Достапни линкови

Средба меѓу Заев и Ципрас како исчекор кон решение за името


Знамиња на Грција, Македонија и на Европска унија

Денешната средба на премиерите на Македонија и на Грција, од владината прес- служба велат дека претставува исчекор кон решение на спорот за името. Наскоро ќе се одржи и широка средба со претседателот Иванов и политичките фактори за рамката на Нимиц. Според експерите, процесот се подига на повисоко ниво, но треба да се биде претпазлив во оптимизмот за изнаоѓање на решение.

Премиерот Зоран Заев денеска попладне ќе оствари средба со неговиот грчки колега Алексис Ципрас на маргините на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија. Ова е прва средба на премиерско ниво меѓу двете земји и доаѓа во услови на интензивни преговори за решавање на спорот за името. Медијаторот на ОН Метју Нимиц по средбата со преговарачите во Њујорк изрази оптимизам дека прашањето може да се реши во наредните месеци. Преговорите отсега ќе се водат меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, а не преку преговарачите како што беше пракса во минатото.

Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски денеска пред средбата во Давос изјави дека во двете земји атмосферата е позитивна.

„Премиерот Заев неколку пати досега истакна дека е оптимист дека меѓу Македонија и Грција ќе се најде решение за спорот со цел да се сочува достоинството на двете страни. Во оваа насока на денешната средба, самата средба претставува исчекор напред кон решение“, рече Бошњаковски.

Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски посочува дека има придвижување и иницијатива за решавање на спорот, која доаѓа пред се од македонската страна. Но, според него, мора да се биде внимателен во подигнувањата на очекувањата. Потребна е според него, поголема инклузивност на сите политички фактори во Македонија.

„Самата поголема инклузивност и еден би рекол заеднички политички став, кој што мислам дека ќе биде неопходен ќе ги засили и аргументите на македонската страна. Тоа е многу важно. Инаку подигнувањето на преговорите на едно повисоко ниво и интензивирањето на самите средби би рекол дека е еден позитивен знак, позитивен сигнал, но не смееме да бидеме премногу оптимисти дека готово решението е пред нас и ќе се заврши тоа многу брзо“, смета Божиновски.

Владата, како што посочи Бошњаковски, го започнала процесот на анализа и на координација околу најновата рамка на медијаторот Метју Нимиц и очекуваат да изградат широк национален консензус. Средбата на која ќе се разговара за рамката и на која ќе бидат присутни повеќе политички лидери и претседателот Ѓорѓе Иванов, според него, ќе се одржи наскоро, но датумот се уште не е прецизиран.

„Во принцип сите овие елементи кои ги наведов сметаме дека одат во позитивна насока и сметаме дека и во Атина и во Република Македонија има политичка волја ова прашање да се затвори. Во специфични аспекти околу преговорите во овој момент не би навлегувал со цел да се заштитат самите преговори“, додаде тој.

Од Kабинетот на претседателот. велат дека Иванов е подготвен да присуствува на таквата средба, чиј иницијатор е Министерството за надворешни работи. И од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека ќе учествуваат на средбата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG