Достапни линкови

Зошто Република Македонија(Скопје) е најприфатливиот предлог


Медијаторот Метју Нимиц со преговарачите Васко Намовски и Адемантиос Василакис

Додека македонските власти анализираат и се консултираат за предлозите на Нимиц, дел аналитичари велат дека Република Македонија (Скопје) е можеби најприфатливиот предлог. Идејата за името да се пишува на латиница, без англиси превoд, според нив, нема да има сериозни реперкусии.

Од петте можни предлози за решение на спорот за името, на дел аналитичари предлогот Република Македонија (Скопје) им е најприфатлив. Властите не ги коментираат можните предлози за кои наголемо се пишува во грчките медиуми. Нема коментар ниту од опозицијата. Ниту медијаторот Метју Нимиц не сакаше да ја коментира нивната содржина, но посочи дека се работи за нови идеи, кои се комбинација од претходните предлози.

Грчките власти веќе се среќаваат и дискутираат за ова прашање, а премиерот Алексис Ципрас се сретна и со архиепископот Јеронимос.

Кај нас пак на дневниот ред на владината седница во понеделникот, немаше точка која се однесува на предлозите на Нимиц. Македонските власти велат дека работат на анализа и консултации по ова прашање.

Грчки медиуми објавија дека предлозите кои ги доставил Нимиц во Њујорк на последната средба со преговарачите на Грција и на Македонија се:

Република Горна Македонија

Република Северна Македонија

Република Македонија (Скопје)

Република Нова Македонија и

Република Вардарска Македонија.

Сите со македонска транскрипција, напишани на латиница, но без превод на англиски јазик, односно Republika Gorna Makedonija, Republika Severna Makedonija, Republika Makedonija (Skopje), Republika Nova Makedonija I Republika Vardarska Makedonija.

„Сите поединечно може да имаме некои желби. Јас лично бев за Република Македонија(Скопје), други ќе ви кажат подобро е да биде Горна Македонија или Нова Македонија. За мене најбитно е да имаме решение кое ќе биде најблиску со она што ние претставуваме денеска и кое ќе ни овозможи да влеземе во НАТО и да ги отпочнеме преговорите со ЕУ“, вели професор Нано Ружин.

Професор Лазар Лазаров вели дека преговорите треба да поминат на повисока фаза, на директни преговори меѓу владите со помош на експерти. Петте предлози кои се појавија во јавноста, нам не ни одговараат, вели Лазаров. Предлозите со географски одредници не се добри, а од понудените, единствено ни одговара Република Македонија (Скопје), вели професорот.

А Нова Македонија е најлош термин, јас не сум воопшто да се прифати бидејќи ќе испадне дека ние сме дрво без корен, како да сме вештачка творба. Со тоа Македонија го губи правото на културно историско наследство од подалечното минато. Јас стојам за тоа ако не биде Република Македонија (Скопје), да биде Република Независна Македонија или Република Слободна Македонија“, вели професор Лазаров.

И професор Тони Дескоски од Правниот факултет, во разговор за Канал 5, рече дека од понудените, предлогот Република Македонија (Скопје), може да води кон решение и не задира во нашиот идентитет. Тој беше дел од експертскиот тим што ја застапуваше Македонија против Грција за прекршување на времената спогодба пред Меѓународниот суд за правда во Брисел.

Според пишувањата на грчките медиуми, јазикот би бил – јазик на Република избраната придавка Македонија или пак македонски на кирилица и на латиница( makedonski). Додека за националноста има две опции - „македонска“(mаkedonska) и во зависност од името, на пример „of the Republika Nova Makedonija“ .

Академик Богомил Ѓузел вели дека употребата на несоодветно писмо изгледа смешно.

Сè уште никој ни во светот не го изговара името на нашата држава како Македониџа, туку како Репаблик оф Мацедониа или пократко Мацедониа, така што не верувам дека тоа ќе има некакви сериозни реперкусии, освен што ако се наметне политичко решение, тоа ќе мора да се употребува, како што сега се употребува тој смешен акроним ФИРОМ“, вели тој.

Според професор Ружин, нема да има никакви влијание тоа што можното име би биде напишано на латиница, без англиски превод.

„Со тек на времето пак ќе си се вратат старите називи. Сега имаме европско во ракомет и сите не викаат Македонија, никој не нè вика ФИРОМ“, вели Ружин.

Грција бара прифатеното името да биде за целосна употреба, односно и во Македонија и во комуникациите со меѓународни институции и организации, што би значело дека ќе треба да се менува и Уставот, тоа пак не го прифаќаат македонските партии.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во изјава за грчката телевизија Антена, вели дека од новите власти како партија немаат информации за процесот, но дека ги охрабруваат, како што вели, конечно да најдат достоинствено и соодветно решение, адекватно за двете земји. Тој не коментира дали како партија имаат свој предлог за решение и вели дека нивниот предлог или позиција може да го загрози процесот, затоа ги охрабрува да најдат решение. Мицкоски не ги коментира ниту можните предлози кои излегоа по медиумите, велејќи дека тоа се само шпекулации.

За в среда е планирана средба на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас во Давос, а во наредните десет дена двете земји треба да ги посети медијаторот Нимиц.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG