Достапни линкови

Што и кој ќе биде на насловните страни во 2018?


Каква ќе биде втората година од мандатот на американскиот претседател Доналд Трамп чиј избор е под сенка на можното руско мешање во изборите? Зошто претседателските избори во Русија не носат никакво изненадување во врска со победникот? Дали Европската унија треба да се грижи за преговорите со Британија околу нејзиниот излез од Унијата? И кој ќе биде на врвот на листата најразвиени земји во светот?

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој кон крајот на 2017 година потсети зошто станал претседател:

„Кога дојдов на функцијата, ветив дека ќе ги разгледам предизвиците на светот со отворени очи и со многу свежо размислување“, рече Трамп.

Токму ваквиот, како што вели политичкиот аналитичар и професор на Американскиот универзитет Леонард Стајнхорн, инатски однос на претседателот Доналд Трамп спрема медиумите и американскиот политички естаблишмент со сигурност ќе остане константен.

„Така и за Доналд Трамп, очекувајте да продолжи со кампањата, да продолжи со попречување, да продолжи со притисок против луѓето за кои смета дека никогаш не го прифатиле или не ја прифатиле неговата база. И мислам дека тоа е она што ќе се случи во текот на следната година“, вели тој.

Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп

Сепак, според Стајнхорн, во тоа Трамп ќе се соочи со една голема пречка, односно истрагата на специјалниот советник Роберт Мулер за тоа дали изборниот штаб на Трамп имал врски со Русија:

„Како што жешкото ќе се приближува кон внатрешниот круг на Доналд Трамп, поблиску до Овалната соба, не е јасно што ќе направи Доналд Трамп. Ќе се обиде ли да помилува некои луѓе, да речеме Џаред Кушнер, ако почувствува дека е загрозен Џаред Кушнер“, прашува Стајнхорн.

Сепак, тој смета дека биле претерани предвидувањата оти Трамп би можело да поднесе оставка или да му биде поднесен импичмент.

Претседателски избори и Светско фудбалско првенство во Русија

Во Русија, пак, часовникот чука за два многу исчекувани настана: претседателските избори во март и Светското фудбалско првенство. Тоа го вели рускиот новинар Михаил Зигар:

„Светскиот куп на ФИФА. Тоа е најважниот настан за Русија и Владимир Путин нема да го пропушти. Тој ќе биде домаќин. Тој ќе се трка и повторно ќе биде избран. Тоа е планот. Без никакво сомневање“, вели Зигар.

Опозициската кандидатка за претседател на Русија, Ксенија Собчак
Опозициската кандидатка за претседател на Русија, Ксенија Собчак

Кон ова предвидување оди во прилог и фактот дека Путин нема посериозен кандидат. На опозиционерот Алексеј Навални му е забрането да се трка поради обвинувања за криминал за кои тој вели дека се политички мотивирани. На руската телевизиска ѕвезда Ксенија Собчак, пак, никој не гледа како некаква закана за Путин:

„Тие се сомневаат дека таа е противник, кој нема да биде опасен, бидејќи таа не е омилена. Таа е популарна, но не е омилена. Од друга страна, таа е сè уште е дел од елитата“, вели Зигар.

Преговорите за Брегзит

Што се однесува до Европската унија фокусот во 2017 година ќе биде врз преговорите за британската одлука да ја напушти Европската унија.

„Имавме многу добри дискусии, со нетрпение ги очекувам дискусиите утре за идните трговски односи и безбедносните односи“, рече британската премиерка Тереза Меј.

Британската премиерка Тереза Меј
Британската премиерка Тереза Меј

Притоа таа најави дека Британија ќе ја напушти Унијата на 29 март 2019, но оти ќе продолжи да биде поврзана со европските правила за време на транзицискиот период од две години.

И покрај напредокот, Стивен Блокманс, шеф на Центарот за европски политички студии вели дека следува тешка година:

„Доналд Туск беше многу јасен во обидот да избрише секаков ентузијазам во никнување во декември, велејќи дека разводот е тежок, но оти обликувањето на вашите односи по разводот всушност е многу потешко. Тоа секако се однесува на трговскиот аспект на билатералните односи во кој треба да одиме во значителна длабочина и детали“, вели Блокманс.

Следните преговори со Британија ќе бидат и своевиден тест за кохезијата на Европската унија која и онака е нарушена во врска со уште еден проблем:

„Другите прашања секако ќе бидат во врска со справувањето со миграцијата, бегалците. Мигрантската криза продолжува со несмалено темпо, дури и ако не ги фати насловите на вестите тоа ќе продолжи да биде тема во 2018 година“, вели Блокманс.

Економскиот раст на Индија и на Кина

Што се однесува до глобалната економија, растот од неколку проценти на Индија и Кина, покажува дека двете најнаселени држави во светот се утврдуваат на врвот на списокот на најразвиени земји. Пурнима Вориа од Индиско-американската трговска комора вели дека Индија постојано ги зголемува нејзините можности и либерализација за побрз развој:

„Токму сега луѓето секогаш се фокусираат врз Кина кога сакаат нешто на масовно ниво и сакаат да бидат евтини. Но, мислам дека Индија треба да исчекори и да биде лидер во преработувачката индустрија, која ќе се заложи за вработување, како и за економските бројки за кои зборуваме“, вели Вориа.

Кинескиот претседател Си Џинпинг
Кинескиот претседател Си Џинпинг

Сепак, според некои, 2018 која е година на „Ву Су“, инаку и двата збора на кинески значат „земја“, ќе биде многу поволна за Кина. Мајсторот по фенг шуи и астролог Донг Јилин вели дека тоа значи оти сите елементи се на страната на Кина. Тој предвидува дека Кина ќе има поголема поддршка од другите земји, особено во економските прашања:

„Треба да кажеме дека тоа е година на подем. Во изминатите неколку години економијата остана на рамно ниво и 2018 година ќе се види очигледно подобрување. Во 2018 година, сите земји ќе вложат големи напори за растот на економијата и финансиите“, вели Донг Јилин.

Тоа беа некои од предвидувањата за 2018. Но, како што вели аналитичарот Леонард Стајнхорн, ако нешто минатата година успела да докаже, тоа е дека правењето политички предвидувања често пати е бесцелна вежба.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG