Достапни линкови

Обид за национален консензус за спорот за името


Со цел информирање на сите политички фактори, утре во Клубот на пратеници ќе се одржи координација за предложената рамка за името од медијаторот Нимиц. Владата соопшти дека очекува постигнување на национален консензус по прашањето, но дел од експертите сметаат дека тоа не е возможно, а други дека зависи од понудените решенија.

Во пресрет на утрешната координација во Клубот на пратеници за предложената рамка од медијаторот на ОН во спорот за името Метју Нимиц, експертите сметаат дека тешко ќе се дојде до национален консензус по прашањето. На средбата, како што соопштија од МНР, ќе присуствуваат, претседателот Ѓорѓе Иванов, премиерот Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Мицкоски неодамна изјави дека партијата е против промена на уставното име, но и дека е потребно достоинствено решение и што побрзо затворање на проблемот. Од ВМРО-ДПМНЕ ја поздравија и средбата на премиерите на Македонија и на Грција, на која беа најавени отстапки со цел решавање на прашањето. Но, од партијата наведоа и дека не гледаат иредентизам во имињата на аеродромот и автопатот кои премиерот Заев најави дека ќе ги менува и изразија загриженост дека земјата прави еднострани отстапки.

Универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски, во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе се емитува в недела, вели дека спорот за името може да се реши во наредните месеци, но не очекува да се создаде консензус по прашањето.

„Политичката желба околу консензусот е разбирлива. Таа секој политичар за вакви прашања ја посакува и се обидува да ја промовира. Меѓутоа решението ќе биде одржливо кое нема да задира во националниот, достоинствен идентитет и за тоа ќе биде одговорна политичката елита која го носи и отсекогаш е така во секое општество за вака клучни прашања. Во таа смисла ќе биде апсорбирано и јас мислам дека тоа прашање после месец, два ќе престане да биде тема воопшто, ако е како што очекуваме и знаеме дека ќе биде решението околу идентитетот, јазикот и името“, смета Фрчкоски.

Преговараме за да дојдеме до решение
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:42 0:00

Постигнувањето на националниот консензус, според универзитетскиот професор Беким Кадриу е потребен, како прв чекор за решавање на спорот. Дали тоа е можно, зависи од понуденото решение за спорот, наведува тој.

„Политичката ситуација во Македонија е малку наелектризирана од аспект позиција и опозиција и тоа ќе го отежне постигнувањето на национален консензус. Меѓутоа сепак се надевам, имајќи предвид дека сите политички партии се залагаат за евроинтеграциите и особено зачленувањето во НАТО, дека ќе има една позитивна клима во овој правец“, вели Кадриу.

Кадриу тоа го темели и на фактот дека Мицкоски ги поддржал премиерите на Македонија и на Грција во намерите за постигнување на консензус за спорот. Но, додава дека многу е значајно тоа што се нуди на маса и опозицијата очекува да врши притисок во текот на целиот процес.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG