Достапни линкови

Исцеди уметност на седмиот Анимакс Скопје Фест


plakat animax final A3

Педесет и еден филм, од кои 10 наменети за деца, ќе бидат прикажани во официјалната програма на седмото издание на Меѓународниот фестивал за анимиран филм Анимакс Скопје Фест што, во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, од 21 до 24 декември ќе се одржи во Кинотека на Македонија. Манифестацијата годинава ќе се одвива под мотото „Исцеди уметност“.

Поместен во термин кој директно ја допира новогодишната атмосфера, на домашната културна јавност и посебно на оние кои ги преферираат анимациите, од 21 до 24 декември, ќе им се обистини седмото издание на Анимакс Скопје Фест. А, годинава на Меѓународниот фестивал за анимиран филм во официјалната конкуренција ќе бидат прикажани 51 филм, од кои 10 за деца, одбрани од пријавените рекордни 3.156 анимации од 88 земји во светот, меѓу кои најголем број од САД, Англија и Франција, но и од Германија, Индија, Иран, Шпанија, Русија, Бразил и други.

Голем дел од нив, остварувања кои ќе се натпреваруваат за признанијата „златна, сребрена и бронзена тула“, се носители на престижни награди или победници на светски филмски фестивали за анимации од А категорија.

За тоа, пак, овојпат ќе одлучува жири во чиј состав се руската аниматорка Наталија Березоваја, српскиот интернет треш аниматор Данило Дабиќ (Звогањ) и нашата Соња Јаќоска Самарџиева, уредничка на играно-документарна програма во Македонска телевизија.

Инаку, по минатогодишната заложба „За нагоре“, седмото издание на оваа манифестација, која патем подеднакво го подгрева љубопитството и на возрасните и на децата, ќе се одвива под мотото „Исцеди уметност!“.

​Говорејќи за него, за неговата симболика, Кузман Кузмановски, првиот човек на Анимакс Скопје фест и на продуцентската куќа Аурипигмент, ќе рече дека тоа се наметнало како сублимат од сето она што не опкружува. Од глобалната тенденција којашто се чувствува околу нас. Од она што постојано како да не притиска и цеди.

„Имаме некоја постојана борба на системи на вредности. Се пропагираат одредени постулати за живеење, кој да речеме се сега новост во однос на досегашното наше битисање. Убавината е онаа што ќе го спаси светот и е оној духовен двигател на луѓето според Достоевски. Ние сфативме дека тоа, таа размисла е од една страна, а од друга беа огромниот број филмови коишто дојдоа на конкурсот, така што навистина бевме приморани да направиме концентрат, да исцедиме уметност онаму каде што има. Да ги најдеме есенцијата, суштината и мислам дека успеавме во тоа“, вели Кузмановски.

Во фокусот на Анимакс 2017 наново ќе бидат најмладите. Всушност организаторите се решиле малку засилено да работат на сопствената идеја за анимацијата како можност за творење, па така ќе бидат организирани две работилници за деца.

Ментор на првата е Хрвоје Селец, директор на хрватскиот фестивал за анимирани филмови за деца ВАФИ од Вараждин, а со работилницата за стоп анимација за деца, која е планирано да се одржи на 23 декември во 14.00 часот во Кинотека на Македонија, ќе раководи славната руска аниматорка Березоваја. За време на оваа работилница ќе биде проектиран и нејзиниот познат филм за Свети Василиј Блажен.

„Секоја уметност е и онака ангажирана, кој како и да тврди нели? Меѓутоа ваму каде што може да се обликува една човечка душа и тоа што ќе го дадеме како уметнички резултат ако успее да допре до децата и да повлијае за нивниот понатамошен раст и развој, тоа навистина за мене е погодена мисија“, дополнува Кузмановски.

​И колку за потсетување Анимакс Скопје Фест е прв и единствен фестивал на анимиран филм во Македонија. Цел на фестивалот е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.

Манифестација се одвива во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со филмското училиште Тинтири-Минтири и Кинотека на Македонија, а со поддршка од Агенција за филм на Република Македонија и Град Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG