Достапни линкови

Со отстапките Скопје и Атина не губат многу, проблем е „ерга омнес“


Архивска фотографија- прес-конференција на премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас во Давос, Швајцарија

Според упатените, со отстапките што ги најавија премиерите на Македонија и на Грција, ниту една земја не губи многу, а се знак за добрата волја на двете страни за решавање на спорот за името.

Отстапките што ги најавија премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, се пред сè знак на добра волја меѓу двете земји кои одат во насока на решавање на спорот за името, коментираат упатените. Заев најави преименување на автопатот и аеродромот кои го носеа името на Александар Велики. Ципрас, пак, најави дека ќе ја поддржи ратификацијата на втората фаза од договорот за стабилизација и асоцијација во грчкиот парламент и кандидатурата на Македонија во Јадранско-јонската иницијатива.

Со втората фаза од договорот со ЕУ значи дека ќе се продлабочи соработката на Македонија со Унијата во областа слободно движење на капиталот и услуги, вели Симонида Кацарска од Институтот за европски политики ЕПИ. Поголемата слика пак, додава таа, е дека Македонија се враќа на европската агенда.

„Преминот во втората фаза и дава на нашата влада можност да ги мобилизира администрацијата и општеството на европската агенда. Од друга страна, јас лично не мислам дека ние многу ќе изгубиме од самите чинови на преименување но овие прашања сепак имаат индивидуална димензија“, вели Кацарска.

Таа додава дека двете процедури за кои Ципрас најави поддршка биле блокирани од Атина на некој начин премолчно со тоа што не биле ставени на дневен ред.

Освен најавените чекори, грчкиот премиер на заедничката прес- конференција инсистираше и дека посочил оти е јасно дека мора да се најде заедничко прифатливо решение односно ерга омнес. Како што претходно објасни портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос, грчката позиција е сложено име со ерга омнес кое ќе се употребува секаде односно надвор и внатре во Македонија кое подразбира како што рече и промена на уставното име.

Сепак, Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки, смета дека до промена на Уставот нема да дојде.

„Мислам дека името што се договара во моментов многу внимателно се формулира за ние да не правиме никакви отстапки во однос на Уставот. Поради оваа причина мислам и дека можеби малку се одолговлекува претставувањето на новото име во јавноста“, вели Гаџовски.

Непосредно пред средбата на двајцата премиери во Давос, министерката за одбрана и вицепремиерка Радмила Шеќеринска во изјава за Радио Слободна Европа, рече дека двете влади имале волја да преговараат на поинаков начин. Големата промена е што Атина и Скопје сега преговараат не за да купуваат време, туку за да дојдат до решение, рече таа.

„Ние сме расположени и подготвени да продолжиме на конструктивен начин да ги водиме овие преговори со цел да дојде до решение кое што ќе биде победа и плус и за Македонија и за Грција“, рече Шеќеринска.

Преговараме за да дојдеме до решение
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:42 0:00

Во меѓувреме се очекуваат следните чекори - в сабота ќе се одржи координативна средба на државниот врв за предложената рамка од посредникот Метју Нимиц на која ќе присуствуваат претседателот Ѓорге Иванов и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. Нимиц пак се очекува да ги посети Македонија и Грција од 29 јануари до први февруари, а неговата конкретна агенда се уште се подготвува.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG