Достапни линкови

Година во Дур и во Мол или Парадокс година


На првиот ден во Новата година ви ги претставуваме уметниците и културни дејци коишто во изминатиов период оставија убав белег на домашната и на меѓународната сцена.

Емилија Потевска Попивода е пијанистка, педагог и душата на фестивалот за современа музика „Модоарс“. Таа знае да каже дека, и покрај симболичната помош од институциите, годинава што измина може да ја нарече успешна и на личен и од професионален план и кога станува збор за манифестацијата што ја организира. Таа, проветрувајќи го изминатиот период, вели дека исклучително успешни биле нејзиниот мултимедијален концерт во февруари во Музејот на современа уметност во Скопје, потем заедничкиот со црногорската сопранистка Милица Добај и гостинката, поетесата Наташа Сарџоска, перформансите во Брисел и Будимпешта на кои го свирела проектот „Македонска приказна“ базиран на ноктурната на Димитрије Бужаровски...

Ема Потевска Попивода, пијанистка
Ема Потевска Попивода, пијанистка

„Сметам дека ова навистина беше добра презентација на македонската култура и музика. Публиката во Брисел и во Будимпешта имаше прилика да ги слушне македонските народни песни во една класична преработка з пијано и тоа беше проследено со повеќе од убав интерес на тамошните медиуми“, вели таа.

please wait

No media source currently available

0:00 0:15:15 0:00
Директен линк

Ликовниот уметник Стефан Димовски истакнува дека 2017 година била убава година за него. Бил прилично активен во реализацијата на неговата самостојна изложба во Културниот дом „Кочо Рацин“, во Галерија „Кора“, каде што се претставил со 40-на дела во комбинирана техника. Исто така редовно бил присутен на групните изложби на ДЛУМ, при што на онаа насловена „МиниАРТура“ стана добитник на ЗЛАТНА ЧЕТКА.

„Златната четка не ја доживувам само како инструмент на нанесување боја на платно туку може да се каже дека јас како уметник во изминатата година со позитивни бои сум ги обоил срцата на многу луѓе. Тие ја прифатиле мојата уметност, таа предизвикала одредена реакција, одредена емоција и тука можам да кажам дека несомнено уметникот има исклучително важна улога со својата „четка“, вели Димовски.

Стефан Димовски, сликар
Стефан Димовски, сликар

Оливер Јосифовски, пред да ги рашири крилјата и со Вера Јосифовска и нивните музички собеседници од ЉУБОЈНА да одлетаат за Австралија за да на „нашите туѓнци“ и сите добронамерници им дарат луди непарни ритми и многу срцевина и медитеранска сончевина, знае да каже дека за нив 2017 била година на патувања и концерти. Дека со раширени раце ги примиле на Балканот, во Белград, Загреб, дека за една хрватска продуцентска куќа излегол нивниот „Радио Љубојна“ на винилска (жолта) плоча и згора имале убаво гостување на еден фестивал во Казакстан.

„2017 година на мој личен план некако ми беше и во дур и во мол. Некако тегава, жилава и само што почнав да ја „варам“, некако одеднаш, неосетно ми заврши“, вели тој.

Сликарката Марија Светиева вели дека овој изминат период и бил најплоден во трите децении творештво. Дека јубилејот го одбележала со едно ликовно претставување во Венеција, по што следувале уште неколку самостојни изложби за да седмата и се случи во берлинскиот Прима центар.

„Во изминатиот период завршив со творештвото кое беше посветено на екологијата. Сето она што го восприемав гледав да го прикажам на мој начин се со цел да ја разбудам свеста на луѓето, на оние коишто можат нешто да направат за нашата планета. Да и порачам ако веќе можат да нешто за сите нас конечно да повлечат еден таков потег бидејќи како изминува и последниот момент“, вели Светиева.

Марија Светиева, сликарка
Марија Светиева, сликарка

Виртуозниот мултиинструменталист, композитор и диригент Џијан Емин смета дека минатава 2017 беше „парадокс година“. Во неа тој имал можност да работи на најразлични проекти од кои како она најблиску до него, она што тој го работи како музика и како начин на изразување, го издвојува оној што го изработи на новата платформа Neuland и кој се одржа на 25 ноември во Мала станица, во Националната галерија на Македонија. Тогаш зад него имал огромен оркестар и специјална техничка подршка од Холандија и можност да потпише високо продукциско и уметничко дело со кое заокружува еден значаен период од своето делување.

„Ова беше парадокс година. За некој многу тешка, за друг лесна, за трет весела и дефинитивно за некого многу тажна. За некои беше потполно на Исток, за други на Запад. Од таму музиката што би ја извел, а да речеме би се базирала на овие чувства и емоции, на таквите сознанија, би ги содржела во тоа едно и единствено парче токму сите нешта. Трескање од земја, дигање до врв, до небо, и расфрлање а сите страни. Дури и хаотично на моменти. Во најразлични правци и вектори и повторно спојување во една точка. Но не за долго, со ново распрскување и збирање, за конечно да се создаде едно јадро и човек да си дојде на своето“, вели тој.

Џијан Емин, музичар
Џијан Емин, музичар

Наташа Сарџоска знае да каже дека изминатата година за неа била многу, многу поетски плодна. Вели дека кога би можела да ја преточи, презамисли или стокми во некој книжевен жанр тоа дефинитивно би бил патеписот. Себе си во него се доживува како некој провансански поет, пејач или трубадур(ка) затоа што имала еден низ на поетски настани кои сите биле поврзани со музика. Тргнувајќи од перидот поминат во Ријека, Хрватска каде работела на Универзитетот, потем преку една прекрасна поетска дружба во куќата на Џојс во Трст, Италија, па поетскиот фестивал во Џенова и сè така до номинацијата за наградата „Браќа Миладиновци“ која и овозможила гостување на поетскиот фестивал „Арс поетика“ во Братислава, Словачка, каде што првпат ја пеела својата поезија...

„Себе си се замислувам ете како тој некој провансански, трубадурски поет – пејач којшто патува од аеродроми, преку возови, автобуски станици, железнички станици, чекални, хотели, хотелски соби. Пишувам на ливчиња, на автобуски или метро карти, понекогаш на сопствената кожа или рака, затоа што сите тие собитија, сите тие импресии, впечатоци што таа патеписна книжевност ми ги отворила зовривале во мене како некаков поетски полнеж којшто сум сакала да го преточам во повеќе искази и изрази“, вели таа.

Наташа Сарџоска, поетеса
Наташа Сарџоска, поетеса

Актерот, пантомимичар и уличен артист Војо Цветановски појаснува дека зад него е период во кој тој и неговите содружници макар само и за еден ден го добиле Урбан фест или Фестивал на живите статуи и останатите, дека потоа во Гевгелија им се случил Статуа фест, и згора тие како ТЕАТРО биле дел од фестивалите во Линц, Љубљана и во Загреб.

„Оваа година по многу нешта се ослободивме од многу работи. Ние како ТЕАТРО ги скинавме оковите во кои бевме оковани како продукција и започнавме да ја уживаме комплетната слобода. Затоа она што јас би го насликал, би го направил како акт на уличен перформанс е „Победа и ослободување“, вели тој.

Војо Цветановски, пантомимичар
Војо Цветановски, пантомимичар

Кога сме веќе кај слободата, кај оние кои немаат и не сакаат да имаат влакна на јазикот, некаде кон крајот на оваа 2017, во рамките на фестивалот „Таксират“ беше промовиран новиот, шести по ред албум на скопските старо-ново „примитивци“, рокенрол бандитите КУЛТУРНО УМЕТНИЧКИ РАБОТНИЦИ. Објавата бандата ја наслови сликовито „Курви“, притоа земајќи ги на мета локалните „политичари“. Во овој контекст она по свое еве што знае да декларира еден од најистурените, народниот филозоф Марјан Мац Китановски.

„Едно видување мое е дека политиката е курва. Како таква не може една да биде, значи дека ги имаме две. И, кога веќе се две несомнено тие секогаш ќе се закачкаат и ете ти војна. И тоа“, вели тој.

Марјан Мац Китановски, музичар
Марјан Мац Китановски, музичар

И по ваквите поединечни видувања, кругот на желби и очекувања ќе започнеме со боите и енергиите во сликите што допрва ќе бидат создадени од Светиева Ергас.

„Сè би одела со веселост и мислам дека ќе биде подобро бидејќи скриено во сите нас има поголема човечност и таа човечност понекогаш треба да се поттикне за да излезе на виделина. За добро на сите“, вели таа.

Оливер Јосифовски, пак, си пожелува 2018-та да биде постабилна за да ги испеглаат сите тие „бушави звучни бранови“ што ги имаат во себе и се подготвени да ги споделат со сите љубители на убавата музика.

„Оваа 2018 година сигурно ќе биде исполнета со многу работа и со многу напор за да се „испеглаат“ сите тие бушави бранови, сите тие музички треперења. Сето тоа да не воведе во една постабилна зона, прво тука кадешто живееме, и да се најдеме во позиција да создадеме една поубава атмосфера со нашето творење. Онака како што впрочем бидува бидејќи уметноста во основа служи за разубавување на светот“, вели тој.

Љубојна, музички состав
Љубојна, музички состав

И, кога сме веќе кај музиката и нејзиното терапевтско дејство, Војо Цветановски со најава на нов акт.

„Тој акт што е во подготовка се вика „Контрабас“ и треба да биде готов некаде околу 10 јануари. Едноставно сакаме со песна да ни тргне оваа 2018 година и затоа ја ставаме во преден план музиката како решение за нашето претставување“, вели Цветановски.

Кон ова еве го и уште еднаш со своето стручно мислење нашиот културен деец и филозоф Марјан Мац Китановски. Тој верува во победата.

„Јас мислам дека рокенролот како таков не може да престане и да исчезне. Секогаш ќе има бунт, гневни деца, некои постари без влакна на јазикот, нешто сигурно ќе се одвива на тој план. А ние како Културно-уметнички работници ќе имаме доста добар материја за презентација и дека уште имаме силни заби за кршење камења. И ќе победиме“, вели тој.

Е, ако победата е веќе извесност тогаш и по неа, во времето на „живот за сите“, особено нагласено останува мисијата на уметниците. И, нивната потреба за следен исчекор од себе кон другите. Наташа Сарџоска си пожелува пресврт, обнова на сопствениот живот.

„Сите тие осамени светла што сум ги засведочила на тие чекални, авиони, возови, железнички станици, секакви станици, па дури и љубовни станици – она кога чекате некого и тоа е еден вид на станица, ете сакам да ги преточам во проза. Во расказ. Како што еден стих на Франко Фортини вели: Да не го силиме зборот. Тие за размисла, тие за чинење. Некако посакувам да одам во таа насока на конкретно дејание. На нешто што ќе ми даде некаков пресврт. Да го обновам мојот живот или да го ставам под знак прашање“, вели таа.

Стефан Димовски сугерира користење на повеќе боја во животот и најавува изложба во Сеул, Кореја.

„Мораме да користиме повеќе боја во животот за да излеземе од сивилото кое посебно во овие зимски денови и воопшто е нагласено присутно. И не само кај уметниците бојата мора да биде присутна едноставно кај сите нас. Да го следи секој наш исчекор“, вели тој.

И, конечно за крај – Џијан Емин како и некои други за лековитите својства на музиката и со сериозни најави за големи и квалитетни концертни случувања.

„Си ја имам таа привилегија кога ми е тешко, кога ми е лошо, да си седнам и да си направам музика за да си се излечам. Или кога ми е добро, кога летам, сам да си земам инструмент и да си посвирам. Да си направам музика со која ќе се веселам. Да им се радувам на убавините на животот, на случувањата и сè друго. За нареднава година ќе има бројни случувања. Деновиве патувам во Будимпешта каде обата концерти со Дерик Меј ни се продадени. Потоа во Македонија ме очекуваат настапите со Феми Кути и со оркестар, со Руичи Сакамото и со Филармонија, тука е и оној со Рој Аерс. Навистина ќе биде силно и сериозно“, завршува тој.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG