Достапни линкови

Собранието го донесе законот за јазиците


Седница на Собранието на Македонија, архивска фотографија

Пратениците во Собранието го изгласаа Законот за употреба на јазиците и ги избраа Дарко Костадиновски и Осман Кардиу за уставни судии. Главна забелешка на опозицијата беше дека законот е противуставен, а власта тврди дека со законот се унапредува употребата на јазиците на сите заедници во Македонија.

За законот за јазиците гласаа 69 пратеници и сите гласаа „за“ законот. Од другите етнички заедници, освен македонската, вкупно 27 пратеници гласаа „за“, а еден беше „воздржан“ за предлог законот за употреба на јазици. За Костадиновски гласа 66 пратеници и сите гласаа „за“. За Кадриу гласаа, 68 пратеници, кои се изјаснија „за“ неговиот избор, но за него се гласаше и дополнително, односно посебно гласаа и пратеници кои се припадници на заедниците кои не се мнозинство. Од 32 кои се од заедниците, 26 гласаа „за“ Кадриу.

Претресот по овие точки без дебата, заврши во вторникот, но оти немаше кворум, гласањето беше одложено. За Предлог законот за јазици беа поднесени 90 амандмани од кои 84 се од ВМРО-ДПМНЕ, 4 од СДСМ и 2 од БЕСА.

Неуставен закон - главна забелешка на опозицијата

Комисиската расправа за предлог законот започна на почетокот на септември, но потоа беше прекината, па следуваа локалните избори, кога Собранието беше на пауза, потоа расправата за предлогот беше одложена во име на приоритетни теми, по што опозицијата почна да го бојкотира Парламентот, а за последното гласање немаше кворум.

Главните забелешки на ВМРО-ДПМНЕ беа дека собраниската комисија за европски прашања не е матична за тој закон, бидејќи тој не значел усогласување со европското законодавство, дека законот е противуставен и дека со неговата примена нема да дојде до кохезија во општеството, туку до разединување. Уште на почетокот од партијата рекоа дека ќе ги искористат сите механизми за да го спречат носењето на законот, но по притворањето на нивни пратеници за насилствата во Собранието на 27 април, тие не учествуваат во работата на Парламентот.

Премиерот Зоран Заев, пак, тврди дека со усвојувањето на законот се унапредува употребата на јазиците на сите заедници во Македонија и дека сите одредби се согласно членот 5 од Уставот.

Пратениците од ДУИ ги обвинија колегите од ВМРО-ДПМНЕ за недоследност. Според нив, додека траеле преговорите за влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ истиов тој закон не бил противуставен за партијата.

Широка дебата за важни закони

Експерти укажуваа дека вакви закони треба да се носат по широка дебата и со учество на опозицијата, а ако таа не се случи, предлагаа да се одложи носењето на законот.

ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициони партнери ја бојкотираат работата на Собранието, бидејќи шестмина нивни пратеници се во притвор. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски рече дека нема демократски услови за учество во работата на Собранието и дека првиот момент кога истите тие ќе се овозможат, тогаш нивните пратеници ќе дејствуваат според она што претходно ќе го координираат како партија и ќе биде за интересите на граѓаните на Република Македонија.

При посетата на Македонија во ноември еврокомесарот Јоханес Хан, рече дека владата и другите фактори во земјата треба да се фокусираат врз законите и условите кои се релевантни за добивање препорака, а дека Законот за употреба на јазиците не е дел од она што е договорено во овој контекст. Но реформите во судството, во разузнавачки служби и во администрацијата, иако итни сè уште не се донесени.

Што предвидува законот?

Со законот се предвидува на целата територија на земјава и во нејзините меѓународни односи освен македонскиот јазик и неговото кирилско писмо службен јазик да биде и јазикот кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо. Во сите органи на државната власт, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно со закон и други институции, службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото писмо, ќе биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Македонија и неговото писмо.

Предлог законот предизвика остри дебати во јавноста. Реагираа и професорки од Институтот за македонски јазик, според кои одредени точки од предлогот се правно и суштински штетни за јазичната политика и за државните интереси на Република Македонија. И други експерти преку писма бараа повлекување на законот, оти, како што наведуваа, е неуставен и може да ја наруши хармонијата и кохезијата на македонското мултиетничко и мултијазично општество.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG