Достапни линкови

Собраниската расправа за законот за јазиците е можна во идната недела


Обраќање на претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, на кое стави вето на Законот за употреба на јазиците.
Обраќање на претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, на кое стави вето на Законот за употреба на јазиците.

Повторната расправа за законот за јазиците може да се случи и следната недела, посочуваат од ДУИ. Од партијата велат дека претседателот Иванов останува претседател на една партија, а не на сите граѓани. Од Беса заклучуваат дека законот не е противуставен и не ја дели Македонија.

Пратениците ќе треба повторно да расправаат за законот за јазиците, а тоа може да се случи и следната недела, велат од ДУИ, откако вчера претседателот Ѓорге Иванов го извести Собранието дека нема да го потпише указот за официјализирање на овој закон.

Со непотпишувањето на законот за употреба на јазиците, Иванов, за жал, ќе остане претседател на една партија, а не на државата и граѓаните, изјави Артан Груби од ДУИ.

„За жал, господинот Иванов пропушти многу голема шанса да даде свој придонес и белег во заокружувањето на нормативниот дел на Охридскиот рaмковен договор, како и да придонесе кон подобри односи помеѓу двете најголеми заедници во Македонија, Aлбанците и Mакедонците и кон кохезивно општество на еднакви граѓани“, изјави Артан Груби од владеачката ДУИ.

Тој нагласи дека одлуката на Иванов да не го потпише законот не е пречка за негова имплементација, додавајќи дека на потег се пратениците во Собранието на првата следна седница.

„Зависи од претседателот на Собранието кога ќе ја свика, претпоставувам следната недела. Се надевам дека ќе успееме да имаме уште поголемо мнозинство за да го поминеме законот, за 61 не се двоумам во ниеден момент, а, за жал, Иванов ќе остане претседател на една политичка партија, а не на државата и на граѓаните“, дополни Груби.

Според Деловникот и Законот за Собрание ако претседателот одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот согласно со Деловникот, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот. По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот.

На обраќањето на Иванов реагираше и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој рече нека не е изненаден иако е разочаран од постапката на Иванов и посочи дека претседателот треба да биде кохезивен центар на општеството кој треба да ги спои етничките заедници.

Иванов: Законот за јазиците е неправеден и го фаворизира албанскиот јазик
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:23 0:00

Претседателот Иванов вчера соопшти дека нема да го потпише указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците. Тој оцени дека со овој закон се воведува многу скап паралелизам во сите органи на државната власт што води кон нивна целосна блокада и нефункционалност и оти во услови на блокада постои опасност да се отвори прашањето за уставното редефинирање и загрозување на унитарноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија.

Биљал Касами од Движењето Беса посочи дека има земји во кои во службена употреба се три јазици.

Во најмала рака законот не е противуставен и не ја дели Македонија, зошто има држави со два и повеќе службени јазици и тие се развиени и немаат поделеност. Се надевам дека ова ќе биде последен чин на претседателот кој нема да биде во служба на граѓаните и на државата. Се надевам дека до крајот на месецот пред да заврши законскиот рок од 30 дена овој закон ќе треба пак да се усвои во Собрание“, изјави Касами.

Законот за употреба на јазиците Собранието го донесе на 11 јануари, со 69 гласа „за“. Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не беа присутни на гласањето и за овој закон.

За Владата сите одредби во законот за употребата на јазиците се во согласност со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија и е чекор кон градење општество за сите.

За ВМРО-ДПМНЕ законот кој на 11 јануари го изгласа парламентарното мнозинство без присуство на оваа опозицијата е неуставен и е донесен со измама.

Паралелно со реакциите во домашната јавност коментари за законот за јазиците пристигнаа и од руското Министерство за надворешни работи.

„Коментарите на албанскиот премиер Еди Рамa во врска со легислативата за употреба на јазиците што е усвоена во македонскиот Парламент создава ризик од нови меѓуетнички судири на Балканот“, оценува руското Министерство за надворешни работи во изјава објавена на својата веб-страница во средата.

Руските новински агенции ТАСС и Интерфакс ја пренесуваат оценката на Министерството во кое вели дека имплементацијата на одредбите на овој документ би создале „ризик од ерозија на уставните столбови на македонската државност и Охридскиот рамковен договор, и, како резултат на тоа нови меѓуетнички нарушувања на Балканот. Сето тоа е поврзано со ширењето на Голема Албанија“, се вели во реакцијата.

Инаку можноста дека претседателот на државата нема да го потпише указот и дека законот ќе го врати со забелешки до Собранието, тој ја најави во неговото редовно годишно обраќање во Парламентот во кое кажа дека законот е неуставен и претставува закана по унитарноста на државата.

Со законот се предвидува на целата територија на земјава и во нејзините меѓународни односи освен македонскиот јазик и неговото кирилско писмо службен јазик да биде и јазикот кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG