквата појава.

„Ние на пример имаме многу ниска продуктивност, имаме отворени граници, сè поголем увоз на странски производи и едноставно не сме конкурентни. Не сме конкурентни, затоа што имаме застарена технологија на производство. Немаме исправни семиња, немаме оригинално ѓубриво. Еве, имавме пример пред некое време дека 96 видови на ѓубриво не биле исправни, значи парите се дадени, а резултати немаме“, изјави Шаклев.

Експертите веќе подолго време посочуваат дека субвенциите кои се делат во земјоделието успеваат да ги зголемат производството и извозот на свежо овошје и зеленчук, но не успеваат да ја намалат зависноста на Македонија од увоз. Дел од обвинувањата во јавноста дека парите од субвенциите се трошат ненаменски, Шаклев ги отфрла како несоодветни и несериозни.

„Знаете ли кога трошиме најмногу пари? На почетокот на жетвата. Тогаш вложуваме 80 проценти од средствата. Значи трошиме сопствени пари за кога ќе ги добиеме субвенциите да си ги вратиме нашите пари. Кога ќе ги добиеме субвенциите, толку сме истрошени и треба леб да си купиме. И викаат дека од субвенциите си купуваме плочки. Епа ајде тогаш ние земјоделците да живееме во колиби“, револтирано одговара Шаклев.

Професор Борис Анакиев вели дека не е спорно тоа што дел од субвенциите се вложуваат за подобрување на земјоделскиот стандард. Но, индикативно е тоа што парите кои се добиваат од ИПАРД фондовите за руралниот развој, а кои се наменети за опрема и механизација не се доволно искористени, вели Анакиев.

Ние добиваме околу 60 милиони евра годишно, а дали искористуваме 10 отсто. Од домашните пари за рурален развој, за механизација, за опрема исто така остануваат неискористени. Имаме сериозни проблеми во земјоделскиот сектор“, вели Анакиев.

Бројките покажуваат дека во изминатата година, на пример, расте увозот на домати, иако македонското поднебје важи за поволно за одгледување на раноградинарски култури. Професор Анакиев објаснува дека производството на домати сигурно е доволно за да го покрие македонскиот пазар, но дека извозот и увозот се во постојана трговска борба.

„Ако најде македонскиот увозник поевтини домати од Бугарија на пример, конкурентни на нашата сцена, тој ќе си увезе слободно од таму. Во рамките на трговијата нема ограничувања. Трговијата е таква, кој може да увезе, ќе си увезе. Борбата на нашите производи е да се поконкурентни. Нормално е нашите раноградинарски производи да бидат поевтини, и иако тие се произведуваат на мали површини со рачна обработка, сепак мислам дека се конкурентни“, вели Анакиев.

Според Државниот завод за статистика, минатата година индустриското производство на храна има пад за 3,6 проценти, што е влошување со оглед на падот од 2,5 отсто годината претходно. Извозот на прехранбени производи исто така паѓа, минатата година, вкупниот извоз на храна изнесувал 306,7 милиони евра, што е за осум милиони евра помалку во однос на 2016 година. Тука влегува и извозот на овошје и зеленчук, кое што учествува со без малку половина, или 150 милиони евра, што е пад за 21 милион евра.

Кај увозот на храна пак, се забележува континуиран раст со години наназад, а минатата година изнесувал 605 милиони евра, што е за 9,2 проценти повеќе во однос на 2016 година. Најголем удел во увозот на храна имаат месото и преработките од месо, со 132 милиони евра, пред овошјето и зеленчукот, со 91 милион евра, кафето, чајот, какаото и зачините со 75,8 милиони евра.

Македонија има трговски дефицит практично во сите ставки на храна, освен во овошје и зеленчук, каде што единствено имаме повеќе извоз од увоз и трговски суфицит од 59 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG