Достапни линкови

Нуклеарна војна со зборови меѓу САД и Северна Кореја


Вербален нуклеарен судир меѓу Доналд Трамп и Ким Џонг Ун
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:25 0:00

Вербален нуклеарен судир меѓу Доналд Трамп и Ким Џонг Ун

Американскиот претседател Доналд Трамп преку Твитер му одговори на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, кој претходно се пофали дека имал нуклеарно копче на неговата работна маса. Трамп во пораката вели дека неговото нуклеарно копче било „многу поголемо и помоќно“.

Во пораката притоа Трамп наведува: „Дали некој од неговиот исцрпен и гладен режим ќе го информира дека и јас имам нуклеарно копче, но тоа е многу поголемо и помоќно од неговото, и моето копче работи“.

Во телевизискиот говор во понеделникот, Ким Џонг Ун изјави дека „целата територија на Соединетите држави се наоѓа на дофат на севернокорејското нуклеарно оружје чие копче е на неговото биро.

„Ова е реалност, а не закана“, констатира тој во новогодишниот говор во кој додаде дека неговата земја ќе продолжи со „масовно производство“ на нуклеарни боеви глави, што е спротивно на резолуциите на Обединетите нации.

Во истовреме тој изјави дека е „отворен за дијалог“ со Јужна Кореја.

Тој, исто така, рече дека е отворен и за можноста севернокорејски спортисти да учествуваат на Зимските олимписки игри што во идниот месец ќе се одржат во Јужна Кореја.

Во вторникот официјален Сеул понуди разговори со Северна Кореја со цел намалување на тензиите околу нуклеарните и ракетните програми на Пјонгјанг.

Денеска пак, Северна Кореја соопшти дека воведува жешка линија со Јужна Кореја со цел да биде воспоставен меѓу корејски дијалог за подобрување на односите на двете земји.

Претходно официјален Вашингтон изрази сомневање во врска со намерите на севернокорејскиот режим за започување дијалог меѓу Пјонгјанг и Сеул.

Портпаролката на Стејт департментот Хедер Нојерт изјави:

„Ако Република Кореја и Северна Кореја сакаат да имаат разговори, тоа е во ред, но ние не сме уверени дека Ким Џонг Ун е искрен и веродостоен во неговите разговори“.

Според неа, севернокорејскиот лидер можеби се обидува да стави некаков вид клин меѓу Соединетите држави и Јужна Кореја:

„Можам да ве уверам дека тоа нема да се случи. Политиката на Јужна Кореја и на САД не се смени, ние и натаму сме за денуклеаризација на Корејскиот полуостров“, додаде таа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG