Достапни линкови

Македонска филхармонија со концерт за легендарниот Шпато


Драган Ѓаконовски Шпато
Драган Ѓаконовски Шпато

„Филхармонија за Шпато“ е насловен концертот што Македонската филхармонија ќе го одржи овој четврток, на 21 декември, во 20 часот. Концертот му е посветен на македонскиот музички маг Драган Ѓаконовски-Шпато по повод 30 годишнината од неговата смрт, а со оркестарот, ќе диригира Џеси Милинер од Германија.

„Беше крајно време да преминеме од некакви декларативни признанија за тоа што беше Шпато и каков беше неговиот придонес“, ќе рече Ванчо Димитров, авторот на монографијата „Шпато – музичка легенда“, некаде во март 2011 година, не многу по промоцијата на книгата во која тој се осврна на приватниот и пред сè, професионалниот живот на Драган Ѓаконовски.

Од тогаш помина повеќе од половина декада, во која СОКОМ со концерт посветен на генијот ги отвори Деновите на македонска музика и ги отпечати класичните композиции на компилација, дел од тоа некако понагласено се заврте по медиумите... за да конечно го дочекаме и моментот кога еден голем оркестар, во случајов Македонската филхармонија, се реши да реализира проект каков што доликува на легендата.

Од таму, насловен како „Филхармонија за Шпато“, концертот што е планирано да се случи в четврток, на 21 декември, во 20 часот, а по повод трите децении од смртта на македонскиот музички маг Драган Ѓаконовски-Шпато, со право однапред израснува во културен настан од големо значење и нешто што со право ќе го возбуди предновогодишно Скопје и за коe ќе се бара карта повеќе (што отвора простор дека во Институцијата треба сериозно да размислат дали можеби и не е време ваквите и слични проекти и да бидат репризирани?!).

И, ако на ова му се додаде дека таа вечер ќе бидат изведени едни од најубавите композиции на Шпато, како „Далечен крај“, „Те носам во себе“, „Глас од далечината“, „Без повраток“, „Дојди есен“, „Молчи една долина“, „Убава со како музика“, „Зар вистина е крај“, „За нас почнува живот“...дека на сцената, заедно со Оркестарот, ќе има и бенд во чиј состав ќе бидат: Мартин Ѓаконовски – еден од најценетите и најбарани европски контрабасисти, пијанистот Гордан Спасовски, Левин Ѓаконовски на тапани и Франческа Рајтер на виолина, дека како гости ќе настапат џез пејачот Џон Илија Апелгрин и саксафонистот Кирил Кузманов и сето тоа ќе се одвива под диригентство на маестро Џеси Милинер од Германија, композитор, аранжер и пијанист, кој е задолжен и за оркестрациите на дел од композициите, тогаш сè си доаѓа на свое место. Онака како што и несомнено прилега.

Инаку, не случајно велат дека голем си колку што ти е големо делото. А, Драган Ѓаконовски Шпато бил гениј. Тој ги поставил темелите на нашата џез и забавна сцена и ја сместил Македонија на мапата на светските музички текови.

За неговата творечка мисла доволно речовито говорат не само творбите како „На игранка“, која напишана во 1948 година и неофицијално се смета за првата македонска џез композиција, „Поздрав до оркестарот“, „Гарача“, потем „Лени“ и бројни други песни... туку и фактот што Шпато оформил и раководел голем број оркестри групи и ансамбли како Ритмичкиот секстет, Гудачкиот ансамбл, Танцовиот оркестар и Биг бендот на МРТВ. Тој остварил огромно творештво од над 3.000 аранжмани, стекнувајќи реноме на досега ненадминат оркестратор.
Конечно за него се говорело дека има извонреден слух. Со таа моќна алатка Шпато практично можел да чуе секаква мелодија и оркестрација.

Од таму никого и не изненадуваат зборовите на исклучителниот композитор и пијанист Ладислав Палфи, кој во една пригода ќе забележи:

„Со својата музичка генијалност тој беше далеку над времето во кое забавната музика и џезот се наоѓаа во Македонија. Беше единствен по својата способност да ги дешифрира тонските снимки. Тоа не беше препишување, туку една вистинска музичка креација. Од таа музика тој правеше совршени аранжмани за скромните музички ансамбли“

И кон ова посегањето по писанијата за Шпато на виделина ги вади и следниве факти.

Драган Ѓаконовски (1931 - 1987) потекнувал од музичко семејство. Најпрвин изучувал виолина, а потоа и хармоника и како член на семејно трио (заедно со татко му Васил и неговиот постар брат Хари) ги имал и првите јавни настапи. Всушност, настапот на триото „Шпато“ на програмата на Радио Скопје се смета и за почетокот на македонската забавна музичка сцена. Подоцна, Шпато почнал да ги проучува сите инструменти и да аранжира музика од, во тоа време, славните звучни имиња и особено да ја следи џез-музиката.

Средното музичко училиште го завршил во Скопје кај почитуваниот проф. Стефан Гајдов, и паралелно формирал и свирел во мали состави, меѓу нив и во поголемиот ансамбл „Саџо“ (1948) - Студентски аматерски џез-оркестар, создавајќи ја својата прва композиција „На игранка“, компонирана во стил на блуз дванаесетерец.

Главно, Шпато пишувал, аранжирал и снимал за потребите на Радио Скопје, тогаш единственото и културно прибежиште на уметниците, каде останал до крајот на својот работен век, а раководел и со Оркестарот на милицијата, Ритмичкиот секстет на Радио Скопје, од кој во 1956 година се формира поголемиот Забавен оркестар, а во 1961 година Танцовиот оркестар, подоцна Биг-бенд на Радио Скопје, каде Шпато бил негов прв диригент.

За Шпато кружат многу легенди, а едната од нив е мошне интересна и неговите колеги ја сведочат: Тој го гледал филмот „Бал на вода“ 36 пати и успеал да ја запише, по слух, музиката од целиот филм.

Бил и еден од најпознатите композитори и во рамките на поранешна Југославија, учествувајќи на тамошните фестивали и здобивајќи се со многубројни награди. Песната „Еден бакнеж“, на пример, изведена на фестивалот „Опатија“ во 1962, во негов аранжман доживеала погромен успех.

Згора на тоа од посебно значење за македонската музичка сцена е формирањето на познатиот вокален квартет „Импулси“ (1969) со кого Шпато остварува исклучително плодна творечка активност.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG